Култура
Mеѓународната манифестација „Анте Поповски – Антево перо 2022“ во Музејот на македонската борба за самостојност

На 20 октомври, во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје, со почеток во 19.45 часот, ќе се одржи централниот настан од годинешното, петто по ред, јубилејно издание на меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“. Манифестацијата се одржува во чест на творештвото на бардот на современата македонска поезија, академик Анте Поповски, и е поддржана со програмата за 2022 година на Министерството за култура на Република Северна Македонија.
По поздравното обраќање до присутните на директорката на Музејот, Даниела Николова, ќе следува претставување на најуспешните наслови пристигнати на конкурсот за необјавена збирка поезија на македонски јазик за кои на авторите ќе им бидат врачени традиционалните поетски награди што ги доделува организацискиот одбор на манифестацијата. Годинешен со наслов „Куќа“. Наградите „Антев златник“ ќе им бидат врачени на авторите Виолета Танчева-Златева за стихозбирката „Глуво време“ и на Славица Гаџова-Свидерска за стихозбирката Golgotha Feminarum. Наградата „Антев часовник“, што се доделува со цел откривање и афирмација на нови, млади, талентирани поети што творат на македонски јазик, ѝ припадна и ќе ѝ биде врачена на поетесата Рената Пенчова.
Во продолжение на вечерта ќе следува и поетско читање, на кое со дел од своите најнови поетски творби ќе се претстават наградените автори, но и поети, чии дела беа селектирани во потесниот, односно поширокиот избор на поетскиот натпревар за наградите, на кој учествуваа 76 творци.
Дополнително, некои од содржините со кои ќе биде заокружена годинешната меѓународна поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ е планирано да се одржат и на други локации и во други средини за што јавноста ќе биде навремено информирана.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Објавен конкурсот за доделување на државната награда „Мајка Тереза“

Министерството за култура и туризам го објави Конкурсот за доделување на државната награда „Мајка Тереза“ за 2025 година.
Со државната награда „Мајка Тереза“ се оддава признание за остварувања во областа на хуманоста и човечката солидарност и за поттикнување и унапредување на меѓусебното разбирање и развој на соработката како меѓу народите, така и меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери.
Државната награда се доделува на поединци, група творци, екипи, установи, трговски друштва и здруженија на граѓани од земјава.
Конкурсот трае од 2 до 30 април 2025 година, а е објавен и на веб-страницата на Министерството за култура и туризам.
Култура
Димитрија Доксевски избран за директор на фестивалот „Браќа Манаки“

Актерот Димитрија Доксевски на денешното свечено Собрание на Друштвото на филмски работници (ДФРМ) е избран за нов директор на Меѓународниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.
Според статутот на ДФРМ, мандатот на Димитрија Доксевски важи за следните две изданија на фестивалот.
Димитрија Доксевски ја презентираше предлог програмата на фестивалот и се заложи дека ќе работи на зачувување на реномето што го има овој интернационален фестивал на филмска камера, соопшти ДФРМ.
Димитрија Доксевски е македонски филмски и театарски актер, сценарист и продуцент, роден на 28 јули 1983 година во Скопје. Дипломирал актерска игра на Факултетот за драмски уметности во Скопје во 2006 година во класата на проф. Кирил Ристоски, а во 2014 година магистрирал режија на истиот факултет во класата на проф. Слободан Унковски. Својата професионална кариера ја започнал во Македонскиот народен театар во 2006 се до 2011. Продолжил кратко да работи во Кумановскиот театар во прериодот од 2011 до 2013, по што во 2014 година се приклучил на ансамблот на Драмски театар Скопје и се до денес е активен член на тој театар. Покрај настапите на матичната сцена, Доксевски има учествувано и во претстави на други театарски сцени низ Македонија, како и во филмски и телевизиски проекти во и надвор од Македонија.
Учествувал во организирање и продуцирање повеќе театарски претстави, организирање на повеќе од 20 музички настани со артисти од целиот свет, продуцирање и организација на 2 големи музички (open air) фестивали со повеќе од 20 интернационални изведувачи, продуцирање и реализација на кратки филмови, играни видеа за деца и театарски претстави.
Култура
Љуљзиме Лека-Муљаку во Чифте амам со циклусот „Метаморфоза II“

На втори април, среда, во 19.00 часот, во Чифте амам ќе биде отворена самостојна изложба на Љуљзиме Лека Муљаку со наслов „Метаморфоза II“.
Љуљзиме Лека Муљаку припаѓа на современата уметничка сцена и ја претставува генерацијата уметници кои својата дејност ја започнале со визуелен израз од 90-тите години.
Таа ќе се претстави во Националната галерија со 50 слики од различни формати, интересен циклус со дела изработени во акрилна техника.
Изложбата „Метаморфоза II“ е нов циклус на дела кој претставува реалистичен поглед на егзистенцијалните естетски вредности. Фигуративната композиција на овој циклус ја отсликува егзистенцијалната уметност на женската невиност и достоинство.
Ликовното претставување тесно се поврзува со идејата на женскиот феномен во нашето општество и го претставува нејзиното диспропорционално присуство во видлив облик.
Изложбата ќе биде поставена до 13 април 2025, а куратор е Нарона Љума Весели.