Култура
Успешен настап на битолскиот Народен театар во Израел

Со бурен аплауз во среда вечер во Акко, Израел, беше поздравена изведбата на претставата „Отело“ на битолскиот Народен театар во режија на Словенецот Диего де Бреа, меѓународно гостување кое се реализираше со поддршка од Министерството за култура.
Ова беше второ претставување на Театарот од Битола на Меѓународниот театарски фестивал за алтернативен театар „АККО“, на кој учествуваат уметници од целиот свет, по минатогодишниот успех на претставата „Среќен крај“ во режија на Благој Мицевски. Театарските познавачи не го криеја воодушевувањето од интензивната режија, современата актерска игра и специфичната претстава како полн погодок за театарската публика.Претставата „Отело“ веќе втора година е на репертоарот на Театарот во Битола и синоќа ја имаше својата 30-та изведба, но и понатаму го привлекува вниманието на театарските селектори во регионот и пошироко.Со битолскиот театар Диего де Бреа ја постави и претставата „Злосторство и казна“ годинава и токму заради специфичниот театарски јазик, кој ги надминува јазичните бариери, предизвикува огромно внимание и најверојатно ќе го претставува овој театар на светските сцени. Имено, Театарот од Битола во последните години со поканите што ги добива од значајни театарски фестивали и светски културни центри е голем промотор на македонската театарска естетика на светските сцени. Идниот месец, Битолскиот театар со поддршка на Министерството за култура, ќе реализира гостување и во Соединетите Американски Држави. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
20. „Астерфест“ завршува вечерва

Вечерва, на петтиот и последен ден од 20. „Астерфест“, со почеток во 20:30 часот, во Амфитеатарот во Струмица ќе се прикажат наградените филмови.
Во чест на наградените, синоќа се прикажа и актуелниот долгометражен игран филм „Лена и Владимир“ на режисерот Игор Алексов, кој одговараше на прашања од публиката, а специјална проекција во чест на Емил Рубен прексиноќа имаше среднометражниот филм „Писмо“ на Васил Христов.
Жирито на 20. „Астерфест“, составено од филмските автори Клара Дошлов, Сезер Салихи и Ице Виранов, едногласно ја донесе одлуката за овогодишните филмови кои беа во натпреварувачката селекција.
Гран при за најдобар краток филм доби холандскиот „Јас не сум робот“ на Викторија Вармердам. „Златната потковица“ ја доби македонскиот „Избор“ на Марко Црногорски. „Сребрената потковица“ ја доби полско-францускиот „Сок од портокал“ на Александар Атане. „Бронзената потковица“ ја доби францускиот „Еј, Ханун“ на Лина Тадун и Софијан Шуеб. Наградата за најдобро сценарио „Ѓорги Абаџиев” ја доби хрватскиот „Самотија“ по сценарио на Боби Грубиќ и Миро Гавран. Наградата за најдобар режисер „Ацо Алексов“ ја доби швајцарско-македонскиот „Турбо-нет“ на Надежда Панов. Специјални признанија од жирито добија македонскиот „Состојба на умот“ на Александра Кардалевска и британскиот „Мајчински инстинкти“ на Ема Зафировска. Наградата од публиката ја освои британско-полскиот „Мечокот по име Војтек“ на Ијан Гарднер.
Наградите ги примија дел од присутните автори, а во име на филмот „Јас не сум робот“, Гран прито го прими амбасадорката на Холандија во Македонија Н. Е. Узлем Џанел.
Во текот на фестивалските денови, гостите имаа филмска посета на Манастирот „Воведение на Пресвета Богородица Елеуса“ во Велјуса, а во „Јуроп хаус“ се одржа и промоција на новото коло од едицијата филмолошка и уметничка литература, на која зборуваа Зоран Стефановиќ, Мимоза Рајл, Сузана Мицева и Софија Тренчовска.
Пред самиот крај на Фестивалот, режисерот и сценарист Милчо Манчевски, лауреат на престижната награда „Астер“ за највисоки достигнувања во светскиот и македонскиот филм, на сетот од снимањето на филмот „Збогум, Копакабано“, ја прими наградата од основачот и директор на „Астерфест“ Горан Тренчовски.
Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“ оваа година се одвива под мотото „Филмски крстопати“ и е поддржан од Општина Струмица.
Култура
Лазар Ристовски, лауреат на фестивалот „Преку езерото“: наградата „Мето Јовановски“ е значајна бидејќи носи име на еден голем актер

