Култура
Концерт „Светлина“ со Станко Мадиќ и Оливер Балабурски
Македонската филхармонија најавува уште еден импресивен концерт. Станува збор за концертот „Светлина“, кој ќе се одржи в четврток, на 4 април, во 20 часот, а на кој како солист ќе настапи извонредниот виолинист Станко Мадиќ (Србија/Германија), концертмајстор на Радио-оркестарот на Минхен.
Станко Мадиќ првпат во Македонија ќе го изведе Концертот за виолина и оркестар бр. 1 еден од највлијателните современи живи композитори, Петерис Васкс од Латвија. „Чиста убавина на звукот“ – така е опишано ова дело со наслов „Далечна светлина“, а создадено во 1996 година на барање на латвинскиот познат виолинист Гидон Кремер. По скоро две децении од неговото создавање, денес овој концерт е веќе класика и е дел од репертоарот на големите симфониски оркестри. Петерис Васкс во ова дело ги внел својата душа и меланхолична страст, неговите силни врски со природата, верувањата и идеалите кои ги гледа како полека исчезнуваат насекаде, и претставува центар на севкупното негово творештво.
Диригент на концертот „Светлина“ е маестро Оливер Балабурски кој долги години живее и твори во Канада, а со Македонската филхармонија ќе диригира по подолг период пауза. Оваа вечер, заедно со оркестарот на Филхармонијата и маестро Балабурски, ќе биде изведена и Симфонијата бр.4 во F-moll, оп.36 од рускиот музички гениј Петар Илич Чајковски. Токму Четвртата симфонија претставува своевиден автопортрет – симфониски хибрид, во кој се вкрстуваат архитектонската форма со поетиката на симфониската поема.
Македонскиот диригент Оливер Балабурски, кој годиниве наназад живее и работи во Канада, во неговата 30-годишна кариера како уметник, имал можност да изведува дела од различни музички жанрови – оперска, симфониска, камерна и забавна музика, како и живи изведби на неми филмови со оркестар. Во изминатите неколку години, маестро Балабурски се внесе и во полето на компонирањето и како резултат на тоа, се реализираа две светски премиери на неговите дела – музичка нарација во пет дела со наслов „Вратата на Сејди“, со приказна напишана од Едвард Мол, како и Рапсодија за оркестар „Багосеним“, што значи „Постои надеж“. Преводот е направен благодарение на луѓето од Чипвас од Рама првата нација и чуварите на јазикот и дијалектот Mnjikaning/Rama. Оливер Балабурски зад себе има многу успешни концерти и настапи со истакнати оркестри и ансамбли, како Симфонискиот оркестар на Кралскиот музички колеџ од Лондон, Националната опера и балет, Националната филхармонија, Симфонискиот оркестар на Поголемата Област на Торонто, Симфонискиот оркестар на Универзитетот во Торонто, Операта на народниот театар во Белград, Нишкиот симфониски оркестар, Симфонискиот оркестар на Хуронија…
Инаку, маестро Балабурски во 2008 година дипломира како магистер по музика, магистер по изведба (диригирање) на Универзитетот во Торонто, под менторство на еминентниот диригент, проф. Рафи Армениан. Како дел од неговите магистерски студии, тој тесно соработува со проф. д-р Дорин Рао на Универзитетот во Торонто, исполнувајќи ја неопходноста за филозофскиот и практичниот пристап кон екстензивната вокално-инструментална музика.
Неговата диригентска кариера започнува со првите ангажмани во 1991 година, во Македонската опера и балет, под менторство на истакнатиот диригент Ванчо Чавдарски. Во 1999 година беше награден со „Норман Дел Мар Јуниор“, стипендија за диригирање на Кралскиот музички колеџ во Лондон, Велика Британија, каде специјализира симфониски репертоар и студира со истакнатиот диригент и професор Џон Кару. Тој ја имаше честа активно да учествува на мастер-часовите со Сер Роџер Норингтон и Мајкл Тилсон Томас и со еден од најголемите авторитети за творештвото на Јохан Себастијан Бах, Хелмут Рилинг.
Во 1992 година дипломира како хорски диригент во класата на проф. Драган Шуплевски и во 1995 година дипломира диригирање на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, во класата на проф. Фимчо Муратовски.
По враќањето на маестро Балабурски од Велика Британија, тој беше назначен за уметнички директор и диригент на тогашната Опера на Македонскиот народен театар. До 2004 година беше главен диригент во истата оперска компанија, по што емигрира во Канада. Добитник е на многу награди и признанија како што се: Награда за признание на новодојденец – имигрантски уметник од округот Симко, Онтарио, Канада; признание на извонредната служба од Харт Хаус, Универзитетот во Торонто; Стипендија за успех „Артур Плетнер“ на Универзитетот во Торонто; стипендија на Универзитетот во Торонто; „Норман Дел Мар Јуниор“– стипендија на Кралскиот музички колеџ, Лондон, Велика Британија; стипендија од Македонската влада за специјализација; Македонска национална стипендија за талентирани студенти.

