Култура
Средба на министерката Канческа – Милевска со белгиската амбасадорка Ван Калстер

Министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска во понеделникот оствари работна средба со амбасадорката на Белгија во Софија, Аник ван Калстер, која е надлежна и за Македонија.
Канческа – Милевска и Ван Калстер на средбата разговараа за односите во областа на културата меѓу двете земји и се согласија дека е потребна поголема размена на проекти и уметници кои би учествувале на фестивалите во Македонија и во Белгија, како и поголема директна соработка меѓу институциите во двете земји.
Исто така, во насока на зацврстување на културните врски, беше разгледана и можноста за потпишување правен документ со кој формално би се регулирале односите во областа на културата меѓу Македонија и Белгија.
Министерката за култура подвлече дека потпишувањето на еден ваков документ ќе придонесе за развивање на меѓусебните односи, за поголема соработка во областа на културата, но и за поголема комуникација меѓу уметниците и институциите.
На средбата, министерката за култура ја запозна амбасадорката и со инвестициите на Владата и на Министерството за култура, како и за соработката во сите дејности во културата./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Кошница со калинки“ од Марина Мијаковска

Денес во 12.00 часот во Промотивниот центар на Саемот на книгата ќе се одржи промоција на книгата за деца „Кошница со калинки“ од Марина Мијаковска која е македонска поетеса, есеист, прозаист и книжевен критичар.
Таа е доктор на науки и активен член на Друштвото на писатели на Македонија. Мијаковска пишува поезија, есеи, проза и книжевни критики. Добитник е на бројни награди како на пример: на наградата „Караманов“ и Македонска книжевна авангарда, наградата Крсте Чачански, наградата „Бели мугри“, наградата „Даница Ручигај и други.
Автор е на повеќе од 10 дела за возрасни и две за деца. „Кошница со калинки“ е втора нејзина книга за деца.
Книгата – сликовницата „Кошница со калинки“ е иновативна, инвентивна и едукативна сликовница наменета за децата од предучилишна и од рана училишна возраст. Приказната во книгата ги едуцира децата на сликовит начин да дознаат каде, кога и како расте, цути и созрева калинката, каква боја има цутот, а каква плодот, што содржи и зошто е здраво да се јадат калинки. Книгата ја развива љубопитноста кај децата и говорните вештини преку ликот на девојчето со име Калина која набљудувајќи го дрвото со калинки во бабината градина, учи за нив. Тајната на Калина се крие во благословот на кошницата со собраните калинки.
Книгата е живописно илустрирана од страна на илустраторот Игор Јовчевски. Илустрациите во оваа книга се живи, сликовити, тие се во функција на текстот и говорат на сите светски јазици наместо текст, со што ја оживуваат приказната со изразен приказ на дејство и динамичност. Тие го поттикнуваат мисловниот процес и ја развиваат имагинацијата кај детето.
Промотор на книгата е Јованка Ефтимова заедно со децата од градинката „Павлина Велјанова“ од Кочани, кои денес ќе допатуваат специјално за оваа промоција на Саемот на книгата.
Култура
ИФФК „Браќа Манаки“ со повик за учество во проектот „Кадар-на“ (Her frame)

ИФФК „Браќа Манаки“ како дел од проектот „Кадар-на“ (анг. HER FRAME, во буквален превод „Нејзин кадар“) ја поддржува иницијативата за надминување на родовата нерамноправност во филмскиот сектор.
Проектот „Кадар-на“ е поддржан од Британскиот совет како дел од проектот „Култура и креативност за Западен Балкан“ (анг. Culture and Creativity for the Western Balkans – CC4WBs), кој е финансиран од Европската унија и има за цел да го поттикне дијалогот во Западен Балкан преку зајакнување на културните и креативните сектори за да се оствари поголемо социо-економско влијание. Проектот „КАДАР-НА“ е во заедничка реализација на Филмскиот фестивал во Нови Сад и Филмскиот фестивал „Браќа Манаки“.
Постоењето на родовата нерамноправност е утврдено на сите нивоа во аудиовизуелната индустрија, а оваа програма е наменета за нови и млади уметници, филмски работнички кои сакаат да ги усовршат своите знаења и вештини со поддршка од истакнати експерти од филмскиот свет, преку онлајн работилници и интензивна менторска програма.
Повикот е отворен до 09, а резултатите ќе бидат објавени на 16-ти јуни.
Учесничките ќе имаат можност да следат пет онлајн работилници со експертки од филмскиот свет, конференции во Нови Сад и во Битола, три мастер-класови, менторска програма и претставување.
За било какви дополнителни информации и/или појаснувања на [email protected].
Култура
Недела на полскиот филм во Кинотеката на Северна Македонија

Кинотеката на Северна Македонија, во соработка со институтот „Адам Мицкевич“ од Полска и со поддршка од Амбасадата на Република Полска во Скопје, го организира настанот „Недела на полски филм“, што ќе се одржи од 12 до 17 мај 2025 година, по повод претседателството на Република Полска со Советот на Европската Унија.
Во рамки на оваа тематска филмска недела, публиката ќе има ретка можност да погледне избор од значајни полски филмови кои оставиле траен белег во европската и светската кинематографија. Програмата опфаќа наслови од различни генерации и стилови, вклучувајќи ги делата на прославените режисери Кшиштоф Кјешловски и Агњешка Холанд, како и современи гласови како Агњешка Смочинска и Куба Микурда.
Филмската недела ќе започне на 12 мај (понеделник) во 20:00 часот со проекција на филмот СОЛАРИС, ЉУБОВ МОЈА (Solaris mon Amour, 2023) – визуелен и поетски омаж инспириран од филмот на Андреј Тарковски и романот на Станислав Лем. Влезот за овој филм е бесплатен. Гостинка на оваа проекција ќе биде монтажерката на овој филм Лаура Павела, која по проекцијата заедно со режисерите Саша Станишиќ и Јане Алтипармаков ќе разговаат за нејзината работа на ова филмско дело.
Сите проекции ќе се одржат во кино-салата на Кинотеката, со почеток во 20:00 часот, а ќе бидат прикажани филмовите СЛЕПА ШАНСА (Przypadek / Blind Chance, 1987), ОСАМЕНА ЖЕНА (A Lonely Woman / Kobieta samotna, 1987), АКТЕРИ ОД ПРОВИНЦИЈА (Provincial Actors / Aktorzy prowincjonalni, 1979), ЗЕЛЕНА ГРАНИЦА(Green Border/Zielona granica, 1923) и ЈАДИЦАТА (Córki dancing/The Lure, 2015)
Програмата е реализирана во соработка со Институтот „Адам Мицкевич“ како дел од меѓународната културна програма на Полското претстедателство со Советот на Европската Унија 2025.