Култура
Kонцертот со наслов „Татковина“ oвој четврток во Македонската филхармонија
Овој четврток на концертот насловен „Татковина“ под диригентската палка на маестро Сашо Татарчевски, ќе настапи еден од најпосветените музички уметници кај нас, виолинистот Бојан Илкоски.
На програмата ќе бидат изведени виртуозниот Концерт за виолина и оркестар бр.1 од Николо Паганини (1782 – 1840), исклучително виртуозно дело кое не ги рефлектира само техничките способности на оној што го изведува, туку овде се јасно воочливи и квалитетите на композиторот и Симфонија бр. 4 во де-мол, оп.120 од германскиот композитор Роберт Шуман (1810 – 1856) опишана како негова најмаестрална композиција.
Според некои критичари, кога ја слушате Симфонијата бр. 4, се чувствувате како да сте научиле во музиката нешто што досега не сте знаеле.
Сашо Татарчевски е роден во Битола каде што се здобива со основно и средно музичко образование. Дипломира и магистрира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, на катедрите за хорско и оркестарско диригирање, а посетува и мајсторски курсеви во Њујорк, Рим, Москва, Берлин, Фиренца, Санкт Петербург и Сартеано.Настапувал со различни ансамбли, вклучувајќи ги Македонската филхармонија, Оркестарот на Македонската опера и балет, Симфонискиот оркестар на ИКО – Рим, Симфонискиот оркестар на Ермитаж од Санкт Петербург, Битолскиот камерен оркестар, Битолската опера, Симфонискиот оркестар на Битолско културно лето, Солисти на ФМУ, Симфонискиот оркестар на ФМУ, ансамблите за современа музика „Алеа“ и „КонТемпора“, Мандолинскиот оркестар при МКЦ и други камерни и симфониски состави. Во моментов работи како професор на ФМУ по група предмети од областа на диригирањето и диригент е на симфонискиот оркестар и мешаниот хор „Драган Шуплевски“, како и уметнички раководител на Женскиот младински хор при МКЦ и професионалниот мешан хор „Про Арс“.

Освен на сцените низ Македонија, вклучувајќи ги и најреномираните манифестации како Охридско лето, Скопско лето, Денови на македонска музика, Есенски музички свечености и многу други, има настапувано и освоено награди со различни ансамбли во Португалија, Словенија, Шкотска, Белгија, Грција, Швајцарија, Шпанија, Хрватска, Италија, Србија, Бугарија, Чешка, Турција, Австрија, Романија, Полска и Русија. Татарчевски е редовен член на неколку жири-комисии на интернационални хорски натпревари, како и раководител на меѓународниот хорски форум во Струга.
Виолинистот Бојан Илкоски (1992) е еден од најпосветените музички уметници кај нас, кој постојано настапува во различни ансамбли. Неодамна, токму со изведба на Концертот за виолина и оркестар бр. 1 од Паганини, настапи како солист во Софија со оркестарот „Симфониета Софија“ и маестро Свилен Симеонов. Музичкото образование го започнал во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје, каде што ги завршил нижото и средното музичко образование, а првите контакти со виолината ги имал на седумгодишна возраст со проф.Румен Димитриев и проф. Зоран Џорлев. Дипломирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф.Олег Кондратенко. Досега остварил бројни настапи во земјата и надвор од нејзините граници: Романија, Србија, Хрватска, Бугарија, неколкупати настапувал како солист со Македонската филхармонија, Камерниот оркестар при ФМУ, а во 2009 година го одржал и својот прв самостоен целовечерен концерт во Даут-пашиниот амам. Со пијанистот Дино Имери основаа Камерно дуо и во овој состав реализираат бројни настапи во земјата и надвор од неа, како што се: Европскиот концерт приреден од музичките и балетските педагози на Македонија, заедно со Europian union of music competitions for youth;свеченото отворање на реномираниот натпревар „Охридски бисери“(2015); на фестивалот „А-фест“ во Нови Сад, Србија; рецитал во циклусот концерти „Доаѓаме…“ (2013) во организација на КИЦ; во амбасадата на Шпанија по покана на амбасадорот Фернандо де Галаинена Родригез… Во досегашното искуство како виолинист, вбројува и неколку соло рецитали без пијано придружба кои се од исклучителна важност и претставуваат огромен предизвик за секој инструменталист, воопшто. Со концерти од овој тип се претставува и на фестивалот „Златна лира 2017“, во организација на СМУМ. Заедно со Симфонискиот и Камерниот оркестар при Факултетот за музичка уметност има настапувано во земјава, како и во Хрватска и во Босна и Херцеговина. Како камерен музичар, соработувал со светски реномирани имиња како што се Франсис Дирој и светски познатиот виолончелист и диригент Марк Копеј, а остварува соработка и со виолинистот Сретен Крстиќ, концерт-мајстор на Минхенската филхармонија. Илкоски е член на Меѓународниот младински камерен оркестар на Музичка младина, а од неодамна е редовен член на Симфонискиот оркестар при Македонската филхармонија, како и член на оркестарот за филмска музика „Фејмс“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Премиера на новата детска претстава „Металковци патуваат“ на Малата сцена во МОБ
На 7 март во 11:00 часот, на Малата сцена на Македонската опера и балет, премиерно ќе биде изведена новата интерактивна музичко-сценска претстава „Металковци патуваат“, дел од проектот „Фамилија Металковци“. Истата ден ќе следи реприза во 13:00 часот, а следните изведби се закажани на 14 март во 11:00 и 13:00 часот.
