Култура
Канческа-Милевска во Париз се сретна со генералниот директор на УНЕСКО, Ирина Бокова
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, во рамките на работната посета на Париз, во понеделникот оствари средба со генералниот директор на УНЕСКО, Ирина Бокова, на која стана збор за досегашната соработка и идните активности меѓу Македонија и оваа еминентна организација на Обединетите нации.
На средбата беше подвлечен партнерскиот однос што Република Македонија го негува со УНЕСКО и кој се одликува со поддршка на многубројни иницијативи и реализација на голем број проекти во областа на културата, заштитата на културното наследство, образованието, науката, информатичкото општество и животната средина.
Канческа-Милевска го изрази своето задоволство што за релативно кусо време, на Репрезентативната листа на УНЕСКО за нематеријално културно наследство беа впишани две културни добра од Република Македонија: обичајот Чет’рсе – Празнување на светите четириесет маченици и машкото соборно оро „Копачката“.
Таа го изрази своето уверување дека годинава Комитетот на оваа конвенција ќе ги впише во Листата за заштита на нематеријалното културно наследство на УНЕСКО машкото двогласно пеење „Гласоечко“ и мултинационалната апликација „Мартинки“, во која, покрај Бугарија, Романија и Молдавија, партиципира и Македонија. Канческа-Милевска посочи земјата во иднина ќе продолжи со своите заложби за што поголема заштита и промоција на нематеријалното културно наследство.
Министерката за култура и генералниот директор на УНЕСКО ги разменија своите размислувања и околу претстојната Четврта светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог која треба да се реализира наредната година во Македонија. Верската конференција, која ја промовираше Македонија како лидер на платформата за меѓурелигиски дијалог, соживот и толеранција, досега се реализираше под покровителство на УНЕСКО и во оваа смисла беа истакнати заедничките заложби за продолжување на оваа традиционална конференција со логистичка и финансиска поддршка од УНЕСКО.
На средбата Канческа-Милеска информираше за уште една значајна иницијатива која предвидува Македонија да поднесе апликација за прогласување на Битола за град на филмот на УНЕСКО. Оваа титула, чии носители се шест други градови во светот, меѓу кои се и Софија и Брадфорд, ќе придонесе за уште поголема афирмација и промоција на Битола и Македонија во меѓународен контекст.
На средбата беше изразено уверувањето дека следната средба меѓу Канческа-Милевска и Бокова ќе се реализира за време на претстојното 38-мо заседание на Генералната конференција на УНЕСКО кое ќе се одржи од 3 до18 ноември 2015 година./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Као какао“ – прв македонски мјузикл инспириран од музиката на Влатко Стефановски
„Као какао“ е насловот на првиот македонски мјузикл инспириран од музиката на гитаристот Влатко Стефановски – автор чииот звук со децении е дел од музичката меморија на публиката. Проектот беше официјално најавен на прес-конференција одржана вчера, а мјузиклот премиерно ќе биде изведен во мај, во продукција на „Баги комуникации“, со Македонскиот народен театар како копродуцент.
Текстот за мјузиклот го напиша Венко Андоновски, а режијата е доверена на Дејан Пројковски. Во моментов, во план е претставата да вклучува 19 познати композиции од Влатко Стефановски, кои ќе бидат изведени во нови аранжмани, специјално подготвени за мјузиклот од Бобан Мирковски.
Извршниот продуцент Владимир Мандичевски-Манде на прес-конференцијата истакна дека идејата за проектот постои веќе три години, додека конкретните активности започнале минатиот јуни.
– Логично беше да се направи мјузикл на музиката на Влатко Стефановски, затоа што станува збор за најиздржаниот и најпризнат музички опус што го имаме во современата македонска музика. Соодветно на квалитетот на неговата музика и тежината на неговото име, се обидовме да формираме тим кој со својата работа ќе одговори на тоа дело. Тешко е да се соберат вакви луѓе – сите врвни професионалци во својата област – но токму тоа ни дава право да веруваме дека создаваме еден од најзначајните културни проекти во последните децении, со потенцијал да излезе и надвор од границите на нашата држава, рече Мандичевски.
Приказната на сцена ќе ја раскажат младите актери Катерина Јовановиќ и Владимир Петровиќ, кои ќе ги толкуваат главните ликови Дона и Џими. Тие се избрани на кастинг спроведен од Биљана Драгиќевиќ-Пројковска. Покрај нив, во мјузиклот ќе учествува и поширока актерска екипа, која дополнително ќе се надградува во текот на процесот.
За кореографијата е задолжена Олга Панго, костимограф е Марија Пупучевска, сценографијата ја потпишува Валентин Светозарев а вокален ментор е Ана Костадиновска. Автор на визуелниот идентитет е дизајнерот Марко Мандичевски, кој создаде визуелна приказна од пеперутка направена од гитарски жици, која ја симболизира трансформацијата на еден млад уметник со желба за успех.
Самиот Стефановски истакна дека драмскиот текст силно го допрел уште при првото читање.
– Текстот на Венко ме насмеа три пати, а ме расплака два пати. За мене тоа е најдобрата потврда дека е навистина добар. Не се сомневам во режисерските квалитети на Пројковски, ниту во младите актери – имаме исклучително
