Култура
Промовирани нови дела од проектот „130 тома македонска книжевност“
Нови пет тома од капиталниот проект „130 тома македонска книжевност“ и 25 дела преведени на македонски, од албански и турски јазик беа промовирани во среда.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска изрази големо задоволство и рече дека новите дела претставуваат важна творечка етапа од македонската културна историја.
„Денешната промоција на овие дела е особено значајна бидејќи пред македонските читатели презентираме пет нови томови на македонски и на англиски јазик на едицијата кои прикажуваат една важна творечка етапа од македонската културна историја која е длабоко поврзана со македонската национална мисла, дела кои ни го доближуваат и творештвото на авторите од четвртата генерација македонски писатели која на македонската книжевна сцена дебитираше во седумдесеттите години од минатиот век. Исто така, денеска промовираме и 25 наслови на дела на албански и турски автори кои се дел од едицијата „130 тома македонска книжевност“ и кои сега се достапни и на македонски јазик. Овој зафат несомнено овозможува приближување и интегрирање на македонскиот културен и јазичен простор и е значителен исчекор во меѓусебното проткајување на спецификите на современото творештво на сите заедници што живеат во Република Македонија“, рече Канческа-Милевска.
Таа информираше дека томот насловен како „Македонски литературни пројави“, приреден од академик Блаже Ристовски, содржи избрани дела од Ѓорѓија Пулевски, Марко Цепенков, Петар Поп Арсов, Војдан Чернодрински, Марко Григоров Брадин, Димитрија Чуповски и Крсте Мисирков кои ја афирмираат македонската национална мисла и периодот кога нашите национални дејци ја прогласуваат идејата за македонска држава со македонски јазик, литература и култура.
Другите четири томови, додаде, претставуваат избори од поетското творештво на четворица истакнати македонски автори: Санде Стојчевски, Веле Смилевски, Раде Силјан и Бранко Цветкоски кои заедно со Ефтим Клетников, Катица Ќулафкова, Милош Линдро, Вера Чејковска и неколкумина други поети, се носители на новите тенденции во македонската книжевност во седумдесетите години.
Вториот проект што беше промовиран, односно 25 книги од албански и турски автори преведени на македонски јазик според министерката придонесуваат во збогатувањето на книжевниот мозаик на Република Македонија.
„Вториот проект, преводот на македонски јазик на 25 книги на албански и турски автори, кои се родиле, живееле, твореле и денеска активно придонесуваат во збогатувањето на книжевниот мозаик на Република Македонија, овозможува македонската читателска публика посеопфатно да се запознае со спецификите и високите книжевни вредности на врвните автори како што се Мурат Исаку, Луан Старова, Ресул Шабани, Адем Гајтани, Нехас Сопај, Халил Зендели, академик Али Алиу, Фахри Каја, Илхами Емин и многу други“, истакна Канческа-Милевска.
Делата од оваа едиција веќе добија и меѓународна потврда преку дистрибуцијата и промоцијата на комплементарниот издавачки проект – Превод на едицијата „Македонска книжевност“ на англиски јазик во преку 300 библиотеки и научно-образовните институции низ целиот свет. Со тоа, овој проект е целосно реализиран, а интензивно Министерството за култура работи на следната фаза, антологиски приказ на оваа едиција во осум тома на шест светски јазици оформени според жанровски принцип кои треба да бидат завршени до 2016 година. крај/мф/сд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Патување низ различни музички светови со осмомартовскиот концерт на „Охридско лето“
По повод 8. Mарт, Денот на жената, во организација на НУ „Охридско лето“ ќе се одржи свечен осмомартовски концерт со настап на гитаристот Дејан Милевски. Концертот, кој ќе се одржи на 7. март во црквата „Света Софија“ во Охрид со почеток од 20 часот, ќе понуди богата стилска палета, од барокна елеганција, преку романтична лирика, до шпански и латиноамерикански музички колорит, создавајќи свечена атмосфера достојна за одбележување на празникот на жената. Влезот за концертот е слободен.
„Овој концерт претставува музичка честитка за сите жени. Преку убавината на класичната гитара и преку делата кои истовремено носат нежност, страст и сила сакаме да ја пренесеме токму таа симболика. Веруваме дека културата и уметноста се највисоката форма на оддавање почит, а овој концерт е симболичен, но искрен гест на благодарност кон сите жени. „Охридско лето“ останува доследно на својата мисија да создава настани што афирмираат вредности и почит преку врвната уметност“, вели директорот на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно одбрана музичка програма со делата на Агустин Бариос Мангоре, Франсоа де Визе, Антонио Хименес Мањон, Астор Пјацола, Мигел Љобет, Франц Шуберт, Јохан Каспар Мерц и Хоакин Малатс.
