Култура
Драмскиот театар – Скопје гостува во Београдското драмско позориште со претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“
По октомвриското издание на фестивалот во Скопје, РУТА од 2-ри до 7-ти декември се одржува во Белград во организација на Београдско драмско позориште. Драмски театар на фестивалот ќе настапи во четврток на 5-ти декември со претставата „ Чудна случка со кучето во ноќта“.
Претставата е авторска адаптација на Сајмон Стивенс направена според мотивите од романот на Марк Хадон. Режисер е Зоја Бузалковска, професор на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Асистент на режија е Димче Николовски – Димсата, драматург е Александра Бошковска.
Костимите во претставата се на Елена Вангеловска и Раде Василев, а сценографијата е на Константин Трпеноски. Авторската музика е на Давид Ангеловски, а кореографијата и фри ранинг техниката е на Симон Симоновски.
Улогите во претставата ги толкуваат актерите: Дамјан Цветановски, Трајанка Илиева Вељиќ, Александар Степанулески, Емилија Мицевска, Соња Стамболџиоска, Јасмина Василева, Филип Трајковиќ, Лазар Христов, Златко Митрески и Нела Павловска.
Гостувањето во Белгад е второ меѓународно гостување со претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ по гостувањето на сцената на Местно гледалишче Љубљана во рамките на фестивалот РУТА.
Во Македонија претставата се играше во Битола и Велес како и на фестивалите Охридско лето и на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.
Освен одличниот прием кај публиката и театарската фела на матичната сцена и на ревијалните фестивали, претставата се здоби со 5 исклучителни награди на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ меѓу кои:
– Награда за главна машка улога на актерот Дамјан Цветановски за улогата на Кристофер Бун
– Награда за женска епизодна улога за актерката Емилија Мицевска за улогата на Џуди
– Награда за сценографија ја доби Константин Трпеноски
– Награда за костимографија се додели на Елена Вангеловска и Раде Василев и
– Награда за кореографија и сценски движења ја доби Симон Симоновски.
„Чудна случка со кучето во ноќта“ е на редовен репертоар на Драмски театар Скопје од премиерата во 2021 година и гостувањето во Белград ќе биде 34 изведба на претставата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Вера Милошевска од „Љубојна“ ќе ја промовира својата прва книга
В сабота, на 28 декември, ќе биде промовирана првата книга на Вера Милошевска-Јосифовска – препознатливиот вокал на групата „Љубојна“.
Книгата „Македонскиот вокален мелос во современиот контекст – Оживување на една заборавена музика“, којашто е во издание на „Флипбук букс“, ќе биде претставена во кафе барот Филхармонија во 19.30 часот.
Книгата е повеќеслојна и е плод на долгогодишно истражување во областа на музиката, пред сè на македонскиот вокален мелос, односно македонската пејачка традиција, и зборува за нејзината суштина, значење и применливост во различни контексти на денешницата.
Интересна е всушност апликативната улога на авторката, бидејќи истовремено ни се обраќа како етнолог, антрополог и музиколог, но и како пејач кој своите истражувања преку сцената, ги втиснува длабоко во срцата на публиката.
Книгата изобилува со интересни гледишта во однос на нејзината поврзаност со културните појави некогаш и денес, и при тоа дава коментар на тоа, дека музиката е неприкосновен идентитетски маркер.
Дел од книгата зборува и за музичкиот бран кој го разбуди “Љубојна” и нејзината улога во оживувањето на оваа, своевремено маргинализирана, музика, станувајќи моќно јадро кое ја анимира јавноста.
Заедно со актуелни музичари и млади пејачки грла од класата на м-р Милошевска-Јосифовска, со музичка сесија во живо и изведба на различни вокални стилови од пејачката традиција на Македонија, ќе биде презентирано сè што не сте знаеле (а ве интересира) за нашиот безвременски македонски мелос и ќе продолжи во предновогодишна концертна забава со “Љубојна”.
Промотер на настанот е проф. д-р Илина Јакимовска, а свој осврт ќе даде и проф. д-р Велика Стојкова Серафимовска.
Култура
80 години Македонски народен театар
Македонскиот народен театар, најстарата национална професионална театарска институција и темелот на културата на Македонија, ја испишува сопствената историја, а од 31 јануари 2025 година и достојно ќе го одбележи јубилејот – 80 години.
Чуварот на културните и традиционалните вредности низ годините преку репертоарската програма го чува и го негува театарскиот јазик и идентитет.
По формирањето и натамошното постоење, поминува низ разни периоди: создавање и негување на ансамблот и на публиката, на творци кои ќе учествуваат во обликувањето на претставите, одржување на репертоарот и гостувања во и од светот. Создава место на европската и светската мапа преку поставување дела од севкупната класична и современа драматургија, но и преку постојано ангажирање на светски реномирани режисери.
МНТ се стреми кон ширење на театарската уметност во јавноста, пред сѐ насочена кон публиката, нивна анимација и едукативно театарско будење, како и приближување до младината за активно размислување на темата култура и театар.
Во име на јубилејот, нашиот долгогодишен соработник, Зоран Кардула, направи голема чест за најголемата театарска куќа во нашата земја и со неговиот препознатлив дизајнерски печат, го создаде логото „80 години Македонски народен театар“.
Сите ние и секоја следна генерација, сонуваме, мечтаеме кон патувањето и создавањето на нови креативни светови.
Култура
Македонска премиера на „Ракетно моделарство” на Златко Калеников
Во просториите на Синеплекс се одржа Македонската премиера на краткометражниот игран филм „Ракетно моделарство“, работен по сценарио и режија на Златко Калеников, а во продукција на Стримон филм.
На црвениот тепих покрај познатите Македонски актери Никола Ристановски и Катерина Коцевска присутни беа бројни гости од академската, јавната и уметничката сцена.
Главните детски ликови во филмот ги играат Дамјан Ѓуроски во улогата на Калин, Матја Милан во улогата на Леа, Бранислав Пеликон во улогата на Нешко и Максим Радевски во улогата на Стајка.
Продуценти на филмот се Златко Калеников и Марија Димитрова, директор на фотографија е Наум Доксевски, сценографијата е на Александра Чевреска, а костимите на Роза Трајческа-Ристовска.
Филмот е за конфликтот меѓу исполнувањето на сопствениот сон и туѓото влијание врз неговото остварување. Низ едно детско хоби се покажува колку туѓото влијание може да биде пресудно за животот на детето и детскиот сон.
Главен лик е Калин, дете на 11-годишна возраст што сонува за вселената и патот до неа. Тој сака еден ден да биде космонаут или инженер што ќе гради ракети. Калин е запишан во народна техника, образовна институција од тоа време, во која одат деца со слични желби и фантазии, млади научници, кои сакаат да градат ракети, авиони, бродови, електронски помагала, компјутери, монитори, радија итн. Калин ги посетува часовите по ракетно моделарство, на кои учи да изгради ракета, модел што лета на барут. Тој живее во соба со својата помала сестра Леа, која секогаш сака да биде како Калин и да биде дел од неговите научни проекти и игри.
Проектот е реализиран со поддршка од Агенцијата за филм на Македонија и Македонската радио-телевизија.