Култура
Со претставата „Централ парк-запад“ од Вуди Ален почнува сезоната на театар 007

Со хит комедијата „Централ парк-запад“ од Вуди Ален, а во режија на Игор Ивковиќ, независната продукција „Театар 007“, ја почнува новата сезона, во четврток.
Речиси цели две години, претставата „Централ парк-запад“, ги освојува симпатиите на многубројната публика. „Едночинката „Централ парк-Запад“, е конкретена и реална психолошка дисекција на меѓучовечките односи во современото живеење. Неверството, лагите, сексот, љубовта, современата болест „депресијата“ и на театарската сцена се главните теми околу кои се создаваат сите „вообичаени“ човечки ситуации, во „невообичаен“ средина на луѓе за кои никој никогаш не би помислил дека имаат такви проблеми. „Централ парк-Запад“ не е обична комедија, туку таа е и отворена психолошка сеанса за публиката. Преку петте различни карактери на Филис, Керол, Хауард, Сем и Џулиет, оваа претстава со молскавична брзина го води гледачот низ мноштво најразлични ситуации кои кулминираат со неочекувани пресврти и изненадувања“, вели Миодраг Костиќ, продуцент на „Театар 007“.Во претставата играат: Ирена Илиевска, Ангела Наумоска, Марко Богданвски, Хари Мухајловски и Елизабета Клинчаревска-Младеновска. Претставата се изведува на реновираната Мала сцена при Ј.У. Конгресен центар „Александар Македонски“ (Универзална сала-Скопје), со почеток од 21 часот./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Македонски филмски триумф во Венеција: „Силјан“ ја освои наградата на најинспиративен филм

Во срцето на Венеција, на најстариот и најпрестижен филмски фестивал во светот, Македонија испиша ново златно поглавје.
„Силјан“, новиот документарен филм на двојно оскар-номинираната режисерка Тамара Котевска, ја освои една од најретките награди на Биеналето – „Cinema and Arts Award“, позната и како „Наградата на Музата“, дел од официјалната натпреварувачка програма. Во конкуренција од 20 филмови за ова признание, „Силјан“ го освои првото место и беше прогласен за најинспиративен филм на биеналето.
Иако беше вон главната конкуренција („Out of Competition“) за Златен лав, токму „Силјан“ успеа да се издвои и да замине од Венеција со врвно признание.
„Out of Competition“ е официјална секција на фестивалот, втора по важност веднаш зад „In Competition“. Во неа традиционално се вклучуваат светски автори како Werner Herzog и Sofia Coppola, кои своите нови дела ги претставуваат пред глобалната публика, додека нивните филмови паралелно патуваат и на други А Категорија фестивали. „Силјан“ е еден од ретките филмови што во исто време го освоија и Венеција и Торонто, па токму оваа престижна позиција овозможи да блесне на двете најголеми сцени годинава.
„Ова е мојот најважен филм досега, затоа што во секоја смисла беше најголемиот предизвик за мене и како режисерка и како продуцентка на документарци. Го започнав во време кога филмската индустрија во мојата земја беше во длабока криза, и токму затоа решив да тргнам сама, не сакав да стојам во место. Филм започнат со толку лична инволвираност и страст, за само две години прерасна во она што е денес. „Силјан“ е моја лична приказна, поврзана со моите корени и мојата култура, и затоа можев толку искрено да ја преточам во овој храбар и артистички филм,“ изјави Тамара Котевска за време на доделувањето на наградата.
„Силјан“ е документарна бајка инспирирана од македонскиот фолклор од 17-ти век. Филмот ја следи судбината на Никола, земјоделец кој по тешка криза останува сам и на депонија пронаоѓа бел штрк со повредено крило. Од таа средба започнува магична врска што станува метафора за човечкиот опстанок, нежност и надеж. „Во најзаборавените, но најбогати и живописни предели успеав да најдам приказна што е совршено огледало меѓу животите на белите штркови и човештвото воопшто,“ вели Котевска.
Официјалниот критичар на Венецијанското биенале (Venice Film Festival) вели дека приказната за „Силјан“ има истата извонредна и ненаметната универзалност како „Honeyland“, но со многу подлабок уметнички израз.
Филмот зад себе има импресивен меѓународен тим – од Ciconia Film, преку Concordia Studios и The Cornershop, до продуцентката Anna Hashmi. Jean Dakar стои зад мајсторската кинематографија, а Мартин Иванов ја обликува приказната со беспрекорна монтажа. Музиката е дело на Joe Wilson Davies и Hun Oukpark од студиото на Hans Zimmer и создава повеќеслоен звук што станува невидлив лик во филмот. Јорданчо Петковски е клучен продукциски соработник на Котевска со кого веќе има долгогодишна успешна соработка. Само две недели пред заминувањето во Венеција, тимот го заврши снимањето на првиот долгометражен игран филм на Котевска, „Човек против јато“.
Hollywood Reporter го нарекува филмот „апсолутен шармер, трогателен поглед на врската меѓу човек и птица, со сите нејзини мистерии, топлина и практични предизвици.“ Критиката посочува дека „со мајсторска widescreen кинематографија од Jean Dakar, беспрекорна монтажа од Мартин Иванов и повеќеслоен музички запис од Davies и Oukpark, филмот се движи меѓу раскошни пејзажи и интимни сцени, создавајќи највозбудливи секвенци што фокусот го ставаат на невозможно елегантните птици и нивните гнезда на покриви, камбанарии и електрични столбови.“
Култура
Вино, платно и инспирација: Скопје доби нов урбан простор, каде што секој може да биде уметник