„Програмата нуди патување низ различни музички светови, од префинетата барокна елеганција на Франсоа де Визе, преку романтичната лирика на Шуберт и Мерц, и шармот на шпанската традиција кај Мањон, Љобет и Малатс, до страствените ритми на латиноамериканската гитара со Бариос и Пјацола“, вели Цуцковски.
Дејан Милевски е роден 1996 година во Охрид, Македонија. Своето музичко и гитарско образование го започнува на единаесетгодишна возраст во државното музичко училиште во Охрид во класата на проф. Александар Крстаноски. На четиринаесет години музичкото образование го продолжува во државното средно музичко училиште во Скопје (ДМБУЦ) како музичар изведувач- гитара во класите на проф. Дарко Багески и проф. Борче Наумоски.
За време на своите средношколски денови, Дејан освојува неколку награди на државни и интернационални натпревари по гитара. Истовремено е дел од неколку камерни состави со инструменталисти и соло пејачи, со кои настапува на многу настани во средното музичко училиште, но и надвор од него.
Во 2017 година го положува приемниот испит за додипломските студии на Факултетот за музика и танц во Келн, Германија, а во 2021 дипломира со највисоката оцена. Веднаш по завршниот испит го положува приемниот испит за магистерските студии на истиот факултет во Келн, Германија (“Hochschule für Musik und Tanz-Köln”) во класата на професорот Герхард Рајхенбах, а во 2024 година магистрира со највисокото признание.
Има учествувано на многу познати народони и меѓународни гитарски фестивали и натпревари како Guitar Art Festival Belgrade, Sarajevo Guitar Festival, Peja Guitar Festival- Kosovo, Gorizia Guitar Competition (Италија) и Tirana Guitar Festival, каде има освоено неколку награди.Исто така, учествувал и на многу семинари со реномирани професори и уметници од светската сцена.
Од 2019 до 2021 година предава класична гитара во музичкото училиште во Линторф, Германија, а во 2020 до 2022 година започнува да предава и да го води гитарскиот оркестар и во музичкото школо во Шпрокховел, Германија.
Дејан Милевски има настапувано на многу концерти во Македонија, Австрија, Италија, Германија, САД. Од 2022 година е вработен како професор по гитара во музичкото училиште „Helmut Schmidinger” во Грац, Австрија.
Култура
Промоција на „70 години македонски филмски плакат 1952 – 2022“ во Кинотека на Македонија
Кинотеката на Македонија најавува промоција на публикацијата „70 години македонски филмски плакат 1952 – 2022“, која ќе се одржи на 27 февруари 2026 година, со почеток во 19:00 часот во просториите на Кинотеката.
Овој ексклузивен настан претставува значаен културен момент во одбележувањето на седум децении од развојот и историјата на филмскиот плакат во Македонија. Монографијата опфаќа богата збирка од највпечатливите и најистакнатите плакати креирани во периодот од 1952 до 2022 година, како визуелна хроника на македонската филмска уметност, дизајн и естетика.
Промотори на изданието: д-р Александар Прокопиев и Јане Алтипармаков, со присуство на авторите на изданието.
Настанот ќе биде збогатен со пригодна изложба на избор од македонските филмски плакати.
Култура
Крива Паланка ги отвора вратите за „Невестинско поклонение“: Празник на носиите, обичаите и заедништвото на 1 март во Конопница
Во дворот на Црквата „Св. Теодор Тирон“ во село Конопница, во недела на 1 март 2026 година со почеток во 13 часот, ќе се одржи 16-тото издание на културната манифестација „Невестинско поклонение на Свети Теодор Тирон“.
Настанот го организира Општина Крива Паланка во соработка со Здружението за рурален развој РЗР „Патник“. Манифестацијата е посветена на негување на македонските автентични носии, традиционалните обичаи и локалниот културен идентитет.
Програмата ќе биде збогатена со музички настап на Андријана Алачки и бендот на Гоце „Синтезис“.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, по повод манифестацијата изјави:
„Со вистинска радост и како вистински домаќини, ги отвораме вратите за сите добронамерници кои сакаат да го доживеат овој празник. Ветуваме дека ќе го зачуваме духот на традицијата, убавината на обичаите и автентичните носии, и заедно ќе ги пренесеме овие вредности на идните генерации.“
Од Општината ги повикуваат граѓаните и љубителите на културата да присуствуваат и заедно да го одбележат овој културен настан.

