Култура
Поетите ќе творат на вината на Тиквеш
Учесниците на 55. јубилејно издание на Струшките вечери на поезијата во недела ќе имаат несекеојдневна можност да творат со вината на Тиквеш. Имено винарската визба Тиквеш обезбеди вино со празни етикети од едицијата „спешл селекшн“ на кои поетите ќе творат и ќе остават траен белег на вината на Тиквеш со стихови од светската поезија.
СВП и винаријата Тиквеш заеднички ќе ја раскажуваат винската приказна за нашата земја што гостите ќе ја добијат од посетата на Македонија.
Приказната за поезијата и виното во еден простор кој уште од антиката бил средиште на духовни и културни настани, чии траги и ден денес предизвикуваат восхит. Добрата песна многу често извирала од добро вино, самото тоа често било инспирација за песна. Умешноста и уметноста во поетска креација и креацијата на виното е творечки чин на кој отсекогаш се воодушевувало човештвото. Оттаму ваквото проникнување е еден суштински, длабоко симболички и несомнено природно е да биде раскажано токму во Винарската визба „Тиквеш“. И тоа токму заради тежнението да понуди врвен светски квалитет на своите вина, со особени карактеристики и вредности, какви што само со беспоштедна посветеност, љубов и знаење можат да бидат создадени.
Уникатните шишиња со стихови на сите светски јазици ќе останат во колецијата на Винарската визба Тиквеш и Струшките вечери на поезијата. Можноста за творење на овој специфичен и несекојдневен начин ќе ја имаат на традиционалниот излет со брод во Свети Наум, а на крај ќе биде прогласена и најдобрата песна „In vino veritas“. Поетите ќе имаат задача и да креираат ново име за вино кое ќе се произведува во Тиквеш.
Моменти за уживање со вината на Тиквеш учесниците на 55. Струшки вечери имаа и синоќа по портретот на добитничката на „Златниот венец“ Маргарет АтвудВо рамки на возобновената соработка на СВП и Тиквеш за идниот период предвидени се нови проекти во кои ќе се проникнуваат поезијата и виното, а ќе бидат промовирани на нови креативни начини.
Винарската визба „Тиквеш“ и Струшките вечери на поезијата имаат богата заедничка историја. Во 1973 година создадено е виното „Т’га за југ“ во чест на манифестација „Струшки вечери на поезијата“.
При една од посетите на група поети учесници на СВП на винарницата, истите предложиле новото вино направено во нивна чест да се вика токму „Т’га за југ“, според истоимената поема на познатиот македонски поет Константин Миладинов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Од Белград до Лос Анџелес: Ѕвездата на „Stranger Things“ – Никола Ѓуричко настапува во МНТ за роденденската прослава
Свеченото одбележување на големиот јубилеј на МНТ започнува на 30 март со стенд-ап шоуто „Шоубиз“ (SHOWBIZ), во изведба на белградскиот и светски познатиот актер Никола Ѓуричко. Наградуван актер и во театарот, филмот и телевизијата, чија долга и успешна кариера му го отвори патот до значајни улоги на холивудската сцена. Тој е долгорочно поврзан со Југословенското драмско позориште (ЈДП) во Белград, каде беше постојан член на ансамблот уште од 1995 година и каде реализира бројни успешни театарски улоги, а од крајот на 2019 година живее и работи во Лос Анџелес, САД.
Ѓуричко e светски препознатлив и по улогата на Јури во хит серијата „Stranger Things“, како и во филмот „World War Z“ и други меѓународни продукции.
По три години од успешниот стенд-ап „Сѐ што сакавте да знаете за Џони, а никогаш не се осмеливте да го прашате“, Ѓуричко подготви нова програма под наслов „Show biz“, со која настапува низ Србија, регионот и дијаспората во рамки на големата турнеја.
Новиот материјал, како и претходниот, е потпишан од актерската ѕвезда и се однесува на неговиот живот, кариера и семејство. И оваа шоу-програма на духовит начин ги раскажува интересните детали од неговиот живот и професионален пат.
„Show biz е моето ново стенд-ап шоу. Речиси три години не настапував, па се зажелев за луѓе, за публика. Имам многу нов материјал… тоа се само некои нови животни искуства и сознанија, кои сакам да ги споделам со луѓето, како на пример, зошто ме фаќаа за јаката, зошто морав да присуствувам на породување или зошто го пријавив син ми во полиција.“, вели Ѓуричко.
Вечерта на 30 март, Ѓуричко најавува вечер исполнета со хумор, анегдоти и лично сведоштво од меѓународната кариера.
Неговиот настап е дел од роденденската прослава на МНТ. Во чест на првата претстава во Македонскиот народен театар, изведена на 3 април 1945 година, мината година, театарот одбележа 80 години од постоењето. Годинава продолжува со одбележувањето на јубилејот и на 81 година од постоењето. Роденденот на МНТ беше одбележан со македонски сценски спектакл, каде беше степенувана важноста на ансамблот на МНТ и претстави од македонски автори, кои оставија достоинствен белег во институцијата. Годинава пак, прославата се надоврзува на таа традиција, со ново проширување — рецентни меѓународни гостувања и настапи на светски познати уметници, како сведоштво за континуитетот и современата визија на театарот.
Билетите се пуштени во продажба онлајн, како и на билетарницата во МНТ.
