Култура
Филмови на израелски и палестински автори ќе се прикажуваат во Скопје за да се подигне свеста, настанот е хуманитарен
Во солидарност со сите цивилни жртви на долгиот конфликт помеѓу Израел и Палестина, на 16 ноември, во барот „Котур“ се организира хуманитарен настан на проекции на филмови. Целта на оваа проекција е да се сподели содржина што може да придонесе кон подигнување на свеста за самиот конфликт, но и од потребата за солидарност со цивилните жртви.
Селектираните филмови се добиени во согласност со нивните автори, кои ѝ самите гледаат на филмот како на платформа за солидарност и алатка за критичко промислување и градење перспективи, кои одат преку доминантните сензационалистички наративи на медиумите.
На настанот ќе биде поставена продажна изложба, каде што ќе може да се купат дела од ликовните уметници од независниот уметнички колектив „Кула“. Собраните сретства ќе бидат донирани во хуманитарни организации, кои дејствуваат во Појасот Газа.
Проекциите ќе почнат во 17 часот, влезот е со донација.
Филмовите ќе бидат проектирани во следниот редослед:
17 часот – Нема време за славење (2018) од Руба Саламех и Фадва Наамна
Ова дело е иницијатива на кураторката Фадва Наамна и на Руба Саламех, визуелна уметница. Документарниот филм е снимен во краток временски период, без буџет и опрема. Млади палестински уметници развиваат независни културни и уметнички центри во градот Хаифа, кој е познат по неговата малку напната средина и коегзистенција меѓу Арапите и Евреите. Стремежот за независност и борбата за слобода на изразување продолжува и во сенките на рестриктивната влада, која постојано промовира контрола врз уметничката продукција и фондовите за уметничка продукција.
18 часот – Тивкиот протест. Ерусалем 1929 (2019) на Мухасен Насер-Елдин
Овој краткометражен филм на режисерката Мухасен Насер-Елдин ја раскажува приказната за 26 октомври 1929 година кога Палестинките го почнаа своето женско движење. Приближно 300 жени се собраа во Ерусалим од цела Палестина. Тие одржаа тивки демонстрации преку автомобилски конвој за да протестираат против пристрасноста на британскиот висок комесар против Арапите во бунтот Бурак.
18.30 часот – Реколекција (2015) на Камал Алџафари
Филчмот „Реколекција“ (2015) користи материјали од израелски и американски филмови од шеесеттите до деведесеттите години, каде што протагонистите се избришани од сликите оставајќи го зад себе само празното опкружување на градот. Самото сеќавање снима и меморијата на целата заднина е зачувана од екранот.
20 часот – Ова мора да е рајот (2019) на Елија Сулеиман
Елија Сулејман ни зборува за Палестина не како нешто што постои туку како идна можност гледајќи ги младите Палестинци, кои танцуваат во ЛГБТ+ клуб во Хаифа. Критичкиот поглед на Елија Сулејман е насочен кон светот, кој станува сѐ понеправичен и каде што контролата врз телата и нивното движење нѐ потсетува сѐ повеќе и повеќе на палестинската ситуација.
22 часот – Законот во овие делови (2011) Ра’анан Александрович
„Законот во овие делови“ е израелски документарен филм од 2011 година, режиран од Ра’анан Александрович, кој го истражува судскиот систем управуван од израелските одбранбени сили на Вест Бенк, Палестина. Документарецот е поделен во пет поглавја и ја разгледува правната историја на израелската окупација на арапските територии. Александрович интервјуира голем број судии, кои беа одговорни за извршување на наредбите на воените команданти.
23.30 часот – Три логични излези (2020) на Махди Флеифел
Во „Три логични излези“, Махди Флејфел се враќа во кампот „Аин ел-Хелве“, палестински бегалски камп во Либан. Самиот уметник има палестински корени и го придружува Реда, кој сѐ уште живее таму, уште од детството. Приказната на Реда е ставена во поширок контекст и функционира како претставување на многубројни Палестинци чие постоење во Либан е безнадежна стагнација и чекање. Изгледа дека единствениот излез за младите е да се предадат на консумација и продажба на дрога, да се приклучат на некоја од бунтовничките фракции или да емигрираат – три логични излези – единствените стратегии за справување за живот обележан со експлоатација, дискриминација и расизам.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

