Култура
Оливера Николова е добитничка на наградата „Прозарт“ на 10. „ПРО-ЗА Балкан“
Една од најзначајните македонски писателки Оливера Николова е добитничка на наградата „Прозарт“ за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот, што ја доделува Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“.
Јубилејното 10. издание на фестивалот годинава ќе се одржи од 18 до 21 септември.
Одлуката за доделување на наградата на Николова беше донесена едногласно од страна на Одборот за доделување на наградата „Прозарт“, на чело со претседателот Ермис Лафазановски.
– Оливера Николова е македонска писателка која ја одбележа македонската книжевност во втората половина на 20 и почетокот на 21 век, затоа со право можеме да ја сметаме за книжевен бард чии дела сe и ќе бидат сметани и во иднина за врв на македонската класична книжевност. Почнувајќи од нејзините изданија во рамките на македонската книжевност за деца, па сè до нејзиниот последен роман, на читателите не само во Македонија туку и на Балканот, им ја понуди единствената привилегија преку нејзините дела да прочитаат работи кои се напишани сега и тука, а чие ехо ќе одѕвонува далеку во иднината – стои во одлуката на Одборот.
Николова, за која не ретко се споменува дека е мајка на сите македонски писателки, во писмото по повод добивањето на наградата вели:
-„ПРО-ЗА Балкан“ за мене отсекогаш претставувала кота од која ми се овозможуваше радоста да ги поздравам колегите писатели, оние присутните, но и неприсутните, кои ги познавам и не ги познавам, кои ги читам и не ги читам, но чии автентични творечки вибрации бездруго ја изгубиле супстанцата на само она што е исклучително. Неспорно, присуството на читателите, пак, создава повеќе убавина одошто некогаш сме имале во моментот, повеќе емпатија за секого, но и помалку занес за чудата на животот и сировата стварност.
Николова, која е раскажувачка, романсиерка и драмска писателка е родена во Скопје во 1936 година. Целиот работен век го минала во Македонската радио-телевизија како уредник и драматург. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1963 година. Покрај романите како „Вежби за Ибн Пајко“, „Куклите на Росица“, „Збогум, Вано, Ванке…“, „Песот со тажен поглед“, и збирки раскази за возрасни, има објавено и 17 книги за деца и сликовници, меѓу кои: „Девојките на Марко“, „Мојот звук“, „Преминот не е осветлен“, „Светлосна година“, и др.
Нејзината култна книга за деца „Зоки Поки“ стана задолжителна лектира во училиштата, а според неа е снимена и детска телевизиска серија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

