Култура
Дистописки шлагери и вампирски серенади – премиерен концерт на „Трето колено“ во Јавна соба

„Во геометријата на битието, под сенката на Пелистер, во дом над облаците, три сродни набљудувачи на животот, ги сплетија своите огледани искуства во совршениот круг на сонот, каде се отсликани трите точки на времето: минатото, сегашноста и иднината. Дистописките рефрени на Чапе, сонливиот надреализам на Деки и политактниот погон на Брадата, ткаат современа смисла, како сенки на реалноста што раскажуваат во полумрак.“, – „Трето колено“.
Сосема нова авторска музика создадена од тројца уметници, кои се препознале како креативни „сродни души“ ќе биде по прв пат изведена на концертот на групата „Трето колено“ што ќе се одржи на во Јавна соба (Public Room) на 3 април (четврток) со почеток во 21 часот.
Кога се чини дека жанровите во музиката се исцрпени, свежина стигнува од подножјето на Пелистер и нуди сосема поинаков инструментално вокален каледиоскоп од фузијата на будните соништа на искусните Дејан Петровиќ – Чапе: вокал и гитара, Дејан Марковски – Деки: вокал и гитара, Пеце Трајковски – Брада: перкусии и хармоника.
„Во геометријата на битието, под сенката на Пелистер, во дом над облаците, три сродни набљудувачи на животот, ги сплетија своите огледани искуства во совршениот круг на сонот, каде се отсликани трите точки на времето: минатото, сегашноста и иднината. Дистописките рефрени на Чапе, сонливиот надреализам на Деки и политактниот погон на Брадата, ткаат современа смисла, како сенки на реалноста што раскажуваат во полумрак.“, – „Трето колено“.
На концертот ќе бидат изведени 20 композиции, а публиката ќе има несекојдневна можност да проследи една поинаква концертна сценографија и да ги чита стиховите од бината и заедно со бендот да се нурне во оваа нова музичка приказна.
За бендот: Дејан Петровиќ – Чапс (Битола, Македонија, 1986) е дипломиран Историчар, Скопје (2011) и дипломиран дизајнер на звук за
визуелни медиуми, Ванкувер, Канада (2015). Работи како freelance продуцент на амбиентална и медитативна музика, аудио за филм, видео игри, едукативни апликации, реклами, корпоративни видеа, монтажа и продукција на аудио книги и подкаст серии. Тој е основач на мултимедијалниот состав Sweet Rapscallions и арт колективот ,,Колегиум” од Битола што го организира годишниот фестивал за аудиовизуелни уметности и литература – ,,300 работи, Триста’’ – и проектот ,,Live Литературен Перформанс” (2012-2014). Работел како копирајтер во агенцијата – ,,New Moment – New Ideas” Скопје (2012), соработник на сценарио за ТВ емисијата ,,Фчерашни новости” (2017) и асистент за звук на факултетот за филмска уметност – FIOFA Охрид (2017). Тој е креатор и водител на радио емисијата ,,Сина Позадина”, емитувана на УКЛО ФМ 90,8 Битола (2018-2020). Членувал во локални музички состави од кои се истакнува бендот Промашена Инвестиција (2003-2016), настапил на разни фестивали – ,,Рок Фест”, ,,Таксират”, ,,Битола Отворен Град”, ,,Битфест”, ,,Feelmotion”, ,,Д Фест”, ,,Пин Конференција”, ,,Акто” и други. Тој е автор на кратки текстови објавени во едицијата ,,Колегиумски Записник” и автор на многубројни неконвенционални литературни дела на социјалните мрежи и интернет порталите.
Дејан Марковски, роден во Битола е музички изведувач и автор околу 15 години. Низ времето член на неколку кавер бендови и неколку годишно искуство со барски свирки. Исто така член и на два авторски проекти: “kuli” – aмбиентално – мелодичен состав, со два одржани концерти во рамките на битфест и “nine weeks” – мешавина од блуз, фанк и рок музика поткрепен со студиски албум и настапи во рамките на пиволенд и рокфест во Скопје како и на ТК ТАК фестивалот во Кавадарци. Моментално работи на соло проект “Дејание” кој засега резултира со неколку студиски снимки, со цел, во блиска иднина да се оформи албум кој ги избегнува можните жанровски рамки. Со овој проект е одржан еден официјален концертен настап во рамките на Градич фест во Нови Сад – Србија и неколку приватни (неофицијални) концерти во земјава и надвор. Во меѓувреме патувач и уличен изведувач низ земјите во Европа, последните 4 години.
Пеце Трајковски (27 мај 1981 / Битола, Македонијa) е музичар, член и коавтор на групите Фолтин и Пијан Славеј; композитор на театарска и филмска музика, како и актерско учество на сцена; идеен творец, претседател на управен одбор и програмски раководител / организатор на НУ Манифестација Смилевски Конгрес и нејзините оф програмски активности, како Kooperacija Sessions и сл. Средното образование го завршил во гимназијата “Јосип Броз Тито“ – Битола. Студирал на ФТУ Охрид и Џез одделот при музичката академија на УГД Штип. Зад себе има 11 студиски албуми, авторска музика и сценско учество во над 30 театарски претстави во земјава и странство, авторска музика и актерско учество во 13 филмови (вклучувајќи ја и музиката за номинираниот во две категории на 92-рите Оскари и добитник на три награди „Санденс 2019“, „Медена Земја“, како и меѓународно признатиот со над 10 победи и над 30 номинации „Исцелител“), учество во 3 работилници како предавач, оригинална музика за модна ревија, организација на повеќе концерти и настани, и бројни настапи во зeмјава и во странство. За својата работа е досега повеќепати наградуван. ДИСКОГРАФИЈА: 2024 – НУДИСТ / ПИЈАН СЛАВЕЈ (Skopje Jazz Festival) 2024 – ПИЈАН СЛАВЕЈ И ВИНСКИТЕ МУШИЧКИ (Live @ Xotel Music, Нижеполе, Битола) 2022 – ПИЈАН СЛАВЕЈ / ПИЈАН СЛАВЕЈ (Skopje Jazz Festival) 2021 – СИМУЛТАН БАКНЕЖ / ФОЛТИН (Охо продукција) 2020 – ТЕАТАРСКИ МИНИЈАТУРИ (Компилација од театарска музика) 2020 – HONEYLAND SUITE (Музика од филмот „Медена земја“) 2019 – МОМÓМА / ФОЛТИН (H.M.A, Skopje) 2015 – ПИЈАН СЛАВЕЈ / ФОЛТИН (Центар за Култура, Битола) 2012 – АНТИТЕЛО / ФОЛТИН (МКЦ, Скопје) 2011 – PENELOPE X (Литиум / Filter), со Никола Коџабашијa, Г. Стевковски 2008 – ОВАА ТРАНСПЛАНТИРАНА МАШИНА ЗА ЧУКАЊЕ ДОСЕГА НЕ ТИПКАЛА ЉУБОВНО ПИСМО / ФОЛТИН (КИЦ-Скопје) 2005 – LО-LЕЕ-TА-TОО / ФОЛТИН (Ding-Dong) 2003 – DONKEY HOT / ФОЛТИН (Кукузел).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Објавен конкурсот за доделување на државната награда „Мајка Тереза“

