Култура
Македонскиот народен театар вечерва ја изведува „Народен пратеник“ во Народно позориште – Белград

129 години по праизведбата на „Народен пратеник“ и 101 година од неговото прво печатено издание, „Народен пратеник“ на Македонски народен театар вечерва игра во Народно позориште – Белград.
Оваа прва комедија на Бранислав Нушиќ, во изведба на моќна актерска екипа и режисерски конципирана од страна на Егон Савин, по впечатливата и одлично забележана изведба на реномираниот фестивал и добиената специјална награда за колективна актерска игра од „Стериино позорје“ – вечерва во 20:30 часот игра на сцената „Раша Плаовиќ“.
Силните впечатоци и импресиите што ги сподели новосадската публика и критиката за двете изведби се патоказ и очекување тоа да се доживее и по оваа изведба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Киро Урдин со самостојна изложба во Брисел

Киро Урдин, основач на уметничкото движење Планетаризам, отвори своја самостојна изложба на слики и цртежи „80 години – 80 дела“ во ММ Галерија во Брисел.
Награден со највисоката награда „Уметник на светот“ на ОСТЕН БИЕНАЛЕТО „Скопје 2024“ и изложуван во Националната галерија на Р.С.Македонија, Киро Урдин се враќа од Токио, Њујорк, Детроит и Мексико Сити, од неговата изложба на меѓународниот саем на современа уметност „Арт Тесалоники“ во Солун со Микеланџело Пистолето и од изложбата во Големата салата „Бранкузи“ на Палатата на Парламентот во Букурешт – за да прикаже избор од своите нови дела, вклучувајќи повеќе од 80 цртежи, кои се објавени во неговата најнова книга „Линии и бои“, која исто така ќе биде промовирана на отворањето на изложбата.
За пошироката публика, изложбата ќе биде отворена од 6 до 28 јуни.
Киро Урдин е еден од најважните македонски уметници кој е пионер на глобалното авангардно движење, Планетаризам, кое ја редефинира современата уметност со спојување на космички теми, футуристичка апстракција и метафизичка длабочина. Неговото дело не само што ја воздигнува Македонската уметност на меѓународната сцена, туку и ги премостува културните и научните дискурси, инспирирајќи нов начин на согледување на местото на човештвото во универзумот.
Како визионер, влијанието на Урдин се протега надвор од естетиката – неговата филозофија поттикнува уметничка иновација, интердисциплинарно размислување и универзална перспектива што ги надминува националните граници, а сепак ги одразува неговите македонски корени.
Култура
Висока уметничка вредност на сцената: „Народен пратеник“ со блескава изведба во Народно позориште Белград

Ансамблот на претставата „Народен пратеник“ беше изведена во Народно позориште Белград и уште еднаш потврди дека театарската уметност живее во својата најчиста форма — преку искрена емоција, прецизна актерска игра и моќна режисерска визија. Со фасцинантна изведба, која им го задржа вниманието на гледачите од првата до последната сцена, актерите успеаја да доловат и хумор и критика, и човечка слабост и општествени противречности.
Публиката возврати со долгостоечки аплауз, знак не само на благодарност туку и на восхит пред она што се одигра на сцената — исклучително изведена претстава, која зборува и за денешницата.
„Народен пратеник“ не е само театар туку и огледало на општеството, а вечерта во Народно позориште беше потврда дека сцената сè уште има моќ да инспирира, да критикува и да повика на размислување.
Култура
Историски ден за МНТ: триумф на ансамблот во „Народен пратеник“

3 јуни 2025 – ден што со особена чест ќе биде запишан во поновата историја на Македонскиот народен театар.
Наградата што секој актер и ансамбл ја посакуваат – Специјалната Стериина награда за колективна актерска игра – му припадна на ансамблот на претставата „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ, во режија на Егон Савин, а во продукција на Македонскиот народен театар – Скопје.
Ова е награда што ја слави и ја велича не само актерската вештина туку и сплотеноста што се раѓа на сцената – заедништвото во процесот на создавање, како и силата на колективната енергија што живее низ целото траење на претставата.
Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов, Тања Кочовска, Александар Михајловски (со снимен глас), народот: Дејан Стамчевски, Синан Ракип, Скендер Бериша, Зекирија Алим, Мирослав Атанасовски, Мартин Китановски и Хусеин Халили, како и целиот тим зад сцената – го заслуживте ова признание!
ПР