Култура
Престижната европска награда за поезија "Петру Крду" за Лидија Димковска
Престижната европска награда за поезија “Петру Крду” што ја доделува издавачката куќа Книжевна општина Вршац (КОВ) од Србија ја доби македонската поетеса Лидија Димковска.
Македонската поетеса Лидија Димковска (1971), добитник на неколку национални и европски признанија е досега најмладиот добитник на оваа награда, која, како што истакна Ана Kрду, сопруга на починатиот поет, преведувач и издавач Петру Крду, во 1991 година ја добил и шведскиот поет Томас Транстромер, кој дури 20 години подоцна ја доби Нобеловата награда.Во образложението на членовите на жирито, во состав: д-р Драшко Реџеп, главен и одговорен уредник на КОВ, Ана Бландијана (Романија) и Вјачеслав Купријанов (Русија) покрај другото се вели дека поезијата на Димковска укажува на моќта и на мисловната димензија на древниот македонски јазички израз како и на неговиот подоцнежен глас. Нејзиниот речиси револуционерен скок во истражувањето на светот во себе и околу нас има постигнато некои од најзначајните моменти. Таканаречените крајни можности за разбирање поетесата ги воведува на голема врата во светот на новата метафизика, на соголеноста на смислата, на релативизмот на важноста.За наградената авторка и за значењето на признанието говореа директорот на Фондацијата Вук Љубомир Милутиновиќ, главниот и одговорен уредник на КОВ д-р Драшко Реџеп, поетот и преведувач Душко Новаковиќ, издавачот и литературниот критичар Ненад Шапоња и членот на Управниот одбор на КОВ Сања Вукељиќ. Европската награда за поезија се доделува биенално од 1986 год. Иницијатор за наградата беше српскиот поет и прв уредник на КОВ, Васко Попа, а традицијата ја продолжи Петру Крду според кого по неговата смрт наградата и се именува. Досегашни добитници на Европската награда за поезија се: Хусто Хорхе Падрон (Шпанија), Вјачеслав Купријанов (Русија), Јулијан Корнхаузер (Полска), Штефан Аугустин Дојнаш (Романија), Томас Транстромер (Шведска), Чарлс Симиќ (САД), Тито Патрикије (Грција), Миодраг Павловиќ (Србија), Роберто Мусапи (Италија), Еуженио де Андраде (Португалија), Рајнер Кунце (Германија), Тадеуш Ружевич (Полска), Паво Хавико (Финска), Пол Малдун (Ирска/САД), Ана Бландијана (Романија), Весна Парун (Хрватска), Петру Крду (постхумно, Србија) и Адам Загајевски (Полска). Наградата се состои од плакета, паричен износ и специјално издание избрана поезија од наградениот поет во препев на српски јазик. /крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Џез под ламба“ повторно во Центар, магична божиќна атмосфера со Мартина Елиора и нејзиниот бенд
Општина Центар на 27 декември, со почеток во 19:00 часот, ќе го одржи настанот „Џез под ламба“ на пјацетата кај Италијанската амбасада.
Граѓаните ќе имаат можност да уживаат во џез верзии на најпознатите новогодишни и божиќни песни во изведба на Мартина Елиора со нејзиниот бенд, но и да пробаат греано вино и печени костени.
„Ги поканувам сите љубители на добрата музика да ни се придружат и да ја споделиме божиќната атмосфера. Да ја продолжиме оваа навистина убава традиција, која му дава посебен и препознатлив шарм на Центар“, порача градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Настанот „Џез под ламба“ веќе трета година е дел од програмата за култура на Општина Центар, музички настан кој го промовира џезот и македонските изведувачи.
Култура
Македонското глумиште денес се простува од својот колега, актерот Лазе Манасковски
Драмскиот театар – Скопје ја информира јавноста дека погребот на актерот Лазе Манасковски е денес на Градските гробишта во Бутел. Семејството, роднините, колегите, пријателите и почитувачите ќе се простат од Лазе Манасковски од 11.30 до 12.30 часот во капелата на гробиштата.
Македонскиот театарски, филмски и телевизиски актер Лазе Манасковски е роден на 27 март 1958 во Скопје, а почина на 20 декември 2025 во Скопје. Дипломирал на Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 1983 година тој се вработил во Драмскиот театар – Скопје, каде што бил професионално ангажиран сè до неговото пензионирање во 2022 година.
Kомеморација во чест на починатиот актер ќе се оддржи во неговата матична куќа, Драмскиот театар – Скопје, на 24 декември (среда) во 12 часот.
Култура
Новогодишен концерт „Кадифено“: Зарина Првасевда ја исполни Филхармонијата со традиција и современ звук
Во саботата, 20 декември се одржа новогодишниот вокалната уметница и интерпретаторка на традиционална музика Зарина Првасевда, со наслов “Кадифено”. Во преполната сала на Филхармонија, беше отсвирен репертоар кој вклучи македонски традиционални песни, но и песни од албанската, турската, влашката традиција, односно песни кои се дел од културата на нашите простори.
Гости на концертот беа перкусионистот Ахмет Алан, како и гитаристот Џенк Ердоган, кој по неколку минутниот аплауз од публиката, повторно се вратија на бис.
“Бев многу среќен на концертот, најмногу поради комуникацијата која се оствари меѓу нашите култури и традиции. Многу ми се допадна музиката која ја отсвиревме, ми се допаднаа и приказните зад секоја од композициите, особено бидејќи Зарина беше доволно љубезна да ја раскаже приказната зад секоја од песните. Со тоа, јас дополнително се внесов во интерпретацијата на секоја од нив, бидејќи ги бирав акордите во зависност дали е љубовна песна или песна со трагичен крај. Целиот амбиент, салата, декорацијата на бината направи да се чувствувам како дома, како да седиме со моите пријатели и свириме од срце. Би сакал да дојдам повторно, се радувам на таа идеја” – изјави Џенк Ердоган, виртуозот на фретлес гитарата од Турција кој е Греми награден артист и еден од гостите музичари на концертот.
„Настапот со уметници со светско значење како Џенк, Ахмет, Андреа и Тони претставува исклучителна чест и задоволство. Концертот отвори можност традиционалната музика да се согледа од поинаков агол и пред публиката да се претстави еден современ пристап кон народното музичко наследство. Особено ме радува што публиката имаше можност преку овој настан да се поврзе со светот и да доживее музичко искуство исполнето со нова енергија и чувствителност. Атмосферата беше навистина магична, а големата посетеност и бројните пораки исполнети со топлина, мекост и милина кои ги добив по концертот потврдуваат дека оваа идеја беше препознаена и прифатена.Искрено сум благодарна на сите кои со својата посветеност и поддршка придонесоа за успешната реализација на овој концерт.“ – изјави Зарина.
На концертот настапија и професорот и музичар Тони Арслан, македонскиот виртуоз на виолина како и младата и надежна контрабасистка, Андреа Мирческа.
„Кадифено“ е концертен настан што создава дијалог меѓу традиционалната музика, модерниот звук и интернационалната музичка извонредност.
Овој проект ја означува премиерата на новиот музички опус на Зарина Првасевда, каде интимниот и длабоко емотивен израз се испреплетуваат со македонската и ориенталната традиција, добивајќи современа звучна форма низ импровизација и модерен сензибилитет.
„Овој концерт претставува само почеток на концертниот циклус на Зарина, кој ќе продолжи и во текот на следната година, кога се планирани снимање и издавање на нов албум, како и нов концертен проект.
Фотограф: Стефан Рајхл, соопштение „Друга страна“

