Култура
Mанифестaција посветена на мартинките, културното наследство на УНЕСКО, ќе се одржи во Скопје

Традиционалната манифестација „Среќна Баба Марта 2019“ шести пат ќе биде отворена на 27 февруари во 12 часот на првиот кат во трговскиот центар „Капитол мол“ во Скопје. Организатор на настанот е Центарот за научно истражување и промоција на културата ХАЕМУС и претставува дел од активностите поврзани со интернационалната апликација во УНЕСКО по повод признавањето на овој традиционален украс како нематеријално светско културно наследство.
Настанот ќе биде отворен до 3 март и ќе бидат изложени оригинални рачно изработени амајлии од Македонија, Бугарија и од Романија, а постановката ќе биде збогатена и со едукативни панели, визуализација на мартинките преку археолошки предмети, продажна галерија со ракотворби и креативни работилници за деца.
– ХАЕМУС помина цел процес на метаморфози и статусот што УНЕСКО ни го додели како носители на светско културно наследство е нешто највисоко до кое веројатно може да стигне една граѓанска организација во светот. Во оваа мисија ни помогна нашето повеќегодишно искуство од областа на културниот менаџмент, специјалните обуки што ги поминавме за нематеријално културно наследство, како и поддршката што ја имаме од државните институции, граѓанските организации, бизнис-секторот, па сѐ до самите граѓани што го практикуваат овој обичај – вели Василка Димитровска, директор на ХАЕМУС.
Традиционалната манифестација „Среќна Баба Марта 2019“ се прави со поддршка од Министерството за култура, Град Скопје и „Капитол мол“ под мотото на УНЕСКО за отворени образовни ресурси.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Димитрија Доксевски избран за директор на фестивалот „Браќа Манаки“

Актерот Димитрија Доксевски на денешното свечено Собрание на Друштвото на филмски работници (ДФРМ) е избран за нов директор на Меѓународниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.
Според статутот на ДФРМ, мандатот на Димитрија Доксевски важи за следните две изданија на фестивалот.
Димитрија Доксевски ја презентираше предлог програмата на фестивалот и се заложи дека ќе работи на зачувување на реномето што го има овој интернационален фестивал на филмска камера, соопшти ДФРМ.
Димитрија Доксевски е македонски филмски и театарски актер, сценарист и продуцент, роден на 28 јули 1983 година во Скопје. Дипломирал актерска игра на Факултетот за драмски уметности во Скопје во 2006 година во класата на проф. Кирил Ристоски, а во 2014 година магистрирал режија на истиот факултет во класата на проф. Слободан Унковски. Својата професионална кариера ја започнал во Македонскиот народен театар во 2006 се до 2011. Продолжил кратко да работи во Кумановскиот театар во прериодот од 2011 до 2013, по што во 2014 година се приклучил на ансамблот на Драмски театар Скопје и се до денес е активен член на тој театар. Покрај настапите на матичната сцена, Доксевски има учествувано и во претстави на други театарски сцени низ Македонија, како и во филмски и телевизиски проекти во и надвор од Македонија.
Учествувал во организирање и продуцирање повеќе театарски претстави, организирање на повеќе од 20 музички настани со артисти од целиот свет, продуцирање и организација на 2 големи музички (open air) фестивали со повеќе од 20 интернационални изведувачи, продуцирање и реализација на кратки филмови, играни видеа за деца и театарски претстави.
Култура
Љуљзиме Лека-Муљаку во Чифте амам со циклусот „Метаморфоза II“

На втори април, среда, во 19.00 часот, во Чифте амам ќе биде отворена самостојна изложба на Љуљзиме Лека Муљаку со наслов „Метаморфоза II“.
Љуљзиме Лека Муљаку припаѓа на современата уметничка сцена и ја претставува генерацијата уметници кои својата дејност ја започнале со визуелен израз од 90-тите години.
Таа ќе се претстави во Националната галерија со 50 слики од различни формати, интересен циклус со дела изработени во акрилна техника.
Изложбата „Метаморфоза II“ е нов циклус на дела кој претставува реалистичен поглед на егзистенцијалните естетски вредности. Фигуративната композиција на овој циклус ја отсликува егзистенцијалната уметност на женската невиност и достоинство.
Ликовното претставување тесно се поврзува со идејата на женскиот феномен во нашето општество и го претставува нејзиното диспропорционално присуство во видлив облик.
Изложбата ќе биде поставена до 13 април 2025, а куратор е Нарона Љума Весели.
Култура
Ремек-делото „Тоска“ од Џакомо Пучини на 4 април во НОБ

На 4 април со почеток во 20.00 часот на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе ремек-делото „Тоска“ од Џакомо Пучини, музичка драма во вистинска смисла на зборот, монументална, брилијантно оркестрирана, реалистична опера во три чина. Љубовта, страста, љубомората и политичките интриги се движечките драмски елементи на овој „оперски трилер“.
Гостинот од Италија, Марио Меникаљи ќе диригира со изведбата на оваа драматична трагедија на Пучини, во режија на Огњан Драганов од Бугарија, сценографијата е на Зоран Николовски, а костимографијата на Марија Пупучевска, хор-мајстор: Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓоргеска, а концерт-мајстор е Верица Ламбевска.
Во насловната улога ќе настапи Благица Поп Томова , во улогата на Каварадоси ќе настапи Зоран Сотиров, во улогата на Скарпија, Maрјан Јованоски, во останатите улоги настапуваат: Борко Биџовски, Драган Ампов, Никола Стојчески, Тихомир Јакимовски, Никола Чедомировски, Десанка Глигоријевиќ заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Tоска е опера во три чина од Џакомо Пучини. Напишана е по италијанското либрето од Луиџи Илика и Џузепе Џакоза. Либретото се базира на драмата „Тоска“ од Викториен Сарду. Светската премиера на операта е одржана на 14 јануари 1900 г. во Рим, Италија.