Станко Мадиќ (Белград, 1984) студиите по виолина ги започнал на шест годишна возраст во класата на проф. Роберт Тошков и продолжил со проф. Дејан Михаиловиќ, во чија класа на само 14 години станал студент на Белградската музичка академија како прворангиран студент на приемниот испит. На 17 години дипломирал како најдобар ученик на својата генерација. Мадиќ е добитник на стипендија од Кралското семејство Караѓорѓевиќ. Магистерските студии на Новосадската државна академија на уметности ги завршил на 19 години, повторно во класата на проф. Михаиловиќ, а студиите ги продолжил во класата на проф. Игор Малиновски на Музичката академија „Карл Марија фон Вебер“ каде што се стекнува со втора магистерска диплома. Од 2002 до 2008 бил вработен во Новосадската државна академија на уметностите како асистент на проф. Мегуми Тешима, а во меѓувреме се усовршувал следејќи различни мастер-класи кај светски познати виолинисти како Виктор Третјаков и Мидори Гото. Потоа во Операта во Дрезден станал постојан член, а од 2011 до 2018 и концертмајстор на Државната филхармонија во Нинберг. Моментно е концертмајстор на Радио-оркестарот на Минхен, но беше и првиот концертмајстор на регионалниот „Ноу Бордерс“ оркестар, кога снимија ЦД за „Дојче Грамофон“ и реализираа светска турнеја. Но, како концертмајстор, Станко Мадиќ гостувал во различни оркестри во Германија и во светот, а како солист, камерен и оркестарски музичар настапувал со едни од најистакнатите уметници во светот: Марта Аргерич, Зубин Мехта, Пласидо Доминго, Емануел Пају, сер Колин Дејвис, Албрехт Мејер… Се разбира, како солист настапувал и во неговата родна земја со сите оркестри. Во 2020 година сними ЦД за „БР Класик“ изведувајќи го Концертот за виолина „Далечна светлина“ од Васкс, за кој критиката напиша дека е една од најдобрите снимки на ова дело. Добитник е на први и специјални награди на многу значајни меѓународни натпревари. Свири на виолина на Карло Карлети од 1908 година, добиена со поддршка на Комерцбанк од Нинберг, како и на модерна виолина направена специјално за него од Сава Гришенко, познат изработувач на виолини од Минхен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Љубов, серенади и поезија во срцето на Дебар Маало
Општина Центар и годинава е домаќин и покровител на традиционалната манифестација „Дебармаалски средби и серенади“, која се одржува по повод празникот на виното и љубовта, во организација на здружението „Гороцвет“ и Здружението на пензионерите од Општина Центар.
Манифестацијата почна кај познатата кафеана „Кај Жабарот“, каде што градоначалникот Горан Герасимовски, заедно со познатиот уметник Живко Поповски-Цветин и присутните граѓани, симболично закрои лозово гранче и испрати порака за љубов и мир.
„Центар ќе продолжи да ја поддржува оваа прекрасна традиција, која нè враќа во старите убави времиња на серенади, поезија и романтика. Дебар Маало и денес е место каде што се негуваат дружењата, уметноста и културата. Наша обврска е да ги чуваме овие вредности и да ги пренесуваме на идните генерации“, рече Герасимовски.
Програмата продолжи со поетски рецитал, староградска музика и прошетка низ дебармаалските улички и ресторани. Со поддршката на ваквите културни настани, Општина Центар ја потврдува својата посветеност на зачувување на традицијата, културното наследство и автентичниот боемски дух на Дебар Маало.
Култура
Mozzart го отвори „Театарот на хуманоста“: Племенита уметност која ја храни душата
Кога уметноста и хуманоста ќе се спојат, резултатот е вистинско ремек-дело.
Полна сала, насмевки и громогласен аплауз во Театар Комедија го одбележаа изведувањето на претставата „Олд Сејбрук“, првата за која компанијата Mozzart им делеше бесплатни билети на граѓаните.
Со оваа фантастична комедија започна проектот „Театарот на хуманоста“, кој има двојна цел – да им овозможи на љубителите на театарот да уживаат во претстави без да купуваат карти, а истовремено да поттикне хуманост преку донации за Банката за храна на Македонија.

Посетителите добиваа флаери со број за донации, а секоја испратена порака значеше бесплатен оброк за оние кои не можат да си го дозволат.
„Прекрасно е што секој има можност да дојде и да ја погледне претставата, а истовремено да направи добро дело,“ порача актерката Маја Љутков, која ја толкува една од главните улоги во претставата.
