Култура
Драмски со хуманитарна изложба ќе го обележи Светскиот ден на театарот

Светскиот ден на театарот на 27 март годинава Драмски ќе го обележи со почит кон настраданите и повредените во националната трагедија во Кочани. Во 19 часот во фоајето на Драмски ќе се отвори изложба на фотографии со наслов „Ред XV … “ на авторот Драган Гајиќ (1967). Приходот од продажбата на фотографиите ќе биде уплатен на хуманитарната сметка за донации.
Изборот на фотографии на изложбата е направен од претставите што Гајиќ ги фотографирал во 2017 година за време на изведбите на претставите: „Хамлет“ , „Чија си“, „Чолак“, „Љубовници“, „Последните Македонци“ и „Живот во тесни чевли“.
Драмски театар Скопје ќе го обележи 27 март со низа активности за својата публика што ќе се реализираат во текот на целиот ден.
Програмската активност започнува со организирана посета на театарот од страна на децата од предучилишната установа „Мајски цвет“ од општина Карпош. Едукативната посета на дечињата се состои од разгледување на работните простории и разговор со актерите и вработените во театарот со што децата ќе имаат можност да се запознаат со начинот на создавање на една претстава.
Програмските активности продолживаат со покана на љубителите на театарската уметност да присуствуваат на две отворени проби на претстави што се во тек на подготовка во Драмскиот театар.
Првата отворена проба со присуство на публика ќе започне во 10:30 часот во салонот на големата сала „Ристо Стефановски“. Посетителите ќе ја следат пробата „Ифигенија за ништо“. Претставата е работена по текстот „Ифигенија од Авлида“ од Еврипид со адаптација, режија и кореографија на Филип Петковски. Сценографијата ја подготви Мартин Манев, а костимограф е Антонија Гугинска Јорданоска.
Посетителите ќе имаат прилика да присуствуваат на пробата што се реализира во време кога процесот на подготовки е веќе во својата последна фаза. Подготовките за претставата се започнати во февруари и премиерата ќе биде наредната сабота на 5 април.
Ликовите во претставата „Ифигенија за ништо“ ги играат актерите на Драмски театар : Димитрија Доксевски, Филип Трајковиќ, Јелена Жугиќ, Нина Елзесер, Стефан Вујисиќ, Сара Климоска, Марјан Наумов, Томислав Давидовски. Хорот го сочинуваат актерките Ивана Павлаковиќ, Ања Митиќ, Јована Спасиќ, Александра Павлова Бубања и како гостин Јована Миладинова.
Втората отворена проба ќе започне во 14:00 часот во просториите на библиотеката на Драмски театар Скопје. Станува збор за претставата „Гидион“ од авторката Џона Адамс во режија на Драгана Милошовска Попов. Ликовите во претставата ги играат актерките Биљана Драгиќевиќ Пројковска и Ања Митиќ. Посетителите ќе имаат можност да се запознаат со процес на подготовка на претстава во својата прва фаза која се нарекува „читачки проби“. Во таа фаза режисерот, актерите и уметничкиот тим на претставата го договатаат начинот на работа, градењето на ликовите и се подготвуваат за поставување на претставата на мизансцен.
Обележувањето на 27 март Светскиот ден на театарот продолжува со отворањето на изложба на фотографии со наслов „Ред XV … “ на авторот Драган Гајиќ (1967) во 19 часот во фоајето на Драмски. Гајиќ дипломирал на отсекот камера на Факултетот за драмски уметности во Скопје и магистратрирал фотографија и маркетинг на NSSR NY, Њујорк.
Кураторот на изложбата д-р Ивана Јарчевска истакнува дека авторот по трет пат изложува свои театарски фотографии во Скопје. Овој пат во Драмски театар, Скопје, каде рефлексијата од претставите кои веќе не се на неговиот репертоар го враќаат назад оној исечок од театарската магија која сме ја почуствувале тогаш, а сега на негов автентичен документаристички начин ни ја враќа како уметничко дело. Изборот на фотографии е направен од претставите што Гајиќ ги фотографирал во 2017 година за време на изведбите на претставите: „Хамлет“ , „Чија си“, „Чолак“, „Љубовници“, „Последните Македонци“ и „Живот во тесни чевли“.
Кураторот д-р Јарчевска за творештвото на авторот вели: „ Публиката е на своите седишта. Подготвена да отпатува во нов театарски свет и нова претстава. Помеѓу нив, во XV ред е и тој со својот соработник. Со својот фотографски апарат. Некогаш е и сам со актерите и сцената – без публиката. Повторно во тој XV ред. Не се слуша чкрапањето на копчето – како на оние старите апарати. Но, се чувствува поривот и страста кон театарот, фотографијата, сцената гледана од тој негов XV ред … Неговата љубов кон театарската претстава и нејзината минливос заробена во тие негови одбрани кадри. Љубов кон актерот. Љубов кон овековечување на онаа точна и прецизна секунда во која актерот е сржта и смислата на текстот и претставата, нивно отелотворување пред публиката“.
Обележувањето на Светскиот ден на театарот се заокружува со читањето на светската порака од грчкиот режисер Теодорос Терзопулос и македонската порака на актерот Емил Рубен пред изведбата на претставата „Фамилијата Адамс“ со почеток во 20 часот.
Резервација и подигнување на бесплатните билети за присуство на читачките проби на двете претстави во Драмски театар како и продажбата на билетите за претставата „Фамилијата Адамс“ ќе се реализира преку билетарницата на Драмски театар Скопје на телефон 076434343.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Глумците нема да пеат во април поради трагедијата во Кочани, објавен нов датум

