Култура
Mинистерство за култура: Не е точно дека ќе има буџетско кратење кај Агенцијата за филм
Во врска со информациите по испратеното писмо од група филмски работници до Министерството за култура преку кое тие, според нив, искажуваат своја реакција од кратењето на предвидениот годишен буџет за филмска дејност, како што велат „без претходна најава и без консулатации од Агенцијата за филм“, Министерството информира дека не пристапило кон никакво кратење на буџетот во културата, а уште помалку на буџетот на Агенцијата за филм.
Од тука наведуваат дека во моментов во собраниска процедура е донесување на одлука за прераспредба на средства помеѓу буџетските корисници и фондовите. По нејзино усвојување, Министертвото за култура до крајот на буџетската година ќе ги преземе сите активности за исплата на обврските согласно склучените договори, меѓу кои и кон Агенцијата за филм.
„Развојот на македонската филмска дејност во време кога македонските филмови и особено младите режисери остваруваат големи меѓународни успеси е еден од приоритетите на Министерството за култура. Апелираме до филмските работници да не потпаѓаат на шпекулации, на непроверени информации, невистини, манипулации и гласини“, велат од Министерството.
Агенцијата за филм има потишано договори за реализација на филмските проекти, а со тоа има преземено обврски кон бројни авторски тимови. Министерството за култура oбјави дека до крајот на годината ќе ги сервисира сите потребни финансиски средства кон Агенцијата за филм, за истата да може непречено да ги извршува исплатите согласно своите договори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Новата книга „Егосурфер“ од Александар Русјаков ќе биде промовирана на 18 февруари
Новата книга на Александар Русјаков – „Егосурфер“, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе биде промовирана на 18 февруари (среда), во 20 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, во рамките на „Денови на литературата“.
Промотор на оваа збирка раскази од жанровите научна фантастика, хорор и киберпанк ќе биде уредничката Бисера Бендевска.
Иако ова не е негов прв „сурф“ врз брановите на фантастичните жанрови, во својата втора збирка раскази, „Егосурфер“, Русјаков тоа го прави пососредоточено и пофокусирано од претходно. Ова е книга со чисти жанровски контури, во која авторот го меле своето поетско месо низ мелниците на научната фантастика, киберпанкот и хоророт, притоа држејќи се до своите препознатливи книжевни зачини – лиричностa и сатиричностa.
„Оваа збирка раскази го носи насловот ’Егосурфер‘, како што е и насловот на првиот расказ во неа, но егото како омаловажувачка состојба на духот, како и борбата со оваа најмрачна зандана на битието, се поврзани со грешката на единката, а со неа и на општеството, алудирајќи на минорноста на човечкото наспрема присуството и одлуките на надредените ентитети – во случајот кај Русјаков, на божественото. Речиси сите негови херои се ставени пред нивниот идентитетски амбис, а од нивната мудра и праведна игра зависи иднината на самите нив, што подразбира – иднина и на општеството“, пишува Маријана Котевска-Георгиева во освртот кон книгата.
Александар Русјаков е автор на многубројни филмски и телевизиски сценарија, краток документарен филм и драмски текстови. Пишува поезија и проза, колумни и „дијагнози“, филмски и ТВ-сценарија. Досега ги има објавено: поемата „Недовршена љубовна приказна“, збирката песни „Голтка восхит од солзите на вечноста“, збирката раскази „Ме сакаш ли под дождот?“, романите „Тринаесеттиот месец“, „Атена со пенис“, како и книгите објавени за „Арс Ламина“: „Курвински хроники“, „Албино трип“ и романот „Хотел меѓу две војни“, добитник на наградата „Пегаз“ во 2021 година и на „Рациново признание“ во 2022 година. По повод 100 години од смртта на Франц Кафка, Русјаков минатата година ја напиша и својата прва книга за деца – „Девојчето и куклата што патува“, во издание на „Либи“.
Култура
Во МНТ 100-та изведба на „Кец на десетка“
Една од најгледаните претстави на камерната сцена на Македонскиот народен театар, комедијата „Кец на десетка“, на 19 февруари, во 20 часот, ќе одбележи значаен јубилеј — 100-та изведба.
Девет години по премиерната изведба, претставата и понатаму живее со ист интензитет и сценски ритам, освојувајќи ја публиката одново.
Во изминатите години, со безрезервна актерска енергија и посветеност на сцената настапуваат: Александар Микиќ, Тања Кочовска, Нина Деан / Софиа Насевска-Трифуновска и Ивица Димитријевиќ.
Секоја изведба создава прецизна, искрена и непосредна комуникација со публиката, која е активен дел од заедничкото доживување.
Комичните ситуации и спонтаната комуникација со публиката произлегуваат од вешто обликуваниот текст на Митко Бојаџиски и од колективната режија на Драган Спасов-Дац и Јордан Симонов, кои на претставата ѝ даваат препознатлив печат и автентичен сценски шарм.
Овој јубилеј сведочи за тоа дека „Кец на десетка“ е претстава со долготрајна сценска вредност и постојан интерес од публиката.
Култура
Македонското глумиште денес се простува од актерката Ленче Делова
Драмски театар Скопје ја информира јавноста дека погребот на актерката Ленче Делова е денес на Градските гробишта во Бутел. Семејството, роднините, колегите, пријателите и почитувачите ќе се простат од Ленче Делова од 11:00 часот во капелата на гробиштата Бутел по што ќе се изврши погребот.
Македонската театарска, филмска и телевизиска актерка Ленче Делова е родена на 15 јуни 1948 во Скопје, а почина вчера на 77 годишна возраст. Во 1970 година, се вработила во Драмски театар Скопје каде била професионално ангажирана сѐ до нејзиното пензионирање во 2013 година.
Јавноста дополнително ќе биде информира за денот на комеморација што ќе се оддржи во нејзината матична куќа, Драмски театар Скопје