Од компанијата Mozzart велат дека ова е само почеток: „Успешно ја започнавме реализацијата на проектот ‘Театарот на хуманоста’. Целта е љубителите на театарот да уживаат во културни содржини, а истовремено да донираат за хуманитарни цели. Првата претстава помина одлично, а веќе се подготвуваме за следната,“ изјави Ивана Стефановска Крстевска од Mozzart.
Фактот дека картите беа поделени за само половина час зборува за огромната љубов на граѓаните кон театарската уметност. Токму затоа Mozzart најавува уште неколку бесплатни претстави, продолжувајќи да ја поддржува културата и хуманоста.
(ПР)
Култура
Вим Вендерс од Берлинале: Филмовите можат да го променат светот, но не на политички начин
Берлинскиот филмски фестивал започна во четврток во изразен политички тон, откако натпреварувачкото жири, предводено од режисерот Вим Вендерс, одговараше на повеќе прашања за актуелната состојба во светот, вклучително и војната во Газа.
На прашањето дали филмовите можат да влијаат на промени во политичката сфера, славниот германски режисер изјави дека „филмовите можат да го променат светот“, но „не на политички начин“.
„Ниту еден филм всушност не го променил мислењето на кој било политичар. Но можеме да ја промениме претставата што луѓето ја имаат за тоа како треба да живеат. На оваа планета постои голем јаз меѓу луѓето што сакаат да ги живеат своите животи и владите што имаат поинакви идеи. Затоа мислам дека филмовите влегуваат во тој јаз“, изјави Вендерс, пренесува „Варајети“.
Вим Вендерс е претседател на овогодинешното жири, во кое се и американскиот режисер Рејналдо Маркус Грин („King Richard“), јапонската режисерка Хикари („Rental Family“), продуцентката на филмот „The Zone of Interest“ Ева Пушчинска, непалскиот режисер Мин Бахадур Бам („Shambala“), јужнокорејската актерка Бе Дуна и индискиот режисер и продуцент Шивендра Синг Дунгарпур („Celluloid Man“).
„Мораме да се држиме подалеку од политиката“
Претседателот и членовите на жирито беа прашани конкретно за конфликтот во Газа и поддршката што германската влада – која финансира голем дел од фестивалот – му ја дава на Израел.
Пушчинска прва одговори, оценувајќи дека прашањето е „малку неправедно“.
– Секако, се трудиме да разговараме со луѓето – со секој поединечен гледач – да ги поттикнеме да размислуваат, но не можеме да бидеме одговорни за тоа каква одлука ќе донесат, дали ќе го поддржат Израел или ќе ја поддржат Палестина – рече Пушчинска и додаде:
– Постојат многу други војни во кои се врши геноцид, а за нив не зборуваме. Затоа ова е многу комплицирано прашање и мислам дека е малку неправедно да нè прашувате што мислиме, како поддржуваме или не поддржуваме, дали разговараме со нашите влади или не.
Вендерс додаде дека како филмски автори „мораме да се држиме подалеку од политиката“.
– Ако снимаме филмови што се изрично политички, влегуваме во полето на политиката. Но ние сме противтежа на политиката, ние сме спротивност на политиката. Мораме да ја работиме работата на луѓето, а не работата на политичарите.
Берлинале – фестивал на „лицата на светот“
За време на прес-конференцијата, Вендерс – кој во 2015 година ја доби почесната Златен мечка – зборуваше и за тоа по што овој фестивал се издвојува од другите.
– Можете да бидете сигурни дека тука ќе видите повеќе лица на светот отколку на кој било друг фестивал. Тоа е неговата голема сила, нели?
Берлинскиот меѓународен филмски фестивал (Берлинале) ќе се одржи од 12 до 22 февруари во Берлинале Паласт, а 76. издание ќе го отвори светската премиера на филмот „No Good Men“ на наградуваната авганистанска режисерка Шарбана Садат.
На свеченото отворање ќе ѝ биде врачена Почесната Златна мечка за исклучителен придонес во филмот и кинематографијата на актерката Мишел Јео.
Во селекцијата Главна натпреварувачка програма се вклучени 22 филма, меѓу кои „A New Dawn“ на Јошитори Шиномија, „A voix basse“ на Лејла Бузид, „At the Sea“ на Корнел Мундуцo, „Dust“ на Анке Блонде, „Everybody Digs Bill Evans“ на Грант Ги и „Josephine“ на Бет де Араужо. Во програмата се и „Nightborn“ на Хана Бергхолм, „Rose“ на Маркус Шлајнцер, „The Loneliest Man in Town“ на Рајнер Фримел, „The Blood Countess“ на Улрике Отингер и други.
Церемонијата на доделување на наградите ќе се одржи на 21 февруари, ден пред затворањето на фестивалот.

