Култура
Македонската народна песна прозвучи во Пакистан
Првиот колаборативен проект кој ги спојува македонската и Хазарги култура, по неколкумесечна работа и подготовки, на 17-ти август, ја доживеа своја јавна презентација во срцето на Хазара заедницата во градот Куета, во пакистанската провинција Балочистан.
Ана Симоновска и Шаабдула Алами ја изведоа „Сношти сакав да ти дојдам“, а свој уддел како перкусионист имаше Мучи Хабиби.
Присутните на презентацијата на проектот, преку проекција на видео материјали, презентација на народни носии, меѓу кои и една македонска носија, кои домаќините самите ја изработија, воедно имаа можност да се запознаат со културното богатство и природните убавини на Македонија.
Видео записот за „Сношти сакав да ти дојдам – Man wa Thu (Јас и ти)“ е објавен на следниов линк: https://vimeo.com/101591821.
Ана Симоновска е дипломиран музичар, теоретичар и педагог, свири пијано, македонски народни инструменти и гитара. На македонска музичка сцена дебитираше со настапот на Скопскиот фестивал во 1999 година, кога ја отпеа „Дојди ми“, потоа на националниот избор за Евросонг во 2002-ра се претстави со „Како ми е мене“ и во 2009-та со „Добар крај“.
Ана речиси две години живее во Исламабад, Пакистан, каде оствари успешна соработка со музичкиот продуцент Таимур Мирза, со интернационалниот бенд „Кhaas Collaboration“, а имаше и самостојни настапи.
Хазара заедницата главно живее во централен Авганистан, каде се третата најголема етничка група, околу 650 илјади живеат во соседен Пакистан и еден милион во Иран. Следбеници се на Шиа Исламот, а зборуваат Фарси (Персиски), Дари(Персиски дијалект што се зборува во Авганистан) и Хазарги (јазик кој претставува комбинација на Фарси, Дари и Монголски зборови). Потеклото на Хазарите не е целосно реконструирано. Нивните физички атрибути, структурата на коските на лицето и делови од нивната култура и јазик наликуваат на оние кај Монголите и Турците во Централна Азија. Генетски тестови делумно го поддржуваат популарното верување дека Хазарите имаат Монголско потекло, односно дека се потомци на Џингис Кан.крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Зимски Македокс“ на „Синедејс“
Фестивалот на креативен документарен филм со настанот „Зимски Македокс“ ќе гостува во програмата на Фестивалот на европскиот филм „Синедејс“, кој од 3 до 10 декември ќе се одржи во МКЦ и во Кинотеката. Од 5 до 7 декември, во рамките на програмата на 24. „Синедејс“, ќе биде прикажан избор на долгометражни победници од 16-тото издание на фестивалот „Македокс“.
Програмата на „Зимски Македокс“ е составена од три наградени документарни остварувања. На 5 декември, во 19 часот, во МКЦ – Денсинг салата, ќе биде прикажан филмот „Ниедна друга земја“ на Басел Адра, Хамдан Балал, Јувал Абрахам, Рејчел Зар. Влезот на филмот е слободен.
На 6 декември, во 21 часот, во МКЦ – Денсинг салата, ќе биде прикажан филмот „Фиуме или смрт!“ на Игор Бежиновиќ. Билетот за проекцијата чини 200 денари.
На 7 декември, во 20 часот, во Кинотеката на РСМ, ќе биде прикажан документарниот филм „Земја и крилја“ на Стефан Малешевиќ. Билетот за проекцијата чини 200 денари.
Настанот „Зимски Македокс“ е поддржан од Амбасадата на Кралството Холандија и од платформата Movies that Matter.
Култура
Македонскиот виртуоз на виолина Владимир Костов и камерниот оркестар „Профундис“ ја носат магијата на Candlelight во срцето на Битола
Илјадници свеќи ќе го осветлат Центарот за култура во Битола на 6 декември кога ќе се одржи првиот концерт Candlelight во овој град – исклучително музичко и визуелно доживување во изведба на камерниот оркестар „Профундис“, под диригентската палка на маестро Ѓурѓица Дашиќ.
