Култура
В среда промоција на книгата „Зборот остава траги“ на Тони Димков
Промоцијата на книгата „Зборот остава траги“, со поднаслов „Збирка интервјуа што излегуваат надвор од рамките на своето време“, на долгогодишниот новинар од областа на културата и уметноста Тони Димков, ќе се одржи на 9 ноември (среда), со почеток во 20 часот, во МКЦ Клуб ресторан, соопштуваат од издавачката куќа „Магор“.
Промотори на книгата се Илинденка Петрушева и Влатко Галевски.Книгата „Зборот остава траги“ е прв заокружен публицистички труд на новинарот Тони Димков и содржи разговори со плејада истакнати личности и дејци од уметничкиот живот во Република Македонија.
„Многу е битно она што во текот на времето си го пишувал и објавувал, во еден момент да го ставиш меѓу две корици. Оти тоа што било објавено во печатените медиуми завршило во канти за ѓубре, она што било на радио ветерот го одвеал, она на ТВ е пиши-бриши. Ова што е ставено меѓу две корици останува како хроника за едно време, за еден простор, практично станува дел од културната историја. Тони Димков, посветеникот на културата и уметноста, со оваа книга ни понуди еден интересен новинарски жанр – интервју, коешто нималку не е лесно доколку сакаш да биде како што треба. И зошто е значајна оваа книга? Затоа што Димков за секое интервју се подготвувал, што е очигледно, до најситни детали и токму заради тоа, во разговорите со соговорниците прераснува во хроничар и на минатото и на сегашнината со поглед кон иднината“, вели Илинденка Петрушева.
За книгата „Зборот остава траги“ промоторот Влатко Галевски истакнува:
„Зборот остава траги“, првата книга со интервјуа на Тони Димков (а можела да биде и петта) претставува публицистички проблесок во досега невидената македонска баруштина на новинарска неетичност, незнаење и провинцијално скрибоманство. Тони Димков, веројатно, е еден од многу ретките професионалци кои опстојуваат на своите етички новинарски принципи, еден од малкумината кои сѐ уште имаат благороден однос кон својата професија. Книгата „Зборот остава траги“, ја има силата на едно сведоштво и историчност, напишана како креативна интеракција со литерарни димензии. Со своето искуство, Димков на овие разговори им дава интегритет со што буди доверба и кај соговорниците, а и кај читателите. „Зборот остава траги“ е организирана како ’хор од солисти‘, темелно и искрено.
Во книгата се објавени 21 интервју со истакнати творци, како Матеја Матевски, Љупка Џундева, Ферид Мухиќ, Илија Пејовски, Киро Урдин, Слободан Унковски, Оливер Белопета, Вања Лазарова и Душко Димитровски, Глигор Чемерски, Дејан Дуковски, Венко Андоновски, Илинденка Петрушева, Никола Ристановски, Владимир Блажевски, групата „Фолтин“, Сергеј Андреевски, Иван Џепароски, групата „Бернајс пропаганда“, Петра Селишкар и Бранд Ферро, како и интервјуа со меѓународно афирмирани личности, како Желимир Жилник и Фред Келеман.
Книгата е објавена во едицијата „Дијалози“ на издавачката куќа „Магор“.Објавувањето на книгата е поддржано од Министерството за култура на Република Македонија.
Тони Димков (1969, Скопје) е новинар од областа на културата и уметноста кој со години ги следи творештвото на македонските уметници од повеќе области и сите позначајни фестивали и културни манифестации во Република Македонија.
Во повеќе од 25-годишната работа во оваа област професионално бил ангажиран во повеќе електронски и печатени медиуми, како Македонска телевизија, неделните списанија „Глобус“, „Граѓански“ и „Форум“, дневните весници „Утрински весник“ и „Дневник“, месечните списанија „Арт Република“ и „Лајф магазин“. Од почетокот на 2014 година ја подготвува рубриката за култура во интернет-порталот „МКД.мк“./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

