Култура
Panta rhei – изложба на скулптури од Марјан Стојаноски

На 16 мај, со почеток во 20 часот, ќе биде отворена изложба на скулптури од Марјан Стојаноски со наслов Panta Rhei, во Културно-информативниот центар „Скопје“, салон „Империјал 2“.
Последното ликовно достигнување на академскиот скулптор Стојаноски е со наслов Panta rhei. Овој опус скулптури има современ призвук, кој личи на пат кон иднината, кон непознатото.
Идејниот израз на авторот е отелотворен визуелно во метал. Делата поседуваат динамизам, тие се асоцијативно- ротирачки формации, кои претставуваат рефлекс од едно друго време, рефлекс од безвременоста, рефлекс од вселената. Кругот, неговата моќ и неговото симболистичко сфаќање раскажуваат за panta rhei.
Феникс, повторно раѓање, издигнување од пепелта, е наративно пораката што ја носи оваа изложба. Стојаноски е патник низ времето, тој волшебно ја менува својата стварност оставајќи траг што сведочи за творечка физиономија создадена во духот на новото време.
Изложбата ќе биде отворена до 24.5.2022 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Концерт во Рим на тенорот Благој Нацоски на манифестацијата „Денот на свети Кирил“

Тенорот Благој Нацоски настапи на концерт во салата „Балдини“ во Рим, во рамки на чествувањето на манифестацијата „Денот на свети Кирил“.
Нацески беше придружуван на пијано од Алесандро Д‘Агостини, а на програмата беа дела од Страдела, Хендл, Хајдн, Фирфов, Тодор Скаловски, Трајко Прокопиев, Благој Цанев.
Беа изведени стихови од Владо Малески, Блаже Конески, Славко Јаневски, Ацо Шопов.
„За Кирил и Методиј е запишано дека биле векови пред своето време. Затоа и чествувањето на нивната мисија треба да биде достојно, достоинствено и далекугледо. Тие не создадоа писмо, азбука, збор за поделби. Тие се дадоа себе за да создадат универзално добро. Не случајно Ватикан ги прогласи за Патрони, Заштитници на Европа, а нивните дела за цивилизациска вредност“, рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Пред концертот, во своето кусо поздравно обраќање министерката потенцираше дека е голема пораката на мудрите сесловенски просветители Кирил и Методиј во битката дека секој народ има право да пишува, да зборува и да му се моли на Бога на својот јазик.
„И денеска, кога и јас пред вас говорам на македонски, еден од јазиците кој ѝ припаѓа на словенската група јазици, има ли поголем повод и подобар миг да ги слушнеме зборовите на Блаже Конески, Славко Јаневски, Ацо Шопов… отпеани од нашиот најпознат тенор во светот, од нашиот амбасадор на културата во оваа прекрасна земја, нашиот Благој Нацоски“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Во рамките на чествувањето на светите Кирил и Методиј, во киното „Тицијано“ утре ќе биде прикажан документарниот филм „Медена земја“ во режија на Тамара Котевска, чие претставување е на иницијатива од Македонската амбасада во Рим и Асоцијацијата „Жени дипломати“ при МНР на Италија АЦДМАЕ.
Министерката за култура Костадиновска-Стојчевска е член на државно-црковната делегација предводена од претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, која денеска и утре престојува во Италијанската Република и во Ватикан по повод чествувањето на светите Кирил и Методиј. Костадиновска-Стојчевска денеска беше и на аудиенцијата кај поглаварот на Римокатоличката црква, Неговата Светост папата Франциск, а делегацијата положи и венец на спомен-плочата на македонски јазик. За утрешниот ден е предвидена посета на базиликата „Сан Клементе“, каде што ќе се одржи молебен во чест на св. Кирил, на кој ќе началствуваат митрополитите г. Пимен и г. Јосиф.
Култура
Меѓународен фестивал на прозата во Куманово

На 25 и 26 мај во Националната установа Центар за култура „Трајко Прокопиев“ Куманово ќе се одржи првиот „Меѓународен фестивал на прозата“.
Фестивалот е во организација на институцијата со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општината на градот Куманово.
„Започнуваме манифестација која се надеваме дека ќе опстои долго, манифестација по која ќе бидеме препознатливи и манифестација која ќе биде темел на збиднувањата од ваков вид“, велат организаторите на настанот.
Свеченото отварање е на 25 мај, со почеток во 20 часот, во фоајето на институцијата. Тема на првата фестивалска вечер е „Женското писмо и Балканот“, гости кои нашироко ќе дебатираат на ова тема се: Јорданка Белева, Оливера Ќорвезироска и Лејла Каламујиќ, Фросина Крушкаровска се јавува во улога на модератор. Вечерта ќе биде збогатена со музика во изведба на Јован Цветковиќ.
26 мај е резервиран за втората фестивалска вечер, вечер во која гостите Николина Андова Шопова, Жарко Кујунџиски, Давор Стојановски, Лира Бојку, Александар Шпатов и Фејзи Бојку ќе читаат фрагменти по сопствен избор од книжевните остварувања кои длабоко оставаат траги. Модератор на втората вечер е писателот Петар Андоновски.
Композицијата на визуелното општење за фестивалот е дело на дизајн проф. м-р Стефан Јакимовски.
Целта на манифестацијата е да се доближи книжевната прозна продукција до читателската публика, да е запознаат со домашните и страните авторите и нивните дела, што ќе придонесе до формирање на едно критичко, субјективно мислење, ќе се потикне и формира идниот „читач“.
На настанот се очекува да присуствуваат претставници од јавниот, културниот и општественио живот на Куманово.
Култура
Распишан поетскиот конкурс „Антево перо“ за 2022 година

Meѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ распишува конкурс за доделување на наградата „Антево перо“, утврдена во чест на творештвото на бардот на современата македонска поезија, Анте Поповски, за 2022 година.
Пропозиции:
1. Наградата „Антево перо“ за 2022 година се доделува како исклучително македонско поетско признание за необјавена поетска книга (поетски ракопис).
2. На конкурсот може да се јават сите автори што имаат необјавен поетски ракопис на македонски јазик, без разлика на националноста, возраста, литературниот стаж или државата во која живеат.
3. Наградата се состои во непрофитно објавување на поетскиот ракопис, со назнака на името на наградата на корицата од книгата и со отстапување на комплетниот тираж (300 примероци) на авторот.
4. Книгата ќе биде квалитетно претставена и промовирана со посебен осврт од наш истакнат литературен творец во рамките на самата манифестација.
5. Пристигнатите ракописи ќе ги разгледува тричлена комисија, во состав: Весна Мојсова-Чепишевска (професор, писател и книжевен критичар), д-р Атина Цветаноска (книжевен истражувач) и Жорж Поповски (новинар, член на семејството на Анте Поповски). Третиот член има право на вето на одлуката на комисијата доколку смета дека делото што комисијата сака да го награди е под достоинството на поетското творештво на Анте Поповски или го навредува јавниот и естетскиот вкус.
6. Ракописите треба да бидат напишани во Times New Roman, фонт 12 и да бидат испратени во електронски формат pdf или word на електронската адреса: [email protected] заклучно со 28 август 2022 година.
7. Кандидатите може ракописот да го достават под свое име и презиме или под шифра. Во вториот случај авторството го докажуваат со копија од ракописот по објавувањето на резултатите.
8. Кандидатите не мора да го чекаат последниот рок затоа што Комисијата ќе ги прегледува ракописите сукцесивно, онака како што пристигнуваат.
9. Комисијата својата одлука ќе ја соопшти за време на манифестацијата кон средината на септември 2022 година.