Култура
Македонската литература на светските саеми на книгата
Македонија е една од земјите во светот која обрнува големо внимание во унапредувањето на книжевниот амбиент во земјата и континуираното присуство на светските настани од областа на книжевната дејност, а со поддршка на Министерството за култура годинава македонското книжевно творештво ќе биде претставено на меѓународните саеми на книгата во Франкфурт, Истанбул и на саемот во Гетеборг.
Македонската литература оваа година за првпат ќе биде претставена на Саемот на книгата во Гетеборг, најголемата книжевна смотра во Скандинавија, што ќе се одржи од 25 до 28 септември. Комесар на македонското претставување е издавачката куќа „Македоника литера“.
Со оглед на тоа што ова е прво учество на Македонија на саем на книгата во Скандинавија, се очекува претставувањето на нашата држава да привлече големо внимание. Македонија на 30-тото издание на Саемот во Гетеборг ќе биде претставена со мултикултурна програма, на простор од близу триесетина квадратни метри. Приоритетно место во претставувањето ќе имаат литературата и издаваштвото, но ќе бидат промовирани и културното наследство, историјата и културниот туризам на нашата држава.
На македонскиот штанд ќе бидат презентирани дела од поновата издавачка продукција, дела од уметничката литература, монографски, историографски и друг вид научни дела, дела од македонската литература преведени на други јазици, дела од македонски автори преведени на шведски јазик и дела од шведски автори преведени на македонски јазик.
Специјално за овој саем веќе е подготвена посебна брошура на англиски јазик, во која ќе бидат претставени 20 современи македонски автори. Воедно, на Саемот со посебен печатен рекламен материјал ќе биде презентиран и афирмиран Конкурсот на Министерството за култура на Република Македонија за субвенционирање на странски издавачи за превод на квалитетни и репрезентативни дела од македонски автори. На македонскиот штанд ќе биде презентиран рекламен материјал за културните и природните убавини, за културниот туризам на Македонија, а ќе се одржи и „Македонско пладне“.
Во коорганизација со Македонскиот сојуз во Шведска ќе бидат реализирани и повеќе промотивни средби и други активности. Од особено значење е и фактот што дел од книгите кои ќе бидат презентирани на Саемот ќе бидат подарени на Македонскиот сојуз во Шведска за оформување на македонска библиотека во Гетеборг, а дел ќе бидат подарени на Градската библиотека од овој град во која има посебно одделение за книги на странски јазици, вклучувајќи го и македонскиот јазик.
Саемот на книгата во Гетеборг е најголемиот во Скандинавија и е еден од најатрактивните саеми за издавачите и агентите за авторски права во светот, особено поради фактот што токму оваа држава ја доделува највисоката награда во оваа област, Нобеловата награда за книжевност.
Меѓународниот саем на книгата во Франкфурт кој ќе се одржи во периодот од 8 до 12 октомври, е несомнено најзначаен меѓународен саем на книгата во светски рамки со застапеност на речиси сите значајни субјекти во издавачката дејност, како и на сите релевантни институции поврзани со издаваштвото, фондови за превод и публикување, национални штандови, библиотеки итн. Македонија на оваа значајна саемска манифестација ќе ја претставува Здружението на издавачите и книжарите на Македонија од Скопје. Во рамки на претставувањето ќе биде издадена специјална публикација со избор и превод на кратки извадоци од творештвото на најзначајните македонски современи автори.
Покрај промоцијата на публикацијата ќе биде презентиран и промотивен материјал за Македонија, со цел уште потемелно претставување на книжевноста, но и на македонската култура и културно наследство.
Воедно со поддршка на Министерството за култура во периодот од 8 до 16 ноември 2014 година, Сојузот на албански издавачи ќе ја претставува Македонија на 33-тото издание на Саемот на книгата во Истанбул. Сојузот на албански издавачи преку својот проект „Мултиетничка и европска Македонија“ ќе презентира дела од најпознатите македонски и албански автори, но и дела на автори од другите националности кои живеат во Република Македонија. Саемот во Истанбул претставува еден од најзначајните саеми на кој присуствуваат издавачи од целиот свет.
Македонското литературно творештво во изминатите години редовно беше претставено на позначајните меѓународни саеми на книгата во Франкфурт, Софија, Москва, Лајпциг, Париз, Болоња, Тирана, Белград и Истанбул./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Промоција на книга за деца и претстава „Златната книга на Лудви“ од Тина Иванова
Оваа сабота (7 февруари), во рамките на фестивалот „Денови на литературата“ на „Арс Ламина“, во книжарницата на „Литература“ во „Дајмонд мол“ со почеток во 18:00 часот, ќе се одржи промоција на книгата „Златната книга на Лудви“ од Тина Иванова. Илустрациите се дело на Рената Јосифовска.
Книгата е инспирирана од животот и творештвото на големиот композитор Лудвиг ван Бетовен и е првата од петте книги за деца во серијалот „Музичка кутија“, инспирирани и од Моцарт, Бах, Верди и Чајковски.
Промоцијата ќе ја води уредничката Бисера Бендевска, во форма на краток дијалог со авторката. По промоцијата, ќе се одржи мини-претстава за деца, во која ќе учествуваат авторката и диригентката Дијана Имери Илкоска, задолжена за интерпретација на музиката на Бетовен за пијано.
