Култура
Македонската литература на Саемот на книгата во Франкфурт
Македонското современо книжевно творештво, од 8-ми до 12-ти октомври ќе биде претставено на најголемиот светски саем на книгата во Франкфурт, манифестација со 65-годишна традиција. Комесар на сеопфатната презентација на македонските автори и издавачи која ќе се одвива под слоганот „Куќа на зборови, куќа на светови“ е Здружението на издавачи и книжари на Македонија (ЗИКМ).
Република Македонија на саемот во Франкфурт ќе понуди публикација со избор и превод на кратки извадоци од творештвото на 18 македонски автори меѓу кои: Митко Маџунков, Никола Маџиров, Венко Андоновски, Влада Урошевиќ, Александар Прокопиев, Луан Старова, Лилјана Дирјан и др. Публикациите ќе бидат изложени на специјално дизајниран штанд каде ќе бидат промовирани и капиталните проекти на Владата и на Министерството за култура, а ќе биде афирмиран и Конкурсот за превод на дела на македонски автори од издавачки куќи од странство. Посетителите ќе имаат можност да се запознаат и со македонското културно наследство.
Пред една недела македонското книжевно творештво за прв пат беше претставено во Гетеборг на најголемиот саем на книгата во Скандинавија, а по саемот во Франкфурт претстои учество на саемот во Истанбул, од 8-ми до 16-ти ноември, каде комесар на Македонија ќе биде Сојузот на албанските издавачи.
Централниот настан на македонскиот штанд ќе биде на 11-ти октомври во 11 часот, на кој ќе учествуваат писателите Луан Старова, Никола Маџиров и Лидија Димковска, со музички перформанс на Зоран Маџиров.
Концептот на претставувањето првпат е осмислен од универзитетски професори по литература – Соња Стојменска-Елзесер, Весна Мојсова-Чепишева и Елизабета Шелева. Осумнаесеттте автори се распоредени по шест во три сегменти, секој со различна тема и поврзан со познати мотиви од културното наследство.
Првиот сегмент е насловен „Пишување (надвор од) дома“ и опфаќа автори и дела кои тематизираат дом и (не)вдоменост, а симболично е ислустриран со „Охридска куќа“. Вториот сегмент „Умешностите на занаетот“ содржи мајсторски книжевни остварувања симболично поврзани со познатата Филигранска пеперутка и третиот сегмент „Отклучување на интимата“ со дела и автори кои се занимаваат со емоционален, еротичен, исповедно реалистичен дискурс, а е стилизиран со илустрација на Големата мајка.крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Излезе од печат стихозбирката „Гороцвети“ од Зора Златева
Книжевниот трезор во Охрид е побогат за уште една стихозбирка.
Деновиве во издание на НУ Библиотека „Григор Прличев“Охрид излезе од печат третата стихозбирка „Гороцвети“ од роднокрајната авторка Зора Златева.
Над триесетте песни и уште петнаесеттината минијатури се потврда за творечкиот и стилски растеж на поетесата Златева и се огледало на нејзиниот хабитус и ракурс на животот.
Дел од песните се лична експресија запишана на хартијата а останатите се собирани духовни приказни од околината и нечии судбини кои биле доволно инспиративни за авторката за таа да ги преточи во песни.
Претходно Златева во 2022 ја издаде стихозбирката „Блесок“ и две години подоцна „Сон“ а со свои песни е често застапена во збирки поезија издадени во Охрид и низ целата држава.
„Гороцвети“ веќе можете да ја зајмите во Библиотеката во Охрид.
Култура
Македонскиот народен театар со разнолик репертоар- од сценски спектакл, преку драми, до стендап
Македонскиот народен театар, 2026 година ја започнува со силен уметнички интензитет и разновидна театарска програма. Првиот месец во годината носи богат репертоар, кој опфаќа сценски спектакли, современи и класични драми и стендап-изведби на големата и малата сцена.
Програмата започнува на 15 и 16 јануари со големиот сценски спектакл „Сонцето, колку е блиску сонцето“. Поради големиот интерес на публиката, двете изведби се целосно распродадени.

На 17 јануари, публиката ќе има можност да избере: драмската претстава „Бели ноќи“ на малата сцена, со почеток во 20 часот и стендап-настапот на Сашко Коцев „Широк дијафазон“, кој ќе се одржи на големата сцена со почеток во 20:30 часот.
Репертоарот продолжува на 20 јануари со претставата „Народен пратеник“, а на 21 јануари следува монодрамата „Торонто експрес“. На 22 јануари ќе биде изведена драмата „Варвари“, а на 23 јануари на репертоарот е претставата „Кец на десетка“.

На 24 јануари, големата сцена е резервирана за претставата „Бог на колежот“, со почеток во 20 часот, а истата вечер, на малата сцена во 21 часот, ќе се одржи новогодишното стендап-шоу „На терапија“ со Александар и Антонио.

На 26 јануари на репертоарот е „Мој термин“, а на 28 и 29 јануари се изведбите на претставата „12“.
Јануарската програма ќе биде заокружена на 30 јануари со претставата „Марта Верна“ и на 31 јануари со „Замисли нов свет“.
Култура
Балетскиот спектакл „Госпоѓа Бовари“ на 23 јануари во Националната опера и балет
Балетскиот спектакл во два чина „Госпоѓа Бовари“ ќе се изведе на 23 јануари со почеток во 19.30 часот на сцената на Националната опера и балет.
На 23 јануари со почеток во 19.30 часот на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе балетскиот спектакл „Госпоѓа Бовари“, дело поставено во два чина, инспирирано од безвременскиот роман на Г. Флобер.
Балетот ја прикажува внатрешната борба на жената меѓу копнежот по страст и слобода, и стегите на општествените норми – тема која останува актуелна и денес.
Диригент е гостинот од Ерменија, Едуард Амбарцумјан, додека кореографијата ја потпишува Виктор Ишчук од Украина, кој со прецизен и суптилен современ израз го доловува духот на 19 век и емотивната комплексност на главниот лик. Музичката подлога е составена од дела на Камиј Сен-Санс, Морис Равел, Жил Масне, Феликс Менделсон и Георг Фридрих Хендл, со сценографија и костимографија на Андреј Злобин и Гана Ипатиева (Украина). Светло-дизајнот е на Милчо Александров, концерт-мајстор е Јане Бакевски, пијанист – Андреја Наунов, а менаџер на проектот е Киро Павлов.
Во главната улога на Ема Бовари ќе настапи примабалерината Марија Кичевска Шокаровска, во улогата на Шарл Бовари, Франциско Хименез Руиз, Балаж Лочеи како Рудолф Буланже, заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.
„Госпоѓа Бовари“ ја претставува сложената психологија на главниот лик преку балет, музика и сценска уметност. Со внимателно избрани музички партитури и динамична кореографија, постановката ја доловува борбата на Ема Бовари меѓу личните желби и општествените ограничувања. Секоја сцена е внимателно дизајнирана да ја истакне емоционалната длабочина, визуелниот сјај и современиот пристап кон класичната приказна, создавајќи незаборавно сценско искуство.