Култура
47. издание на ИФФК „Браќа Манаки“: Подгответе се за исклучителен избор на филмови, дружење со реномирани светски кинематографери и разговори за седмата уметност
ИФФК „Браќа Манаки“, првиот и најстар фестивал во светот посветен на креативноста на кинематограферите, го најавува своето 47. издание, кое ќе се одржи во Битолa, од 19 до 25 септември 2026 година. „Подгответе се за многу незаборавни дружења со реномираните светски кинематографери и разговори за визуелните деликатеси на седмата уметност“, порачуваат организаторите.
Од своето основање во 1979 година, овој фестивал сведочи за уметноста на кинематографијата, славејќи ги пионерите на филмската камера од Балканот, Јанаки (1878-1954) и Милтон (1880-1964) Манаки.
На 47. Издание на ИФФК „Браќа Манаки“ во текот на седум дена, посетителите можат да очекуваат исклучителен избор на играни филмови, документарни филмови, кратки филмови и студентски филмови кои пленат, инспирираат и предизвикуваат.
Покрај извонредните пет натпреварувачки програми, фестивалот се гордее со својот Клуб на великаните.
Низ годините, плејада кинематографери од светски глас беа добитници на престижните награди. Лауреатите на Манаки се врвни мајстори на филмската фотографија, чии епохални остварувања ја разбранувале филмската индустрија. И годинава ќе бидат доделени наградите: Златна камера 300, Сребрена камера 300, Бронзена камера 300, Железна камера 300, Мала камера 300 и Кристална камера 300, како и почесните награди: Златна камера 300 за животно дело во кинематографијата, Специјална Златна камера 300 за извонреден придонес во светската кинематографија, Златна камера 300 за креативна синергија и Голема ѕвезда на македонскиот филм што ја доделува ДФРМ.
Култура
Почина Бред Арнолд – пејачот на американскиот бенд 3 Doors Down
Бред Арнолд, пејачот и основач на американскиот рок-бенд 3 Doors Down, најпознат по хитовите „Kryptonite“, „When I’m Gone“ и „Here Without You“, почина на 47-годишна возраст, неколку месеци откако објави дека боледува од тешка болест.
Бендот ја објави тажната вест
„Со тешко срце ја споделуваме веста дека Бред Арнолд, основач, главен пејач и текстописец на 3 Doors Down, почина во саботата, на 7 февруари“, објави бендот на Инстаграм.
„Почина во сон, опкружен со љубов, покрај својата сопруга Џенифер и семејството, по храбра борба со рак“, додадоа тие, споменувајќи ја неговата сопруга Џенифер Сандерфорд.
Бендот се присети на Арнолд како на основач, пејач и оригинален тапанар, кој оставил силен белег во мејнстрим рокот, спојувајќи пост-гранџ звук со емоционално директни текстови кои лесно допирале до публиката.
„Песните на Бред одбележаа една генерација и создадоа некои од најголемите хитови на 2000-тите, вклучително и онаа која го прослави бендот – ‘Kryptonite’ – која ја напиша на час по математика на само 15 години“, стои во објавата. „Неговата музика го надмина концертниот простор, создавајќи моменти на поврзаност, радост и заедничко искуство кои ќе живеат и по неговите настапи.“
Го опишаа и како „посветен сопруг“, додавајќи: „Неговата добрина, хумор и великодушност ги допреа сите кои имаа среќа да го познаваат. Најблиските ќе го паметат не само по талентот, туку и по неговата топлина, скромност, вера и длабока љубов кон семејството и пријателите.“
„Семејството е длабоко благодарно за излеаната љубов и поддршка во ова тешко време и моли за почитување на приватноста“, се заклучува во соопштението на бендот.
Борба со тешка болест
Во мај минатата година, Арнолд објави дека боледува од рак на бубрег во четврта фаза. Во видео објава на Инстаграм откри дека болеста се проширила на белите дробови, поради што морале да ја откажат турнејата.
Почетоци на бендот и хитот напишан во средно училиште
Бред Арнолд е роден во 1978 година во Ескатаупа, Мисисипи. Бендот 3 Doors Down го основал како матурант, заедно со пријателите Тод Харел (бас) и Мат Робертс (гитара).
Во 1998 година им се придружил гитаристот Крис Хендерсон и заедно издале независно CD издание со рана верзија на песната „Kryptonite“, која постигнала голем успех на локалните радио-станици.
„Ја напишав таа песна на час по алгебра во средно училиште“, се присети Арнолд во едно интервју, објаснувајќи дека токму креативното пишување го поттикнало да ги создава текстовите како кратки приказни.
Патот до ѕвездите
Во 1999 година, бендот потпиша договор со Universal Republic Records. Им се придружи тапанарот Ричард Лајлс, што му овозможи на Арнолд целосно да се посвети на пеењето и пишувањето.
Нивниот деби албум The Better Life излезе во 2000 година и постигна голем успех, пред сè благодарение на синглот „Kryptonite“, кој им донесе и номинација за Греми.
Албумот Away from the Sun од 2002 година ги донесе хитовите „When I’m Gone“ и „Here Without You“, а и следните албуми продолжија да се искачуваат високо на топ-листите. Вкупно имаат издадено шест студиски албуми.
Личен живот и хуманитарна работа
Во 2004 година, бендот ја основа хуманитарната организација The Better Life Foundation. Арнолд претходно јавно зборуваше и за својата борба со алкохолизмот, и дека побарал помош и останал трезен.