„Златната книга на Лудви“, како и сите книги од серијалот, не го обработува животот на композиторите, туку создава нови бајки за деца. Главниот лик, малиот Лудви, е дете кое сака книги и свири на пијано, но минува низ низа неочекувани случувања. Приказната е топла, разиграна и полна со емоции, вистинско доживување за деца и возрасни.
Издавач на книгата и на целиот сет „Музичка кутија“ е „Либи“ (дел од „Арс Ламина публикации“).
Култура
Јубилеен концерт на Љубојна за 25 години постоење
Љубојна, една од најавтентичните македонски музички групи, оваа година прославува 25 години постоење и ја започнува 2026-та со ново големо целовечерно концертно издание во Скопје за одбележување на четврт век творештво во својот препознатлив манир кој ја позиционира групата во еден од водечките музички брендови на Македонија.
Јубилејниот концерт на Љубојна ќе се одржи на 29 март со почеток во 20:00 часот, во Големата сала на Филхармонија.
Љубојна или „љубов“ и „бој“, еден од најпрепознатливите и најрепрезентативни бендови во регионот, автентично го пренесува пулсот на музичкиот бит во не само она, што се нарекува урбан, туку и светски отворен звук. Љубојна не е само популарен бренд. Таа е идеја која направи супер-саунд од една подзаборавена музика и стана јадро околу кое гравитираат многу музичари и од кое црпи младата публика. Групата твори музика, со сета нејзина страст, ентузијазам и жестина која е изговорена како универзален музички јазик, според космополитски код кој што го носи во себе.
Својата музика Љубојна ја свири страсно, со енергија на рок бенд и тоа во сите нејзини форми: нејзината изворна, класична, популарна, експериментална форма. Ја соопштува преку фантастичната вокална експресија на Вера Милошевска која заедно со Оливер Јосифовски (контрабасист, композитор и продуцент) веќе 25 години се бренд на бендот и синоним за Љубојна. Експериментирајќи и истражувајќи, Љубојна постојано ја освежува музиката одново и одново, одржувајќи го звукот модерен, моќен, кадифен, елегантен и енергичен.
Музиката на Љубојна е спој на сите експресивни и елегични чувства и звуци на радост, тага, еуфорија, интензивност, чилаут, поп, страст, фанк, соул, фолк, ориентал, стомачен танц, џез, ортодокс-гламур…
„На 29 март, во Филхармонија македонската публика ја очекува концертна вечер посветена на безвременската музика на Љубојна, во нивниот препознатлив автентичен израз, богат со емоции, магичен сценски набој и специјални гости кои наскоро ќе бидат објавени. Влезниците за концертот се достапни онлајн и во продажната мрежа на МкТикетс“, велат од Пасворд продукција.
Култура
Култната монодрама „Последниот час на Његош“, која го прошета светот, гостува во МНТ на 28 февруари
Монодрамата „Последниот час на Његош“, со актерот Слободан Маруновиќ, првенец на Црногорското народно позориште ќе гостува на сцената во Македонскиот народен театар, на 28 февруари, во 20 часот.
По текст на Слободан Томовиќ и во режија на Благоја Ераковиќ, монодрамата во која ликот на Петар II Петровиќ Његош, маестрално ја игра Маруновиќ, досега е изведена повеќе од 1.500 пати на театарските сцени низ светот.
Ги има добиено најголемите регионални, европски и светски признанија и награди. Изведувана е во Париз, Њујорк, Рим, Виена, Цирих, Лондон, Москва, Кострома, Белград, Загреб, Сараево, Љубљана, Стокхолм, Ташкент, Самарканд, Сеул, Торонто, Бишкек, Костанaј, Монтреал, Халифакс, Чикаго, Детроит, Сан Франциско, Лос Анџелес, Сан Педро, Мелбурн, Сиднеј, Атина, Келн, Штутгарт, Карлсруе, Франкфурт, Бруклин, Њу Џерси, Улан Батор, Чељабинск, Хмељницки, Хановер, Кишињев и други.
Премиерно е изведена на 19 мај 1988 година во Црногорското народно позориште.
Монодрамата „Последниот час на Његош“ претставува јазично и мисловно слоевито драмско дело, посветено на Петар II Петровиќ Његош.
Во суштина, монодрамата е ремек-дело на драматично соочување со смртта, мигови во кои се преиспитува она што му припаѓа на времето, но со насетување на вечноста, со акцент на антрополошките и филозофските прашања.
Монодрамата, која се изведува речиси четири денеции, на театарските сцени во Црна Гора и низ светот е сведоштво за естетските вредности на текстот и за извонредниот дар на Слободан Маруновиќ, првак на Драмата на Црногорското народно позориште. Со актерска умешност го оживува ликот на поетот и владетелот. Неговата уметничка зрелост, емоционалното и интелектуалното влегување во ликот на Његош се клучните адути за долготрајниот живот на монодрамата „Последниот час на Његош“.
Синергијата меѓу добро осмислениот драмски текст на Слободан Томовиќ, инвентивната актерска интерпретација на Слободан Маруновиќ и режиските решенија на Благоја Ераковиќ се доказ дека само на овој начин можат да се создаваат големи остварувања.
„Монодрамата е синтеза на различни историски, културолошки, филозофски и метафизички аспекти и со своето повеќедецениско траење стана култна претстава — симбол со трајна естетска вредност“, извадок од театарската критика на Соња Томовиќ Шундиќ.
Билетите се пуштени во продажба.

