Култура
Со премиера на „Црнила ремикс“ утре завршува МОТ
Последната премиера за Меѓународниот театарски фестивал МОТ почнува утре во 20 часот во кино „Фросина“. Фестивалската програма завршува со претставата „Црнила ремикс“ поставена од Јордан Симонов во продукција на Младински културен центар.
„Црнила ремикс“ е едно поразлично видување на класичното драмско дело на Коле Чашуле ставено во контекст на урбан хип-хоп албум. Музичко-драмски перформанс со несекојдневен пристап, со специфична актерска изведба, кој низ оригиналниот препев и музика на „Зад аголот“ нè носи во еден нов сублимат помеѓу драмата и хип-хоп супкултурата.
Во рамките на придружната програма на фестивалот во 12 часот, во Младински културен центар почнува одбележување на 70 години – јубилеј на меѓународната мрежа на Интернационалниот театарски институт/Унеско со претставување на драмската авторка, филмски сценарист и актерка од Русија, Јарослава Пулинович. Исто така ќе се одржи промоција на електронската книга „Сирота мала богата драма“ со драмско читање на 11 македонски уметници и автори : Васил Михаил, Лидија Митоска, Стефан Марковски, Елена Пренџова, Игор Поп Трајков, Ирма Башеска, Кирил Дончов, Теа Беговска, Ева Камчевска, Надица Трајкова, Миа Кантарџиева. Иницијатор и координатор: д-р Иванка Апостолова, раководител на македонскиот ИТИ Центар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Битола е подготвена за 11. издание на Шекспир фестивалот
Оваа година, во чест на 81 година постоење на Народниот театар Битола, на сцената на театарот, оживуваат вечните дела на Вилијам Шекспир – во интернационален театарски дух и со врвни продукции од Македонија и светот. Роденденот Битолскиот театар го слави со премиера и 11. издание на Битола Шекспир фестивалот кој се отвора со премиера на „Макбет” – НУ Народен театар Битола, Македонија.
Од 14. до 21. ноември публиката ќе има можност да ужива во претставите од Македонија, Полска, САД, Хрватска / Англија и Бугарија.
На програмата се:
– 15.11 – “Дванаесеттата ноќ” – Драмски театар „Александар Венгерко“, Бјалисток, Полска, режија: Игор Горжковски
– 17.11 – “Крал Лир” – “Lit Moon Theatre”, САД со почеток од 20 часот, режија: Џон Блондел
– 18.11 – “Еволуцијата на распадот” – Театарско здружение „Артема театарска лабораторија“, Скопје, Македонија, почеток 20 часот, режија : Дамјан Димовски,
– 19.11 – кореодрама “Само ти(и)ја / Only You (and I)” – Здружение на граѓани Тим Театрос К, Скопје , Македонија, режија: Војо Цветановски, почеток 20 часот
– 19.11– “Ричард III” – НУ Народен театар Битола, Македонија, режија :Мартин Мирчевски, почеток 21 часот,
– 20.11 – “Јас Писблосом / I, Peaseblossom” – “Hani-Tong Theatre”, Хрватска / Англија, режија: Филип Пар Монодрама базирана на извонредната ревизија на Шекспировата ,,Сон на летната ноќ,, од Тим Крауч,
– 21.11 – “Како што милувате / As You Like It” – Драмски театар „Стојан Бачваров“, Варна, Бугарија, режија: Габор Томпа (Романија).
Влезниците за премиерата на 14 ноември за отворањето на фестивалот се по цена од 300 денари, додека за останатите денови се бесплатни, но со претходна резервација преку смс на телефонскиот број 075/549-400 (секој работен ден од 10:00 до 15:00 часот) со следниве податоци: име и презиме, датум и име на претставата.
Резервациите се обработуваат по принципот „прв јавен, прв услужен“, а потврдата ќе ја добиете со повратна СМС порака со информации за подигање на билетите.
Вашата резервација е резервирана само доколку добиете потврдна смс порака. Поради ограничениот број на седишта за дел од претставите влезниците за истите се во мал број, па поради тоа принципот за резервација е “прв јавен , прв услужен”.
