Култура
Објавена книгата „Книжевната критика за поезијата на Раде Силјан“
По повод 75 години од раѓањето и половина век од објавувањето на првата поетска книга на еден од најзначајните современи македонски поети, Раде Силјан, Здружението за уметност и култура „Дијалог“, деновиве ја објави книгата „Книжевната критика за поезијата на Раде Силјан“. Приредувач на изданието е Иван Антоновски, којшто е автор и на обемниот предговор.
– Беспоговорно, комплексна и тешка е задачата и/или определбата да се издвојат канонските автори меѓу нашите современици, особено оние автори со активен творечки опус. Но ако се има предвид творечкиот резултат и рецепцијата, односно валоризацијата од книжевната критика (и тоа и кажаното и намерно или ненамерно премолченото), обемот на досегашниот опус и неговата поетичка кохерентност, недвојбена е констатацијата дека Раде Силјан е еден од авторите што со сето она што како поет го има вградено во вертикалата на современата македонската поезија е еден од современиците-стожерници на македонскиот книжевен канон. Оттука, јубилејните 75 години од раѓањето и 50 години од објавувањето на првата стихозбирка на Силјан се само повод за оваа книга на која се работеше неколку години наназад. Причината е многу посуштинска, и не се однесува одделно (само) на творештвото на Силјан, туку на современата македонска книжевност. Поконкретно, оваа книга е остварување на дел од долгот што го имаме кон неа, особено кон нејзината историја, напоменува, меѓу другото, Антоновски во предговорот, посочувајќи дека оваа книга има за цел да овозможи сето напишано и кажано досега да се има предвид во натамошното (пре)вреднување и во испишувањето на новите страници на нашата книжевна историја.
Книгата е поделена на три целини, при што во првиот дел се поместени критики што се однесуваат на севкупното поетско творештво на Силјан до одредени различни периоди или пак критики во кои прочитот/анализата на одделна поетска книга поттикнал нови согледби и воопшто за спецификите на Силјановата поезија осврнувајќи се и на неговото творештво што претходи на книгата што била првичен предизвик за критичка рецепција на некој од авторите. Во вториот дел на книгата се поместени критки за одделни поетски книги во кои се издвојуваат специфики и на одделни развојни фази/кругови на творештвото на поетот, додека третиот дел е избор од странската критика за поезијата на Силјан.
Во „Книжевната критика за поезијата на Раде Силјан“, едновремено се опфатени најзначајните текстови за Силјан од академската критика и критиики од поети и писатели што се остваруваат и како книжевни критичари, при што изданието содржи близу осумдесет текстови од четириесет и пет автори, меѓу кои и: Миодраг Друговац, Гане Тодоровски, Матеја Матевски, Петар Т. Бошковски, Веле Смилевски, Данило Коцевски, Науме Радически, Паскал Гилевски, Јован Павловски, Светлана Христова-Јоциќ, Гордана Михаилова-Бонакоска, Ефтим Клетников, Благоја Иванов, Санде Стојчевски, Луан Старова, Димитар Пандев, Блаже Миневски, Весна Мојсова-Чепишевска, Марина Мијаковска и др., како и странските посветеници: Радомир Ивановиќ, Мирољуб М. Стојановиќ, Думитру М. Јон, Сретен Перовиќ, Благовеста Касабова, Миќо Цвиетиќ, Душан Стојковиќ и Владимир Луков.
Во изданието, покрај изборот на критиките, односно студиите, остварена е и анализа на критичките согледби на поезијата на Силјан во децениите наназад, со паралелно критичко препрочитување на сиот досегашен опус на овој знаменит македонски поет, при што се отворени повеќе пашања и се поставени повеќе клучни тези, со напомена дека е потребно ваков пресек да се оствари и за критичката рецепција на творештвото на други автори со активен опус во македонската книжевна стварност во последниве неколку децении, како и за автори што веќе физички не се меѓу нас.
Инаку, Раде Силјан е роден на утрешен ден, 16 април, пред 75 години. Поет, критичар, есеист, книжевен истражувач, преведувач и антологичар. Автор е на 23 стихозбирки. Добитник е на највисоките признанија за поезија кај нас: наградите „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата и „Ацо Шопов“ на Друштвото на писателите на Македонија. Носител е на Државната награда „11 Октомври“ за животно дело во областа на уметноста. Поезијата на Силјан во посебни книги е преведена на англиски, руски, грчки, турски, италијански, бугарски, српски, унгарски, полски, латински, романски, црногорски, влашки, словенечки, албански и бошњачки јазик. Добитник е на високи меѓународни признанија за поезија.
Претходно, по повод јубилеите, Здружението за уметност и култура „Дијалог“ објави и избор од поезијата на Раде Силјан, „Лажно време“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Гоце Цветановски со специјална награда во Белград за придонес во филмската уметност и индустрија
Македонскиот режисер и сценарист Гоце Цветановски доби специјална награда за придонес во филмската уметност и индустрија на 19. издание на Српскиот фестивал за фантастични филмови, еден од најзначајните регионални фестивали посветени на жанровскиот и авторскиот филм.
Свеченото отворање на фестивалот се одржа во Културниот Центар во Белград, во присуство на бројни филмски автори, професионалци и љубители на фантастичниот филм. На настанот присуствуваше и директорот на македонскиот Културно-информативен центар во Белград, Васко Шутаров.
Наградата на Цветановски му беше врачена по проекцијата на оскаровецот „Поплава“, по што следеше панел-дискусија на тема иднината на анимираниот филм во регионот. На панелот, покрај Цветановски, учествуваа и истакнатите автори Растко и Ивана Чириќ, Никола Мајдак и Алекса Гајиќ, кои разговараа за предизвиците, новите технологии и можностите за регионална соработка во современата анимација.
При примањето на наградата, Цветановски се наврати на своите почетоци и емотивната врска со фестивалот:
„Мојата прва награда во кариерата ја добив токму на овој фестивал, за краткиот игран филм ‘Мал дисконтинуитет во време-просторот’ во 2014 година. Затоа ова признание за мене носи особена емоционална и професионална вредност.“
Наградата доаѓа како признание за долгогодишната авторска работа на Цветановски и неговиот придонес во современиот филм, со посебен акцент на фантастичниот и анимираниот жанр.
Култура
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ втора меѓународна изложба на уметничка фотографија „Мотус 2025“
Здружението за промоција на интелектуални, мултикултурни и спортски вредности – Мотус од Куманово, преку својот Фото клуб – Мотус, во период од 18 декември (четврток) 2025 во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ќе ја организира втората Меѓународна изложба на уметничка фотографија Мотус 2025.
На изложбата ќе бидат изложени пеесетина фотографии. Учество зедоа 249 автори од 50 земји.

Финансиер на изложбата е Општина Куманово, преку програмата за подршка на културни манифестации за 2025 година, а истата е под патронат на Меѓународната Федрација на Фотографска Уметност (ФИАП 2025/393), (Фото Сојуз на Македонија (ФСМ 2025/003) и Меѓународна Фото Асоцијација Дунав (ДИПА 2025/054).
Изложбата ќе биде отворена на 18 (четврток) декември 2025 во 19:30 часот во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
Култура
„Интер(но)фејс“ на Борис Шемов во „Мала станица“
На 18 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамките на програмските активности на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку различни медиумски форми – текстуални интервенции, видео-содржини, алгоритамски и дигитални процеси – изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.
Насловот „Интер(но)фејс“ упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум, туку како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Изложбата „Интер(но)фејс“ може да се посети во периодот од 18 до 24 декември 2025 година во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Национална галерија, Скопје.