Во Скопје официјално беше отворен простор за цртање на платно и дегустација на вино, сместен кај „Едера руфтоп“.
Зад овој свеж и инспиративен проект стои млад ентузијаст – тој има 25 години и со поддршка од семејството и од девојката создаде нешто што ѝ недостигаше на уметничката и на социјалната сцена во градот.
„Сакавме да создадеме простор, каде што луѓето ќе може да се опуштат, да го променат своето секојдневие и да ја изразат својата креативност без притисок, сето тоа со чаша квалитетно вино во рака“, вели тимот на Art Room.
Идејата е едноставна, но моќна: резервираш термин, доаѓаш без потреба да знаеш да црташ, а професионален уметник те води низ процесот додека се опушташ со вино и музика. Секоја сесија трае 2 и пол часа, а темите се менуваат месечно и се најавуваат однапред.
Вината се внимателно избрани – од македонското на „Тиквеш“, Special Selection, па сè до етикети од Италија, Франција и од Шпанија.
Она што го издвојува овој концепт е неговата мултифункционалност: покрај редовните термини, просторот може да се изнајми за родендени, team buildings и за приватни забави, a за време на викендите просторот ќе може да се резервира дури и за најмладите: нудат детски креативни сесии со времетраење од 2 часа, сокчиња наместо вино и многу бои. Родителите може да бидат присутни за време на овие сесии доколку сакаат или, едноставно, може да ги остават децата да уживаат во уметноста.
„Имаме и креативен ѕид, каде што секој може да напише како се чувствува тој ден, има и мало катче за одмор и шанк за оние што сакаат да наздрават со уште една чаша вино“.
Свеченото отворање на Art Room беше проследено со позитивна енергија, насмевки, музика и инспирација.
Култура
Меѓународна поетска награда за Никола Маџиров

Никола Маџиров е лауреат на 17-тата меѓународна награда за поезија „Поезија и луѓе“ (Poetry and People – International Poetry Award) која викендот му беше доделена во кинескиот град Гуангџоу. Оваа независна поетска награда е востановена од книжевното списание „Поезија и луѓе“ и се доделува од 2005 година за посебен придонес во современата светска поезија.
Досегашни лауреати се добитниците на Нобеловата награда за литература Дерек Волкот и Томас Транстромер, кој беше лауреат и на Струшките вечери на поезијата. Меѓу останатите добитници се и неколкумина други лауреати на Златниот венец на СВП како Адонис, Адам Загајевски, Томаж Шаламун и Ханс Магнус Енценсбергер, а исто така на листата добитници на оваа награда се и Ен Карсон, Лез Мари, Гери Снајдер, Рита Дав, Еуженио де Андраде како и минатогодишниот добитник на британскиот кралски златен медал за поезија и добитникот на наградата „Т.С. Елиот“, Џорџ Сиртеш.
Наградата, која се состои од скулптура изработена од академскиот скулптор Жанг Јапинг, објавена книга на кинески јазик и паричен износ, му беше доделена на Никола Маџиров на свечена церемонија во Центарот за уметности во Гуангџоу. Скулптурата е инспирирана од стих на Маџиров од песната „Од секоја лузна на моето тело“, а на церемонијата премиерно беше изведена композиција според стиховите на песната „Оној што пишува“, како и кратка драмска изведба според песната „Совршеноста се раѓа“. Маџиров на церемонијата го прочита говорот на благодарност, како и три песни на македонски јазик. Никола Маџиров е најмлад досегашен странски добитник на оваа престижна награда за современа поезија.
Во образложението на жирито со кое претседаваше поетот и критичар Хуан Лихаи и кое беше прочитано од поетот Јан Ке, претседателот на Друштвото на писателите на Гуангџоу, се вели:
„Поезијата на Никола Маџиров е длабоко вкоренета во плодната почва на балканската меморија. Надминувајќи ја неизбежната судбина, преминувајќи ги урнатините на историјата и јазовите во културата, тој изнедрува од маглата на времето за да понуди нов светилник преку кој можеме да ги разбереме болката, надежта и човечноста.
Почитувајќи ја традицијата на критички медитации од негови претходници-поети кон историското наследство, тој води дијалог со големите умови, ја воочува вистината со непоколеблива храброст и чекори осамено кон зрелоста. Маџиров зрачи со светлечки хуманизам на една нова генерација поети. Исполнето со свеж спектар од слики, неговото пишување продира во заборавените одаи на животот, а забрзувачката фреквенција на сликите предизвикува моќна емпатија кај слушателите, дозволувајќи им на читателите постојано да ја препознаваат интимноста на зборовите.
Блиската сосредоточеност на Маџиров кон непосредното и неговата далекусежна визија кон светот му овозможуваат неотуѓиво сетилно искуство, дури и кога му се дарува себеси целосно на универзумот. Неговото пишување е двоен акт меѓу присуството на животот и крикот на духовното, штитејќи ја светлината меѓу луѓето, таму каде што, длабоко во пепелта, останува незгаснатата искра на поезијата.
Сместен помеѓу замисленото минато и посакуваната иднина, Маџиров пишува со немилосрдна искреност. Ослободен од земните ограничувања, преку безграничната имагинација тој му дава глас на скриениот јазик што раскошно цути од внатрешниот копнеж. Во него, креативноста добива слободна волја; преку него, светот започнува одново — чиниш нови видови поезија се раѓаат од сопствените урнатини.“
Ова е трето меѓународно признание за Никола Маџиров годинава, по европската награда за поезија „Н.К. Казер“ во Италија во мај и признанието „Почесен гостин“ на меѓународниот фестивал „Денови на поезија и вино“ во Словенија, во август.