Лазар Ристовски, годинешниот лауреат на наградата „Мето Јовановски“, што ја доделува фестивалот на балкански и медитерански филм „Преку езерото“, денеска на прес-конференција изрази благодарност за високотo признание и жалење што никогаш не работел на проект заедно со Мето Јовановски, чие име ја носи наградата што му ја додели фестивалот.
„Роден сум во Војводина, татко ми е од Мариово. Оваа награда е и голема и значајна бидејќи носи име на еден голем актер, Мето Јовановски, кого го познавав, со кој бев пријател, но никогаш не сум играл со него во ист проект. И жалам поради тоа. Почестен сум и среќен што сум во Македонија на овој мошне интересен и оригинално конципиран фестивал ‘Преку езерото’“, истакна лауреатот.
Во поглед на процесот на работа истакна дека секогаш го интересирал токму самиот процес, каде што секогаш давал сѐ од себе.
„Кога ќе дојде премиера, црвен килим, тука не се чувствувам пријатно и не се оптоварувам со тоа. Кога бев помлад – да, но како што поминував сѐ повеќе време во оваа работа, а еве веќе 50 години работам како актер, режисер и продуцент, сѐ она што доаѓа потоа не ме интересира“, рече Ристовски.
Вели дека во овие 50 години глумата била негов живот.
„Актерството е многу тешка професија, бидејќи наша алатка е нашето тело и нашата психа и разликата меѓу актерите се состои во тоа колку се храбри да ископаат во себе по својата психа. Оние кои се храбри да копаат подлабоко, пожестоко- тие се поголеми актери. Тоа не значи дека тоа ќе се види на нивните лица, некој глуми лесно, без оглед колку копал во себе и што се нашол. На некои актерски имиња тоа се гледа во смисла на напор и грч, има актери кои се потат, има некои кои лесно минуваат низ тоа… Јас сум некаде помеѓу- не се потев премногу, но доживував тежок процес, Во последно време малку глумам, но и немав некои понуди кои би ме мотивирале. Имав среќа да работам со некои што се светска елита и во театар и на филм, така што таквите актерски предизвици ги поминав, бидејќи актерот глуми најмногу за режисерот, тој му е огледало додека ја работи својата работа и во театар додека траат пробите, актерот со едно око гледа во режисерот како реагира“, раскажа Ристовски.
Првпат во животот ќе одржи мастер-клас токму на фестивалот „Преку езерото“ во Дојран.
„На фестивалот ќе одржам мастер-клас првпат во мојот живот. Никогаш не сум сакал никому да му солам памет или да држам предавања и затоа никогаш не сакав да бидам професор по глума. Јас како ученик и во основно, и во средно училиште, и на факултет никогаш целосно не им верував на професорите. Секогаш наоѓав некое поинакво мислење, секогаш бев критичен и често поради тоа ме бркаа од часовите. И сега јас како таков некому да давам памет не ми одеше и затоа не се занимавав со педагошка работа“, рече Ристовски.
Лазар Ристовски има одиграно повеќе од седумдесет улоги на филм и телевизија, во сите жанрови, на сите јазици на некогашната заедничка земја.
„Играше на српски, играше на англиски, на француски, на германски, a во филмот `Бело одело`, иако сите знаеме дека пишува `Не нагињи се кроз прозор`, тој висеше од надворешната страна на возот во движење се додека на сто јазици не кажа `Те сакам`! Во Македонија играше на македонски во филмовите `Јазол` и `Збогум на дваесеттиот век`. Но, она што е поважно е дека Лазар Ристовски во сите свои карактери играше со јазикот на љубовта, играше на јазикот на среќата, играше на јазикот на тагата, играше на јазикот на надежта, за сите разбирлив како универзален јазик на уметноста на филмот“.
Му благодрам на мајсторот на филмот Лазар Ристовски, кој со своето актерско, но и човечко достигнување, направи во светот на филмот соништата на илјадници деца, илјадници тинејџери, илјадници студенти, а подоцна илјадници филмаџии по овие балкански и медитерански светови на сонот да создаваат свет составен од приказни за тоа како се расте, како се живее, како се страда, како се љуби, и како се создава свет на идеали, свет на совршената причина да постоиме и да создаваме свои соништа во форма на подвижни слики! Нека му е честита наградата `Мето Јовановски` за високо актерско достигнување во уметноста на филмот“, рече на денешната прес-конференција Јани Бојаџи, директорот на фестивалот „Преку езерото“.
Култура
Снимањето на новата серија на „Ејч-би-о“ било толку трауматично што студиото платило терапија за филмската екипа

Бруталното силување и убиство на четири тинејџерки во Остин, Тексас, во 1991 година е тема на новата документарна серија на HBO „Убиства во продавница за јогурт“, во режија на Маргарет Браун.
Иако Браун веќе била запознаена со случајот, идејата за серијата во четири дела дошла од актерката Ема Стоун и нејзиниот сопруг Дејв МекКери, кои го предложиле проектот на продуцентската куќа A24. Браун работела на серијата повеќе од три години, собирајќи сведоштва од истражители и родители и браќа и сестри на жртвите.
Работата на толку тешка тема имала длабоко емоционално влијание врз филмската екипа. Браун, која имала искуство со трауматски приказни, признава дека не била подготвена за емоционалната тежина на случајот:
„Бев преплашена. Не знаев колку разговорите со семејствата ќе ме погодат. Ако мене ми беше тешко, што е со нив?“
Режисерката успеала да собере архивски снимки претходно подготвени од други документаристи. Снимките на документаристката Клер Хуи, која се откажала од снимањето на свој документарец бидејќи приказната ја скршила емоционално, биле особено вредни. Меѓу тие материјали е интервјуто со Роберт Спрингстин, еден од осудениците кој бил затворен откако дал лажно признание.
„Без тие снимки, серијата не би била иста“, нагласи Браун.
Поради исклучително тешката содржина, било одлучено да не се прикажуваат слики од местото на злосторството.
„Ми рекоа: Никогаш не гледај во нив. Беа толку ужасни што го трауматизираа и уредничкиот тим“, се присети режисерката.
Емоционалниот притисок бил толку голем што студиото А24 обезбедило терапија за сите членови на тимот. Браун заклучува: „Иако темата беше мрачна, филмот покажа како семејствата се справуваат со загубата“