талентирани млади луѓе и верувам дека ова ќе биде интересен и успешен проект, рече Стефановски.
Андоновски, пак, со доза хумор и искреност зборуваше за својата долгогодишна почит кон семејството Стефановски.
– Имав сериозна желба да го надминам Влатко Стефановски во гитара – не успеав, па отидов на книжевност. Првата книга што ја добив беше ‘Диво месо’ од Горан Стефановски, и него не успеав да го надминам. Но, еве, животот убаво ги реди работите и сега работиме заедно“, рече Андоновски, додавајќи дека неговата генерација имала среќа да расте со светски гитарист од Тафталиџе.
За него, Влатко Стефановски е „човек епоха“, а процесот на пишување, како што вели, течел речиси природно.
– Добив одбрани песни и музиката ме водеше. Самите песни ја раскажаа приказната. Неговата музика говори, неговата гитара говори и приказната сама се склопи. Тоа е мелодрамска приказна со силен копнеж да се успее, во која се обидов да ја внесам мојата љубов и страст кон музиката на Влатко Стефановски, истакна Андоновски.
Режисерот Пројковски нагласи дека проектот претставува голем предизвик, но и голема чест.
– Тргнавме храбро – со желба да создадеме оригинален, автентичен македонски мјузикл. Ќе ги почитуваме формите на жанрот, но ќе се обидеме да изградиме сопствен јазик и идентитет. Создаваме продукт што треба да ги полни салите, не само кај нас, туку и во регионот, и навистина сум возбуден поради делото што го градиме, рече Пројковски.
Аранжерот Мирковски ја опиша задачата како сериозна и одговорна, но и инспиративна.
– Кога Влатко ми даде целосна слобода да работам со музиката што ја создавал цел живот ми рече имаш одврзани раце, слободно уживај и јас решив навистина да уживам во процесот. Се надевам дека ќе ја оправдам довербата, истакна тој.
Кореографката Панго, која и самата настапувала во претстави на музиката на Стефановски, нагласи дека мјузиклот е најсложената сценска форма.
– Тоа е голем предизвик, но и огромна чест. Создаваме македонски мјузикл со македонска душа, кој треба да изгледа и да звучи светски. Се надевам дека ќе удриме во центарот, рече Панго.
Поддржувачи на проектот се осигурителната компанија „Триглав“ и „Шпаркасе банка“. Маја Бабиќ од „Баги комуникации“ истакна дека нивната поддршка била дадена уште во најраната фаза, кога проектот сè уште постоел само како идеја на хартија.
– Вакви независни проекти е невозможно да се реализираат без поддршка од општествено одговорни компании и навистина сме им многу благодарни за тоа, нагласи Бабиќ.
Катерина Јовановиќ и Владимир Петровиќ изразија благодарност за можноста да бидат дел од проектот, оценувајќи го како најголем предизвик во нивните досегашни кариери. За нив, како што истакнаа, е чест да се пеат песните на Влатко Стефановски на сцена, со надеж дека „Као какао“ ќе ги полни салите во Македонија, но и ќе доживее успех надвор од земјата.
Култура
Излезе од печат стихозбирката „Гороцвети“ од Зора Златева
Книжевниот трезор во Охрид е побогат за уште една стихозбирка.
Деновиве во издание на НУ Библиотека „Григор Прличев“Охрид излезе од печат третата стихозбирка „Гороцвети“ од роднокрајната авторка Зора Златева.
Над триесетте песни и уште петнаесеттината минијатури се потврда за творечкиот и стилски растеж на поетесата Златева и се огледало на нејзиниот хабитус и ракурс на животот.
Дел од песните се лична експресија запишана на хартијата а останатите се собирани духовни приказни од околината и нечии судбини кои биле доволно инспиративни за авторката за таа да ги преточи во песни.
Претходно Златева во 2022 ја издаде стихозбирката „Блесок“ и две години подоцна „Сон“ а со свои песни е често застапена во збирки поезија издадени во Охрид и низ целата држава.
„Гороцвети“ веќе можете да ја зајмите во Библиотеката во Охрид.
Култура
Македонскиот народен театар со разнолик репертоар- од сценски спектакл, преку драми, до стендап
Македонскиот народен театар, 2026 година ја започнува со силен уметнички интензитет и разновидна театарска програма. Првиот месец во годината носи богат репертоар, кој опфаќа сценски спектакли, современи и класични драми и стендап-изведби на големата и малата сцена.
Програмата започнува на 15 и 16 јануари со големиот сценски спектакл „Сонцето, колку е блиску сонцето“. Поради големиот интерес на публиката, двете изведби се целосно распродадени.

На 17 јануари, публиката ќе има можност да избере: драмската претстава „Бели ноќи“ на малата сцена, со почеток во 20 часот и стендап-настапот на Сашко Коцев „Широк дијафазон“, кој ќе се одржи на големата сцена со почеток во 20:30 часот.
Репертоарот продолжува на 20 јануари со претставата „Народен пратеник“, а на 21 јануари следува монодрамата „Торонто експрес“. На 22 јануари ќе биде изведена драмата „Варвари“, а на 23 јануари на репертоарот е претставата „Кец на десетка“.

На 24 јануари, големата сцена е резервирана за претставата „Бог на колежот“, со почеток во 20 часот, а истата вечер, на малата сцена во 21 часот, ќе се одржи новогодишното стендап-шоу „На терапија“ со Александар и Антонио.

На 26 јануари на репертоарот е „Мој термин“, а на 28 и 29 јануари се изведбите на претставата „12“.
Јануарската програма ќе биде заокружена на 30 јануари со претставата „Марта Верна“ и на 31 јануари со „Замисли нов свет“.

