Култура
Oбјавен конкурсот за месечни надоместоци на самостојни уметници

Министерството за култура денеска во печатените медиуми и на веб-страницата www.kultura.gov.mk го објави конкурсот за доделување месечни надоместоци на самостојните уметници за 2019 година.
За стимулирање и помагање на уметничкото творештво на самостојните уметници, Министерството за култура за 2019 година ќе обезбеди средства од буџетот како месечни надоместоци на самостојните уметници, за придонесите за здравствено, пензиско и инвалидско осигурување и за персоналниот данок на доход.
Право на учество на конкурсот имаат самостојни уметници кои се регистрирани во Централниот регистар на Република Македонија како трговец-поединец самостоен уметник за вршење уметничка дејност во согласност со Законот за културата и со Законот за трговските друштва.
Основни критериуми за доделување на месечниот надоместок на самостојниот уметник се уметничките вредности на неговото творештво и на неговите изведби и активности во текот на последните пет години. Надоместок ќе му се додели на самостојниот уметник што ги исполнува критериумите по одделни видови уметничко творештво утврдени во правилникот за утврдување на критериумите за доделување месечни надоместоци од средства од буџетот на Република Македонија за придонесите за здравствено, пензиско и инвалидско осигурување и за персоналниот данок на доход на самостојните уметници. Конкурсот ќе трае до 14 декември.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Претставата „12“ на МНТ добитник на три награди на МТФ „Војдан Чернодрински“

На овогодинешниот 59. МТФ „Војдан Чернодрински“ претставата „12“ е добитник на три награди. Жири-комисијата, во состав: Лилија Абаџиева – театарска режисерка и педагог, претседателка на жирито; Нела Оташевиќ – продуцентка во Црногорско народно позориште и Иван Меденица – театролог и универзитетски професор, ги додели: наградата за уметничко остварување во целина и специјална награда за колективна игра за претставата „12“, како и наградата за машка епизодна улога „Димче Трајковски“ на Оливер Митковски во истоимената претстава.
Македонскиот народен театар со претставата „12“, по мотиви на Реџиналд Роуз (12 Angry Men), во адаптација и режија на Синиша Евтимов, на 6 јуни го отвори фестивалот и учествуваше во официјалната натпреварувачка програма, во конкуренција со уште осум театарски куќи.
Во претставата настапува извонредна актерска екипа, која ги освои и домашниот и меѓународниот аудиториум: Ѓорѓи Јолевски, Гораст Цветковски, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Благој Веселинов, Александар Микиќ, Игор Џамбазов, Јордан Симонов, Нино Леви/Сенко Велинов, Оливер Митковски, Владо Јовановски и Сашко Коцев.
Култура
Награда во Еквадор за „Јон Вардар против галаксијата“

Првиот македонски анимиран долгометражен филм „Јон Вардар против Галаксијата“ ја освои наградата за најдобар долгометражен филм на 9. Филмски фестивал во Портовјехо, Еквадор.
Фестивалот се истакнува по својата програма која промовира иновативни и храбри филмски дела од целиот свет. Ова е четврта фестивалска проекција на филмот во Латинска Америка, по претходните успешни учества во Аргентина и Бразил.
„Чест ми е што Јон Вардар ја продолжува својата галактичка одисеја низ Латинска Америка, тоа е признание не само за нашата екипа, туку и за целата македонска анимација. Топлината и љубопитноста на оваа публика совршено се поклопуваат со бунтовниот и хумористичен дух на филмот“, вели режисерот Гоце Цветановски.
Балканскиот хумор, сатиричниот тон и универзалните теми на филмот ја освојуваат и латиноамериканската публика.
Филмот е во сценарио и режија на Гоце Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, продуцент е Алан Кастиљо, а главните улоги ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски.
Култура
„Голдберг варијациите“ на Бах во изведба на Дино Имери – утре во Виена

Македонскиот пијанист Дино Имери, еден од највпечатливите уметници на својата генерација, утре (13 јуни) ќе настапи во Виена – глобалниот и историски центар на класичната музика. На програмата е капиталното дело на Јохан Себастијан Бах – „Голдберг варијации“, кое ретко се изведува на концертните сцени низ Европа, токму поради неговата исклучителна сложеност и длабочина.
Концертот ќе се одржи во престижниот „Бехштајн Центрум“ во Виена, во организација на Амбасадата на Република Северна Македонија, со поддршка од Македонско-австрискиот бизнис клуб и компанијата SSB Infrastructure-Austria.
Ова дело, коешто Имери премиерно го изведе во Скопје во рамки на „Недела на Бах“, привлече големо внимание од публиката и критиката. Програмата бара техничка виртуозност и уметничка зрелост, а само мал број пијанисти во светот се осмелуваат да го стават во својот концертен репертоар.
„Настап во Виена е сон на секој уметник. Особено ми е чест да ги изведам ‘Голдберг варијациите’ – едно од најмонументалните дела на класичната литература, на сцена пред публика која секојдневно слуша врвни уметници и програми. Работев на ова дело повеќе од пет години. Искрено им се заблагодарувам на Н.Е. г-дин Освит Росоклија и на поддржувачите на концертот – без нив оваа реализација немаше да биде можна“, изјави „волшебникот на пијаното“ Дино Имери пред настапот.
Концертот е со слободен влез и отворен за сите љубители на класичната музика.