На ова специјално издание како солист ќе настапи Владимир Костов, концерт-мајстор на Македонската филхармонија и еден од најценетите македонски виолинисти. Со својата префинета техника, емоционална длабочина и сценска харизма, Костов ја освојува публиката на сите континенти.
Во рамките на концертот ќе биде изведена ексклузивна програма составена од ремек-дела на светската и домашната музичка литература, меѓу кои: St. Paul Suite од Густав Холст, Четири годишни времиња од Антонио Вивалди и Македонско капричо бр. 1 од Драган Шуплевски.

„Овој концерт е особено значаен затоа што првпат ја носиме уникатната атмосфера на концертите Candlelight во Битола. Под светлината на свеќите музиката добива нова димензија – интимна, топла и полна со емоции. Програмата е внимателно избрана за да ја долови магијата на класичната музика во едно сосема поинакво светло“, изјави маестро Ѓурѓица Дашиќ.
Владимир Костов, роден во Битола, има блескава кариера со настапи на некои од најреномираните светски сцени: Берлинската филхармонија, „Концертхаус“ – Виена, „Линколн центарот“ – Њујорк, Универзитетот „Харвард“ и многу други. Добитник е на престижната награда „Георги Божиков“ и е основач на фестивалот „Виолин фест“. Со својот интерпретативен сензибилитет и извонредна техника Костов претставува симбол на современата македонска виолинска школа.
Инаку, концептот на Candlelight – концерт на свеќи, е светски признат тренд, кој ја трансформира традиционалната концертна атмосфера во интимно и емотивно доживување. Илјадници свеќи го обвиваат просторот во топол сјај создавајќи симбиоза меѓу звукот и светлината, која ја приближува публиката до суштината на музиката.
Култура
Овој декември филмот „Мајка“ ќе се прикажува во 𝟤𝟥𝟢 киносали во Франција
Филмот „Мајка“, најновото остварување на Теона Стругар Митевска, од 3. декември официјално почнува со дистрибуција во Франција. Премиерата во Париз помина со исклучителен интерес. UGC Bercy беше целосно распродаден, а проекцијата во Pathé Convention се одржа со висока посетеност, што го потврдува зрелиот интерес на француската публика.
Во рамките на промотивната турнеја, филмот беше претставен пред водечките француски медиуми меѓу кои Télérama, Europe 1, INA, Elle и Le Journal du Dimanche, со силно позитивни критики. Критичарите ја истакнуваат тематската длабочина, авторската зрелост и уметничката актуелност на филмот.
Само во октомври и ноември „Мајка“ беше прикажан на 26 меѓународни фестивали каде доби значајно внимание и позитивни оценки од стручните жирија. Филмот е веќе продаден за дистрибуција во повеќе од 40 земји, што сведочи за неговиот силен глобален досег.

Особено пофалени се актерските интерпретации. Номи Рапас се издвојува со една од нејзините најсилни изведби, а Никола Ристановски носи суптилен и емотивно комплексен настап кој остави длабок впечаток меѓу европските гледачи и критичари.
Филмот е потврден за прикажување во 230 киносали во првите две недели, во комбинација од arthouse простори и големи комерцијални кина. Дополнително, 600 киносали низ Франција го имаат вклучено филмот во своите долгорочни репертоари, што претставува редок и значаен опфат за регионален филм во францускиот дистрибутивен систем.
„Мајка“ оваа есен имаше силно присуство на меѓународната фестивалска сцена, меѓу другите во London FF, Ghent FF, Cannes Rencontres Cinématographiques, Arras FF, Geneva IFF, Mannheim Heidelberg, Seville FF, Haifa FF, Thessaloniki FF, Ljubljana FF, Tallinn Black Nights, како и на прекуокеанските фестивали во Рио де Жанеиро, Токио, Колката и Маракеш. Значајна е и селекцијата на Camerimage FF во Лоџ Полска, еден од најпрестижните фестивали за директори на фотографија.
Во декември филмот пристигнува и пред домашната публика. „Мајка“ ќе биде на редовниот репертоар во Кинотека на Македонија.

