Култура
Изложба на фотографии и промоција на фотокнига „Треперење“ на Боро Рудиќ во МКЦ
Во вторник, (03.12.2024) во 19 часот, во МКЦ (галерија на Младински Културен Центар) ќе се отвори изложба на фотографот Боро Рудиќ, под името „Треперење“.
На истиот настан ќе биде промовирана и неговата најнова фото книга „Треперење“.
Преку оваа изложба и фотографска књига, авторот истражува можност за редефинирање на перцепцијата на естетиката во однос на традиционалните норми. Природата е најчестиот мотив во фотографијата, често окована со одредени правила и табуа кои ја обликуваат нашата визуелна перцепција. Што се случува со нашата перцепција како набљудувачи (или фотографи) кога излегуваме надвор од зоната на удобност и ја гледаме природата на сосема поинаков начин?
Оваа изложба има за цел да ги предизвика воспоставените визуелни концепти, поттикнувајќи ги гледачите да ја преиспитаат и да го реинтерпретираат она што го сметаат за естетско во природниот свет.
Изложбата тежи кон ослободување од стандардните канони на убавина, овозможувајќи нов поглед на природата преку иновативни и неконвенционални техники на фотографирање. Преку овој проект, авторот се надева дека ќе се отвори дијалог за флексибилноста на естетските норми и ќе се поттикне креативно размислување надвор од традиционалните рамки.
За оваа изложба и фотокнига, Ферид Мухиќ вели: …„Како оригинално истражување на границите на човечката перцепција и можностите на современата технологија во сферата на визуелните уметности, во кое е максимално нагласен и личниот стил на уметникот и неговите преференци во изборот на естетските конпоненти, изложба на Боро Рудиќ претствува крупен иновативен чекор во истражувачките техники во подрачјето на фотографија и возбудливо визуелно-естетско доживување“…
Изложбата ќе трае до 15.12.2024.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
80 години Македонски народен театар
Македонскиот народен театар, најстарата национална професионална театарска институција и темелот на културата на Македонија, ја испишува сопствената историја, а од 31 јануари 2025 година и достојно ќе го одбележи јубилејот – 80 години.
Чуварот на културните и традиционалните вредности низ годините преку репертоарската програма го чува и го негува театарскиот јазик и идентитет.
По формирањето и натамошното постоење, поминува низ разни периоди: создавање и негување на ансамблот и на публиката, на творци кои ќе учествуваат во обликувањето на претставите, одржување на репертоарот и гостувања во и од светот. Создава место на европската и светската мапа преку поставување дела од севкупната класична и современа драматургија, но и преку постојано ангажирање на светски реномирани режисери.
МНТ се стреми кон ширење на театарската уметност во јавноста, пред сѐ насочена кон публиката, нивна анимација и едукативно театарско будење, како и приближување до младината за активно размислување на темата култура и театар.
Во име на јубилејот, нашиот долгогодишен соработник, Зоран Кардула, направи голема чест за најголемата театарска куќа во нашата земја и со неговиот препознатлив дизајнерски печат, го создаде логото „80 години Македонски народен театар“.
Сите ние и секоја следна генерација, сонуваме, мечтаеме кон патувањето и создавањето на нови креативни светови.
Култура
Македонска премиера на „Ракетно моделарство” на Златко Калеников
Во просториите на Синеплекс се одржа Македонската премиера на краткометражниот игран филм „Ракетно моделарство“, работен по сценарио и режија на Златко Калеников, а во продукција на Стримон филм.
На црвениот тепих покрај познатите Македонски актери Никола Ристановски и Катерина Коцевска присутни беа бројни гости од академската, јавната и уметничката сцена.
Главните детски ликови во филмот ги играат Дамјан Ѓуроски во улогата на Калин, Матја Милан во улогата на Леа, Бранислав Пеликон во улогата на Нешко и Максим Радевски во улогата на Стајка.
Продуценти на филмот се Златко Калеников и Марија Димитрова, директор на фотографија е Наум Доксевски, сценографијата е на Александра Чевреска, а костимите на Роза Трајческа-Ристовска.
Филмот е за конфликтот меѓу исполнувањето на сопствениот сон и туѓото влијание врз неговото остварување. Низ едно детско хоби се покажува колку туѓото влијание може да биде пресудно за животот на детето и детскиот сон.
Главен лик е Калин, дете на 11-годишна возраст што сонува за вселената и патот до неа. Тој сака еден ден да биде космонаут или инженер што ќе гради ракети. Калин е запишан во народна техника, образовна институција од тоа време, во која одат деца со слични желби и фантазии, млади научници, кои сакаат да градат ракети, авиони, бродови, електронски помагала, компјутери, монитори, радија итн. Калин ги посетува часовите по ракетно моделарство, на кои учи да изгради ракета, модел што лета на барут. Тој живее во соба со својата помала сестра Леа, која секогаш сака да биде како Калин и да биде дел од неговите научни проекти и игри.
Проектот е реализиран со поддршка од Агенцијата за филм на Македонија и Македонската радио-телевизија.
Култура
Љутков: Почнува повеќегодишна конзервација на вредното сликарството од византискиот период на „Св. Ѓорѓи“ во Старо Нагоричане
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска беше во работна посета на црквата „Свети Ѓорѓи“ во Старо Нагоричане, која е ремек-дело од XIV век, и во архитектонска и во сликарска смисла.
„Она што е особено значајно за ова вредно културно наследство е тоа што по 10 години негрижа и застој во работата, започнаа подготовките за реализација на проектот за конзервација на живописот на црквата, со што ќе се овозможи зачувување на овој византиски споменик на културата кој говори за милениумското цивилизациско наследство на наша почва“, рече Љутков, потенцирајќи ги уникатните вредности на црквата од Старо Нагоричане.
Изрази жалење поради тоа што во изминатите десет години имало застој, а со тоа се деградира исклучително вредното културно наследство, и додаде: „Затоа од надлежната установа Национален конзерваторски центар побаравме корекција на претходно дефинираната динамика за реализација на планираните активности. Фокусот го ставаме на реализацијата на проектот, а како држава и како Министерство за култура и туризам уште еднаш на дело ја потврдуваме нашата грижа и посветеност за зачувување на културното наследство и ќе направиме сè за црквата да блесне во целиот свој сјај“, рече Љутков.
Тој додаде дека за 2025 година е планирано да бидат обезбедени околу 5 и пол милиони денари, но што е уште поважно, како што рече, ова е проект кој добива повеќегодишно финансирање, и во следните три-четири години конзервацијата на фрескоживописот ќе се одвива без застој.
Цветанка Хаџи-Пецова, в.д. директорка на Националниот конзерваторски центар и советник-конзерваторот Владо Муковски, изразија задоволство од започнувањето на овој, како што го нарекоа, проект од национално значење, и додадоа дека е чест, привилегија и одговорност да се работи на монументалниот споменик на културата и да се конзервира фрескоживописот на големите мајстори на византиското сликарство, зографите Михаил и Евтихиј.
При посетата на црквата во Старо Нагоричане беше најавено дека со сиот кадровски и стручен потенцијал на Националниот конзерваторски центар и на Конзерваторскиот центар – Скопје започнува конзервацијата на еден од најраскошните фрескоаранжмани на византиската уметност од 14 столетие.
Во оваа пригода, Љутков изрази уверување дека со реализацијата на проектот, црквата ќе го добие заслуженото место меѓу културните добра во нашата земја, а тоа во иднина ќе даде силен импулс за развојот на туризмот, како и активности за локален економски развој.