Министерството за култура и туризам го објави Конкурсот за доделување на државната награда „Мајка Тереза“ за 2025 година.
Со државната награда „Мајка Тереза“ се оддава признание за остварувања во областа на хуманоста и човечката солидарност и за поттикнување и унапредување на меѓусебното разбирање и развој на соработката како меѓу народите, така и меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери.
Државната награда се доделува на поединци, група творци, екипи, установи, трговски друштва и здруженија на граѓани од земјава.
Конкурсот трае од 2 до 30 април 2025 година, а е објавен и на веб-страницата на Министерството за култура и туризам.
Култура
Димитрија Доксевски избран за директор на фестивалот „Браќа Манаки“

Актерот Димитрија Доксевски на денешното свечено Собрание на Друштвото на филмски работници (ДФРМ) е избран за нов директор на Меѓународниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.
Според статутот на ДФРМ, мандатот на Димитрија Доксевски важи за следните две изданија на фестивалот.
Димитрија Доксевски ја презентираше предлог програмата на фестивалот и се заложи дека ќе работи на зачувување на реномето што го има овој интернационален фестивал на филмска камера, соопшти ДФРМ.
Димитрија Доксевски е македонски филмски и театарски актер, сценарист и продуцент, роден на 28 јули 1983 година во Скопје. Дипломирал актерска игра на Факултетот за драмски уметности во Скопје во 2006 година во класата на проф. Кирил Ристоски, а во 2014 година магистрирал режија на истиот факултет во класата на проф. Слободан Унковски. Својата професионална кариера ја започнал во Македонскиот народен театар во 2006 се до 2011. Продолжил кратко да работи во Кумановскиот театар во прериодот од 2011 до 2013, по што во 2014 година се приклучил на ансамблот на Драмски театар Скопје и се до денес е активен член на тој театар. Покрај настапите на матичната сцена, Доксевски има учествувано и во претстави на други театарски сцени низ Македонија, како и во филмски и телевизиски проекти во и надвор од Македонија.
Учествувал во организирање и продуцирање повеќе театарски претстави, организирање на повеќе од 20 музички настани со артисти од целиот свет, продуцирање и организација на 2 големи музички (open air) фестивали со повеќе од 20 интернационални изведувачи, продуцирање и реализација на кратки филмови, играни видеа за деца и театарски претстави.
Култура
Љуљзиме Лека-Муљаку во Чифте амам со циклусот „Метаморфоза II“

На втори април, среда, во 19.00 часот, во Чифте амам ќе биде отворена самостојна изложба на Љуљзиме Лека Муљаку со наслов „Метаморфоза II“.
Љуљзиме Лека Муљаку припаѓа на современата уметничка сцена и ја претставува генерацијата уметници кои својата дејност ја започнале со визуелен израз од 90-тите години.
Таа ќе се претстави во Националната галерија со 50 слики од различни формати, интересен циклус со дела изработени во акрилна техника.
Изложбата „Метаморфоза II“ е нов циклус на дела кој претставува реалистичен поглед на егзистенцијалните естетски вредности. Фигуративната композиција на овој циклус ја отсликува егзистенцијалната уметност на женската невиност и достоинство.
Ликовното претставување тесно се поврзува со идејата на женскиот феномен во нашето општество и го претставува нејзиното диспропорционално присуство во видлив облик.
Изложбата ќе биде поставена до 13 април 2025, а куратор е Нарона Љума Весели.