Станува збор за нова продукција наменета за деца од 4 до 10 години, во изведба на брас квинтет составен од музичари од Македонската опера и балет. Претставата трае речиси еден час и комбинира музика во живо, сценска игра и постојана интеракција со публиката.
„Металковци патуваат“ ги носи најмладите на музичко патување низ различни култури, при што децата активно учествуваат, учат за дувачките инструменти и ја откриваат нивната звучна палета.
Проектот има јасна едукативна и културна мисија – поттикнување интерес за запишување во музички училишта и развивање културна публика од најмала возраст.
„Со проектот ‘Фамилија Металковци’ сакаме да создадеме одржлива културна публика уште од најрана возраст. Нашата цел не е само да поставиме нова претстава, туку да изградиме движење што ќе ја доближи класичната музика до децата на природен и современ начин. Доколку барем едно дете по претставата посака да запише музичко училиште, тогаш знаеме дека мисијата е исполнета.“
Со капацитет од 200 посетители по изведба, се очекува значителен интерес од семејната публика.
„Кога Металковци зборуваат – дечињата слушаат.
Кога Металковци свират – дечињата патуваат.“
Претставата е во организација на здружението Мак Брас, во копродукција со Македонската опера и балет.
Билетите се достапни онлајн на: https://mktickets.mk/event/metalkovci/ како и во сите книжарници на Литература.
Култура
Последна, 30. по ред изведба на „Ноќта кога ја убив месечината“ во Битолски театар
На 04.03.2026 во 20:00 часот, сцената на Народен театар Битола ќе ја пречека 30-тата и воедно последна изведба на „Ноќта кога ја убив месечината“, во режија на Марјан Георгиевски, кој и настапува во истата заедно со актерот Александар Копања.
По тој повод, билетите се со 50 проценти попуст, по цена од 100 денари.
„Ова не е само промоција. Ова е покана. Покана да бидете дел од една завршница што се случува само еднаш. Последните изведби имаат посебна енергија – актерите играат со срце што знае дека за последен пат ја раскажува приказната, а публиката станува сведок на момент што повеќе нема да се повтори“, велат од битолскиот театар.
Претставата отвора суштински теми за човековата егзистенција, осаменоста, слободата, маските што ги носиме и загубените вредности во современото општество. Тоа е психолошка и филозофска драма која патува од интимно до општествено, од реалност до апсурд.
Култура
Љутков во Брисел на средба со Нела Рајхл: Фокус на младите, дигитализацијата и развојот на креативните индустрии
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, во рамките на посетата на Брисел, денеска оствари работна средба со Нела Рајхл, претседателка на Комитетот за култура и образование при Европскиот парламент.
На средбата, Љутков ја истакна цврстата заложба на Министерството за култура и туризам за унапредување на културните политики, со акцент на младите, дигитализацијата и современата промоција на културното наследство, како и на системски развој на креативните индустрии.
Министерот ја потенцираше активната вклученост на Македонија во користењето на европските инструменти за помош и програмите за соработка со земјите членки на Европската Унија, вклучително и ТАЕКС (TAIEX) и другите ИПА-инструменти за претпристапна помош. Тој рече дека Министерството за култура и туризам ги имплементира програмите „Креативна Европа – Култура и Медиа“, кои овозможуваат поддршка за копродукции, мобилност на уметници, европски мрежи и градење институционални капацитети, додека Министерството за образование и наука ги спроведува програмите „Хоризонт“ (Horizon) – за истражувања во технологиите за дигитално наследство и „Еразмус +“ (Erasmus+) – насочена кон образовна и младинска мобилност.
Љутков нагласи дека Македонија ја препознава сѐ поголемата економска и општествена вредност на креативните индустрии, кои претставуваат стратегиски двигател на економскиот раст, иновациите и меѓународната видливост. Во таа смисла, ќе се интензивира соработката со европските земји кои ги препознаваат културните и креативни индустрии како приоритетен сектор.
Според министерот Љутков, акцент е ставен врз дигитализацијата и дигиталната трансформација, особено во заштитата и промоцијата на културното наследство. Тој рече дека како земја со исклучително богато културно наследство, Македонија посветува големо внимание на зачувувањето на јазикот, фолклорот, традиционалните занаети, фестивалите и музиката како континуитет на културниот идентитет.
Дополнително, тој информираше дека Министерството за култура неодамна го презеде и секторот туризам во својата институционална структура, со што се отвораат нови стратегиски цели за развој на културниот туризам и за воспоставување рамнотежа меѓу заштитата на наследството и современиот креативен развој.
На средбата соговорниците ја потврдија заедничката заложба за понатамошно продлабочување на соработката, со цел унапредување на европските културни политики и зајакнување на улогата на културата во процесите за европска интеграција.

