Култура
Отворена Третата зимска школа во чест на Ацо Шопов

Денес, „Македонија е во светот, а светот во Македонија“. Развојот на странската македонистика веќе се одвива по цврсто утврдена патека, на која има јасни патокази за развојот и во времето што следува. Стиховите на великанот Ацо Шопов добиваат и нови значења и толкувања преку посветеноста на македонскиот јазик, литература и култура од страна на странските македонисти.
Ова се дел од пораките со кои свечено беше отворена Третата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), на која учествуваат над 40 странски македонисти од 17 држави. Со Школата на МСМЈЛК при УКИМ почна чествувањето на големиот јубилеј – 100 години од раѓањето на великанот на современата македонска литература и култура, Ацо Шопов, и остварувањето на националната програма во негова чест.
На свеченото отворање на Школата се обратија претседателот на државата, Стево Пендаровски, под чие покровителство се остварува националната програма „2023, година во чест на Ацо Шопов“, ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ), проф. д-р Никола Јанкуловски, и директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.
Посочувајќи на насловот на една од поетските книги на Ацо Шопов, „Ветрот носи убаво време“, во своето поздравно видеообраќање претседателот Пендаровски им се обрати и на учесниците на Школата.
„Дозволете ми да ви посакам Школата да ви донесе само убаво време, убави моменти со плодни дискусии, од кои ќе произлезат нови иницијативи за соработка, истражување и развој. Ви честитам на желбата и изборот да бидете дел од Третата зимска школа на МСМЈЛК при УКИМ“, истакна Пендаровски во завршницата на своето обраќање.
Во видеообраќањето претседателот истакна дека Третата зимска школа на МСМЈЛК при УКИМ има особено место во чествувањето на големиот јубилеј – 100 години од раѓањето на Шопов.
„Шопов како една од централните личности на македонскиот XX век ги постави темелите на мостовите меѓу македонската и поголем број странски култури. Ние како негови потомци имаме обврска тие мостови да ги одржуваме и да ги зајакнуваме. Ама и да градиме нови! Во нашава современост, чинам нема друг субјект што на академско ниво до толку се залага и придонесува за одржување и јакнење на постојните мостови и градење нови токму преку јазикот, речта и културните вредности колку Меѓународниот семинар, кој е организатор на оваа Школа, што несомнено се потврдува преку резултатите од соработката и влогот со странските македонисти и слависти – и во странските културни средини и кај нас. Оттука, и со оваа Школа, меѓу другото, на академско ниво се остварува дел од она за што Шопов и неговата генерација културни дејци се залагале на средината на минатиот век“, истакна ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски, осврнувајќи се на значајноста што остварувањето на националната програма во чест на 100-годишнината од раѓањето на Шопов почнува со Школата на МСМЈЛК при УКИМ, која веќе е традиционална.
Тој посочи и на бројноста на државите од кои има учесници на Третата зимска школа, вклучително и држави од кои претходно повеќе години немало пријавено учество. Во завршницата на своето обраќање Јанкуловски им се заблагодари на странските македонисти за нивниот интерес и посветеност за изучувањето на македонскиот јазик, литература и култура потсетувајќи дека тие се најголеми културни амбасадори на нашата држава.
„УКИМ, во рамките на своите надлежности, секогаш ќе стои зад вас и зад вашата решеност да ја афирмирате и развивате странската македонистика“, им порача ректорот Јанкуловски на странските македонисти, кои се учесници на Школата.
Своето обраќање, директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, во целост им го посвети на странските македонисти поврзувајќи ја нивната посветеност на македонистиката и со поезијата на Ацо Шопов.
„Македонија е судбина на светот, светот е судбина на Македонија“ – овој стих на великанот Шопов се чини ја одразува смислата на оваа Трета зимска школа. Затоа што во сето време досега, токму странските македонисти и слависти се оние што овозможија во една убава смисла да се остварува идејата дека ‘светот е судбина на Македонија’ – преку нивните беспоштедни заложби македонскиот збор да се чуе и разбере во странските културни средини. Ама во исто време, преку нивната решеност да се посветат на македонистиката и таа за нив да е животна определба, и нашата татковина постана судбина на светот, затоа што заложбите на странските македонисти и слависти се остваруваат не само во рамките на универзитетските центри и на меѓународната научна сцена, туку и воопшто преку афирмација на македонскиот збор и македонската мисла во светот“, нагласи Мојсова-Чепишевска.