Култура
Македонски уметници учествуваа на ликовната колонија во Корча
Во периодот од 28 октомври до 1 ноември 2025 година, во градот Корча, Албанија, се одржа Ликовната колонија „Visual Artists Colony – Korce2025“, поддржана од Western Balkans Fund. Настанот беше организиран во соработка меѓу неколку партнери од регионот, меѓу кои и македонската невладина организација Интеркултура, која беше еден од коорганизаторите на оваа иницијатива.
Во рамки на колонијата учество земаа шест уметници од Македонија, познати по своето богато уметничко искуство и препознатлив авторски израз. Заедно со колеги од цела Европа, тие работеа на создавање нови дела инспирирани од потребата за мир, заедништво и меѓусебно разбирање во Западен Балкан, како и од културното наследство и природата на Корча.
Програмата на колонијата опфати посети на музејот „Gjon Mili“ и Музејот на средновековна уметност, демонстрации на сликање на голем канвас во живо во West Park, како и отворени креативни сесии во Стариот базар и културно-историските локалитети на градот.
Кулминацијата на колонијата беше изложбата на уметничките дела во Галеријата на Градската библиотека во Корча, заедно со делата од меѓународниот симпозиум „Days of Mio“. Настанот претставуваше прослава на уметноста, регионалната соработка и културната размена меѓу уметниците од Западен Балкан.
Култура
(Видео) До понеделник е гласањето за „Силјан“ за престижната „Cinema eye honors audience award“
Ексклузивно, еден од водечките светски филмски медиуми, IndieWire, го објави новиот трејлер за филмот, опишувајќи го како „најубавиот документарец на годината“ и ги повика гледачите од целиот свет да гласаат за него во рамки на престижната награда Cinema Eye Honors Audience Choice Award.
Линк за гласање: https://cinemaeyehonors.com/audience-choice-voting/
Меѓународен успех и признанија
Филмот ја имаше својата светска премиера на Филмскиот фестивал во Венеција 2025 година, каде што доби извонредни критики и беше наречен „триумф“ и „чудо над чудата“. „Приказната за Силијан“ се издвојува како едно од најзначајните документарни остварувања во пресрет на оскаровската сезона, а наскоро ќе биде прикажан во киносалите низ светот под дистрибуција на National Geographic.
Критичарите за филмот
Познатиот филмски критичар Кристијан Блауелт во својата рецензија за IndieWire напиша: „Приказната за Силијан е без сомнение најубавиот документарен филм на годината. Внимателно изработен, човечен и поетски приказ на односот меѓу еден постар човек и штркот кој му станува пријател и спасител.“ Филмот ја следи приказната за Никола, човек кој се обидува да ја одржи семејната фарма откако неговото семејство заминува во потрага по посигурна егзистенција. Во момент на осаменост, штркот кој случајно се појавува му станува придружник, пријател и симбол на надеж. Приказната е вистинита и неодоливо потсетува на старата македонска народна легенда за залутаниот син кој се враќа кај својот татко откако се претвора во штрк.
Процесот на создавање
Режисерката Тамара Котевска ја следи семејната приказна на Никола повеќе од година и пол пред да се појави штркот. Првично планира да сними документарен филм за последиците на конзумеризмот и глобализацијата врз миграциите, кај луѓето и кај нејзините омилени штркови. Но, животот на ова семејство неочекувано почнал да ја пресликува уметноста, претворајќи ја нивната реалност во современ мит за поврзаноста меѓу човекот и природата. Резултатот е поетско и длабоко човечко сведоштво за вечноста и за тоа како древните митови содржат вистини што остануваат значајни низ вековите.
Кампања за Оскар и американска турнеја
Тамара Котевска во моментов е на американска турнеја во рамките на кампањата за Оскар, а пред неколку дена настапи меѓу режисерите на десетте најдобри документарни филмови на годината во престижната селекција на The Hollywood Reporter на фестивалот во Савана, Вирџинија. Турата продолжува, а јавноста ќе има можност да ја следи преку медиумите и официјалните канали на филмот.

