Култура
Mакедонскиот филм „Ќе му се јавам на татко ти“ во селекција на „Сараево филм фестивал“
Македонскиот краткометражен филм „Ќе му се јавам на татко ти“, во режија на Леон Ристов, е дел од селекцијата на годинешното издание на „Сараево филм фестивал“ и воедно ја има својата светска премиера.
Филмот, кој е е по сценарио и режија на Леон Ристов и во продукција на „Џолев и уметностите“, ќе биде прикажан утре во рамките на фестивалот, кој годинава се одржува онлајн.
Филмот го следи средношколецот Дамјан (Александар Андоновски), кој го среќаваме претепан од страна на маалски врсници. По дознавање на околностите, мајка му на Дамјан (Николина Кујача) е убедена дека проблемот нема цивилизирано решение. Таа му јавува на својот поранешен сопруг (Оливер Митковски) да се справи со ситуацијата.
Филмот ќе биде дел од селекцијата Teen Arena, која прикажува филмови што го испитуваат односот помеѓу тинејџерите и светот. Првпат во историјата „Сараево филм фестивал“ ќе се одвива комплетно виртуелно. Со почеток в сабота (15 август), па сè до крајот на фестивалот (22 август), „Ќе му се јавам на татко ти“ ќе биде достапен за онлајн-изнајмување на веб-страницата ondemand.sff.ba од секаде во светот.
„Идејата за филмот ја добив додека бев во првата година од филмските студии на Wesleyan University во САД, каде што студирам со целосна стипендија веќе три години. Дознав дека кариерниот центар при Wesleyan нуди летни грантови за искуства што би го унапредиле професионалниот развој на студентите. Оттука, решив да аплицирам за овој грант со филмот и успеав да го добијам. Скромната сума ја посветив на повратен лет и квалитетна опрема. Снимавме три дена во населбата Аеродром и во симпатично уредениот стан на мојата баба. Најдрага ми беше довербата од страна на искусни професионалци, како што се актерите Николина Кујача и Оливер Митковски и директорот на фотографија, Владимир Димоски. Со нив се запознав првпат со тоа што им го испратив сценариото за проектот. Фактот дека ја прифатија соработката со мене ми потврди дека имаме шанса да создадеме квалитетен филм“, изјави Ристов.

Леон Ристов – режисер на филмот „Ќе му се јавам на татко ти“
Ристов e студент во четврта година на Колеџот за филмски студии при Wesleyan University (Веслијан) во Конектикат, САД, шесторангиран на листата најдобри филмски факултети во САД од Hollywood Reporter. Тој е режисер и сценарист на два краткометражни играни филма, актер во повеќе филмски и театарски проекти, меѓу кои ја играше главната улога (ликот на Милан) во долгометражниот игран филм „Кога денот немаше име“, во режија на Теона Митевска, филм што светската премиера ја имаше на „Берлин филм фестивал“. „Ќе му се јавам на татко ти“ е неговиот втор краткометражен филм, кој по домашната премиера на Beach Film Festival Ohrid, ќе ја доживее својата светска премиера на престижниот Sarajevo Film Festival.
„Ќе му се јавам на татко ти“ е независна филмска продукција. Проектот е целосно финансиран од странана Wesleyan Summer Grants, во продукција на „Џолев и уметностите“, со постпродукциска поддршка од Machina Production Skopje.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ втора меѓународна изложба на уметничка фотографија „Мотус 2025“
Здружението за промоција на интелектуални, мултикултурни и спортски вредности – Мотус од Куманово, преку својот Фото клуб – Мотус, во период од 18 декември (четврток) 2025 во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ќе ја организира втората Меѓународна изложба на уметничка фотографија Мотус 2025.
На изложбата ќе бидат изложени пеесетина фотографии. Учество зедоа 249 автори од 50 земји.

Финансиер на изложбата е Општина Куманово, преку програмата за подршка на културни манифестации за 2025 година, а истата е под патронат на Меѓународната Федрација на Фотографска Уметност (ФИАП 2025/393), (Фото Сојуз на Македонија (ФСМ 2025/003) и Меѓународна Фото Асоцијација Дунав (ДИПА 2025/054).
Изложбата ќе биде отворена на 18 (четврток) декември 2025 во 19:30 часот во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
Култура
„Интер(но)фејс“ на Борис Шемов во „Мала станица“
На 18 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамките на програмските активности на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку различни медиумски форми – текстуални интервенции, видео-содржини, алгоритамски и дигитални процеси – изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.
Насловот „Интер(но)фејс“ упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум, туку како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Изложбата „Интер(но)фејс“ може да се посети во периодот од 18 до 24 декември 2025 година во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Национална галерија, Скопје.
Култура
Концерт на Драган Ѓорѓевиќ-Сузуки и Дино Имери во Музејот на македонската борба
На 17 декември (среда), со почеток во 20 часот, во амбиентот на Музејот на македонската борба, ќе се одржи концерт на двајцата истакнати уметници од регионалната и меѓународната сцена – виолончелистот Драган Ѓорѓевиќ Сузуки, еден од најценетите и највлијателни виолончелисти во регионот, и пијанистот Дино Имери, волшебникот на пијаното.
Сузуки е препознатлив по својата извонредна техничка виртуозност, длабока музикалност и силно сценско присуство, а критиката и публиката го вбројуваат меѓу најдобрите виолончелисти на Балканот. Заедно со Дино Имери, еден од најреномираните македонски пијанисти, тие носат концертна вечер од врвен уметнички ранг.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно избрана програма со дела од: Бетовен, Шнитке, Шуман, Дебиси, како и композиции од Имери Илкоска, носејќи свеж и современ израз во концертната вечер.
Концертот е со слободен влез, претставувајќи ретка можност за љубителите на класичната музика да доживеат висок уметнички квалитет и инспиративна интерпретација.