Двете претстави на култното шоу Глумците Пеат што требаше да се одржат на 8 и 9 април во МНТ, се презакажани за 8 и 9 јуни во истиот театар.
Одложувањето е заради трагедијата во Кочани, и како што наведуваат од продукцијата, во овие моменти не е време за радост и песна. Тие во трагедијата изгубија член од тимот, односно пратечкиот вокал Сара Пројковска, додека вториот пратечки вокал, Ана Костадиновска е повредена.
– Трагедијата сите не погоди и од почит кон жртвите и повредените, но и кон целата нација која тагува, одлучивме да го одложиме шоуто. Сцената е место ра радост, смеа и песна, а нам во овој период навистина не ни е до тоа. Се надеваме дека нашата верна публика ќе има разбирање за оваа одлука – изјавија организаторите.
Инаку, за сите кои нема да бидат во можност да присуствуваат на новте термини, возможна е рефундација на влезниците и тоа на продажните места каде што се купени, во периодот од 28 март до 10 април.
За МНТ ќе треба да се обратат на билетарницата на МНТ, а за МкТикетс треба да се испрати барање на [email protected] за рефундација.
Првата престава za 8 јуни е распродадена, додека за втората на 9 јуни има сеуште карти онлајн на платформата www.mktickets.mk.
Режисер на шоуто и годинава е Дејан Пројковски, а диригент на биг бендот е Љупчо Мирковски. Новите аранжмани на песните се на Бобан Мирковски, кореографијата на Олга Панго а костимографијата на Марија Пупучевска.
Глумците Пеат, чиј идеен творец е актерот Марин Бабиќ, кој почина во 2022 година, за прв пат било организирано во 1992 година, во чест на Светскиот ден на театарот и се организирало се до 2006 година. По неговата смрт, неговите ќерки Маја и Ира Бабиќ, по 17 години пауза повторно го враќаат на сцената, публиката и актерите.
Култура
Филип беше ураган од љубов – во Штип се одржа комеморација за музичарот Стевановски кој загина во пожарот

Во Штип се одржа комеморацијата за директорот на штипскиот центар за култура „Ацо Шопов“, Филип Стевановски, кој тагично го загуби животот во пожарот во дискотеката „Пулс“, настапувајќи со групата ДНК.
На комеморацијата зборуваа неговите колеги од Државното средно музичко училиште „Сергеј Михајлов“ и артисти од Народниот театар.
Директорот на ДМУЦ Сергеј Михајло Штип, Илија Ќосевски, истакна дека мисијата и добриот дух на Филип ќе продолжи и понатаму.
„Јас денеска нема да кажам збогум, туку блаогдарам за се’, за секој совет, за секој тон и споделен момент. Ќе ја продолжиме неговата мисија и неговиот добар дух за да ја пренесуваме музиката на идните генерации. Сето она што ти го беше замислил, нема да престане“, рече Ќосевски, пренесе штипската телевизија „М Нет“.
Тој го опиша Филип како музичар кој со својот талент посветеност и исклучитена љубов кон музиката, неуморно ги пренесувал своите знаења, мотивирарќи ги младите музичари да ја откријат убавината на звукот, дисциплината на изведбата и длабочината на изразот.
Благодарност, почит и сосема последно збогум оддадоа и вработените од штипскиот театар, истакнувајки дека тој секогаш ќе остане во нивните срца.
„Ти беше ураган од љубов кој несебично се излеа во секој од нас. Не само кај нас Филип, туку и кај публиката која го почувствува твојот дух и повторно ги наполни салоните. Се врати надежта, вербата. Си простивме како мали деца кога ќе разберат дека единствениот начин да продолжиш е да бидеш заедно во тим, а тимот беше се за тебе“, беше кажано на комеморацијата, во порака што ја проследи штипската „Тв Стар“.
„Патувај драг Филипе, патувај, летај и знај ти навистина го направи светот поубаво место за живеење. Ти благодариме за секој поминат момент со тебе, за се што не научи, бидејки ни го покажа патот по кој треба да се движиме“, се поздравија вработените.
Стевановски свиреше клавијатури со ДНК кога изби пожарот во дискотеката „Пулс“ на 16 март.
Потекнува од Куманово, а на 24 јануари годинава беше избран за нов директор на Центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип, каде што живееше и работеше. Средното образование го заврши во музичкото училиште „Илија Николовски-Луј“ во Скопје. Беше оженет човек и татко.
Филип беше комплетен музичар – продуцент, пијанист, тромбонист и композитор, магистар по џез науки, а вработен беше како професор во Државниот музички училишен центар (ДМУЦ) „Сергеј Михајлов“ – Штип. Нека почива во мир.
Култура
„Бијело дугме“ го одложи концертот во Скопје за 31 мај

„Бијело дугме“ го одложи концертот во Скопје.
За 12. април беше закажан концертот на „Бијело дугме“ со кој низ светот слават 50. години од постоењето. Но, поради трагедијата во Кочани организаторите и менаџментот на бендот сметаат дека е прерано за концерти па повторната дружба ја презакажаа за 31.мај.
Во овие чувствителни моменти, сметаме дека е прерано за концерт, информираат од Прагма продукција.
„Токму затоа, заедно со Бијело дугме одлучивме концертот кој требаше да се одржи на 12 април во Скопје, во „Борис Трајковски“, да го презакажеме за 31 мај 2025 година. Сите купени билети остануваат важечки за новиот датум. Ве информираме дека интересот за концертот е огромен и истиот е пред распродавање! Ви благодариме на разбирањето“, велат од продукцијата.