Обраќајќи им се на странските македонисти и реферирајќи на стихови на Шопов, таа искажа и посакување преку наставата на оваа Зимска школа тие уште повеќе да ги засакаат нашата земја и македонскиот јазик, литература и култура, како и дека ќе имаат уште поголем поттик и решеност да продолжат секојдневно да се посветени на македонистиката.
„Ако денес, од некои други простори, Ацо Шопов може да нè види и чуе, се надевам дека ќе се залечат дел од неговите рани, кои оставија лузни во неговата поезија затоа што денес, со оваа Зимска школа, инакво, а суштинско значење, добива неговиот стих: “Македонија е во светот, а светот во Македонија’. Затоа што денес, во негова чест, ‘по долгите патишта на светот се отсликува ликот на Македонија/а ликот на светот во Македонија’“, порача, меѓу другото, Мојсова-Чепишевска.
Веднаш по отворањето, Школата, која се одржува виртуелно, на далечина, почна со интензивна работа, со учесници од: Кина, Виетнам, Соединетите Американски Држави, Австралија, Турција, Полска, Словенија, Чешката Република, Унгарија, Грција, Бугарија, Романија, Молдавија, Руската Федерација, Хрватска, Србија и од Босна и Херцеговина. Планирано е да трае до 28 јануари, со вкупен фонд по 30 часа за секоја од групите.
МСМЈЛК при УКИМ најави дека по Третата зимска школа, планира и други активности посветени на Шопов во текот на оваа година, од кои некои веќе се опфатени во националната програма „2023, година во чест на Ацо Шопов“.
Инаку, Зимската школа на МСМЈЛК при УКИМ првпат се одржа во 2021 година како прва активност во рамките на програмата за одбележување на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески и значајно дополнување на редовните активности на МСМЈЛК при УКИМ, а мината година веќе се потврди дека таа ќе прерасне во традиција во рамките на остварувањето на мисијата за афирмација и развивање на македонистиката на странските универзитетски центри и воопшто во странските културни средини по што годинава со неа почнува чествувањето на 100-годишнината од раѓањето на Ацо Шопов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Сулејмани од Струга: Културата е најсилниот мост меѓу народите

Заменик-министерот за култура и туризам, Седат Сулејмани, присуствуваше на свеченото затворање на фестивалот „Кенге Јехо“, кој се одржа изминативе денови во Струга.
Во своето поздравно обраќање, заменик-министерот Сулејмани ја истакна важноста на промовирањето на културното наследство преку уметнички настани како овој фестивал, кој ги зачувува вредностите на традиционалната музика, но истовремено ги зацврстува културните врски и меѓународната соработка.
„Имам чест да ви се обратам овде, покрај убавиот Дрим во Струга, на ова 34-то издание на фестивалот „Кенге Јехо“, празник на нашето културно наследство, кој ги има освоено срцата на публиката и дома и надвор од земјава.
Овој фестивал е сведоштво за нашите уметнички вредности и за обединувањето преку културата. Им се заблагодарувам на организаторите за нивната посветеност и ве уверувам во нашата континуирана поддршка, особено за јубилејното издание следната година“, изјави Сулејмани во своето обраќање.
На фестивалот учествуваа уметници и музички групи од различни земји, како: Парагвај, Турција, Бугарија, Косово, Албанија, Ансамблот на албански народни песни и ора во Република Северна Македонија, како и други друштва од Републиката.
Настанот заврши со богата уметничка програма и многубројна публика, докажувајќи уште еднаш дека културата е најсилниот мост што ги поврзува народите.
Култура
Гала-концерт вечерва на Скопско лето

Гала концертот на Вејчеслав Поповски под наслов „Хармонија во три стила: класика, филм и корен“, ќе се одржи вечерва, со почеток во 20:30 часот во Македонска филхармонија.
Настанот ќе биде збогатен со настапот на Acies Quartett – културни амбасадори на Австрија, Рихард Рикон – реномиран пијанист од Словачка, и Елена Васова – гостин-сопран
Култура
(Видео) Охридското лето се отвори, и уметноста прозборе – музиката и мајчинството во хармонија на Античкиот театар

Под ѕвезденото небо на Античкиот театар во Охрид, синоќа величествено беше отворено јубилејното 65. издание на фестивалот „Охридско лето“ со моќните ноти на Бернштајн, Гершвин и Имери.
На сцената настапија реномираната американска пијанистка Клер Хуангчи и Македонската филхармонија под диригентската палка на маестро Едвин Оутвотер, во програма која го одрази духот на фестивалското мото – „Трансформација на сетилата“. На репертоарот беа „Приказна од западната страна”, „Рапсодија во сино” и „Пајдушко“ од Дамир Имери во блескавата изведба на уметниците.
Дополнително изненадување на вечерта беше самата Клер Хуангчи – пијанистката настапи со целосна посветеност, иако очигледно во поодмината бременост. Со извонредна визија, уметнички израз и техничка прецизност, таа на сцената покажа што значи вистински професионализам и љубов кон музиката.
Актерот, Ѓорги Јолевски беше еден од говорниците на свеченото отворање, опишувајќи ја како знак на пркос честа да се отвори фестивалот, во време кога уметноста е чин на отпор.
„Во време кога зборот се губи во бучавата, а мислата се потиснува од брзината, уметноста е чин на отпор – неагресивен, контемплативен. Вечерва не ја славиме уметноста затоа што е најважна, туку затоа што е неопходна“, рече актерот Ѓорѓи Јолевски, во пораката која допре до публиката. Почитуваниот актер изјави и дека живееме во време на војни, каде човечкиот живот е девалвиран, а политичката реторика е театар без катарза. Во таков свет, рече Јолевски, уметноста не е луксуз, туку нужност – апел да се потсетиме што значи да се биде човек.
Моќен говор одржа и министерот за култура Зоран Љутков, кој истакна дека уметноста се случува, се памети и се вградува во нашата колективна меморија. За фестивалот потенцира дека не е само програма, туку духовен завет, трајна врска меѓу минатото и иднината.
Охридското лето официјално го прогласи за отворено претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, со инспиративни зборови за вредноста на духовното во современиот свет:
„Верувам дека овој чуден, често и бизарен свет, обременет со стравови и неправди, има насушна потреба од духовност, светлина и надеж“, потенцира Давкова.
Додаде дека Охрид е град на вековни дијалози: минатото комуницира со сегашноста, светците и свештениците со верниците, рибите со рибарите и галебите, уметниците со езерската шир, со планините и небото, домаќините со гостите… Од двата брега на езерото, инспирација црпеле првиот македонски романтичар, Константин Миладинов, но и првиот албански модернист, Лазгуш Порадеци.
Директорот на фестивалот, Ѓорѓи Цуцковски најави дека во рамки на фестивалот ќе настапат повеќе од 500 уметници од дваесеттина земји од целиот свет.
Гости на вечерта беа и премиерот Христијан Мицкоски, претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, како и министри од македонската Влада и амбасадори на повеќе држави.
Ова отворање не беше само концерт, туку чин на сеќавање, отпор и надеж. Во магичната атмосфера на Античкиот театар, музиката се претвори во светлина, во мост меѓу минатото и сегашноста. Визуелните ефекти беа во знакот на македонската и на американската традиција, но и динамичниот начин на живот, во микс со повеќеслојноста и колоритноста.
Фестивалот „Охридско лето“, кој ќе трае до 20 август, останува уметничка република, отворена за сите што веруваат дека уметноста не е луксуз, туку начин на постоење. Веќе 65 години, секој стих, нота и движење се претопуваат во охридската симфонија која го слави хуманото, убавото и вечното.
Впрочем, како и што синоќа беше истакнато, Охрид се отвора како волшебна школка, а од него излегува највредниот бисер – уметноста.