Култура
Тозија воодушевен за наградата во Њујорк: Уникатно искуство беше селекција на овој филмски фестивал

Филмот „М“ на Вардан Тозија ја доби наградата за најдобар филм на њујоршкото издание на фестивалот „Dances with films“.
-Воодушевен сум што ја примам наградата за најдобар филм на годинешното издание на „Dances with films“ во Њујорк. Претставуваше голема чест и уникатно искуство да се биде дел од официјалната селекција на овој исклучителен фестивал, со креативни и бескомпромисни филмски автори, на настан што прерасна во двигател на американскиот и интернационален филмски дух, вели режисерот Вардан Тозија, кој во Њујорк лично ја прими наградата.
Фимот „М“ на овој фестивал ја имаше американската премиера. Според USA Тoday, фестивалот се вбројува меѓу „десетте најзначајни филмски настани на северноамериканскиот континент“, според CNN, важи за „лидер во позиционирање на свежи и нови таленти на филмската индустрија“, додека Indiewire го препознава како „нашироко признаен поради откривањето на иновативниот дух и талент во независната кинематографија“.
-Уникатно воден филм со динамичен емотивен импакт, „М“ е спектакуларно достигнување во меѓународната филмска соработка, стои во официјалното образложение на Фестивалот.
Приказната на Тозија за осамено момче од шумата, кое наидува на низа предизвици и авантури, барајќи ја својата самовила, токму во официјалната селекција на овој фестивал ја претстави македонската кинематографија пред американската публика.
По премиерата се одржаа дискусии меѓу режисерот и членови на индустријата, како и разговори со публиката. Светските права за дистрибуција на македонскиот филм “М“ ги поседува американската компанија OneTwoThree Media.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Во МНТ почнаа пробите за претставата со работен наслов „Кататонија“

Во Македонскиот народен театар почнаа пробите за претставата со работен наслов „Кататонија“, по мотиви на драмскиот текст на Алис Бирч, во режија на Васил Христов и драматург Викторија Рангелова-Петровска.
Според режисерот Христов, претстои интензивен и динамичен процес, во кој преку драмскиот материјал што се обработува се отвораат повеќе горливи прашања за нашето современо општество.
Поигрувањето со драмската форма, драмската структура и специфичниот наратив, каректеристични за авторката Алис Бирч, ќе се применува и во адаптацијата на драмскиот материјал. Претставата се работи во копродукција на Македонскиот народен театар и Вондерленд театар – Скопје.
Во претставата играат: Игор Ангелов, Сања Арсовска, Верица Недеска, Дениз Абдула, Владимир Петровиќ, Јасмина Василева, Јасмина Билаловиќ и Ања Митиќ.
Како костимограф се потпишува Роза Трајческа-Ристовска, сценографското решение е на Васил Христов. Инспициент на проектот е Саво Ивановски. Премиерната изведба на претставата е предвидена за почетокот на јуни 2025 година.
Култура
Манифестацијата „Денови на Македонската култура во Белград – Допир на Македонија“ свечено отворена со изложба на уметникот Тодор Јовановски

Во просториите на Завичајниот музеј „Жарково“ – Музеј на град Белград синоќа беше свечено отворена изложбата на слики од реномираниот македонски уметник Тодор Јовановски, со што официјално почна годинешната традиционална манифестација „Денови на македонската култура во Белград“, со наслов „Допир на Македонија“. Манифестацијата се одржува 14-ти пат во организација на Здружението „Македониум“, а под покровителство на Националниот совет на македонското национално малцинство и Министерството за култура на Република Србија.
Изложбата на Јовановски, кој со своето уметничко творештво пренесува длабоки културни и емотивни релации со Македонија, оваа година доби и хуманитарен карактер. Уметникот ја донираше својата слика „Виолинистка“ (масло на платно, 70 x 50 см, 2016), со цел приходот од продажбата да биде наменет за помош на семејствата на пациенти од Кочани кои се лекуваат во Белград. Аукцијата е отворена до 29 мај, а на затворањето на изложбата на 30 мај ќе виде врачена на купувачот.
Манифестацијата ја отвори претседателката на Македонскиот национален совет, Зорица Митровиќ, додека за творештвото на Јовановски говореше историчарот на уметноста, Здравко Вучетиќ.
Програмата на манифестацијата продолжува со следните настани:
9 мај, Академија 28 – Јубилеен концерт по повод 10 години од основањето на ансамблот „Македониум“, со учество на гости од Културно уметничкото друштво „Колан“, пејачките групи „Срма“ и „Луњина“, како и хорот на ОУ „Доситеј Обрадовиќ“ од Умка. И овој настан е од хуманитарен карактер, а доброволниот билет чини 300 динари и ќе се користи за поддршка на повредените од Кочани.
15 мај, Театар 78 – Изведба на претставата „Земјата на штрковите“ од театарот „Провокација“ од Скопје, со почеток во 19:30 часот. Претставата потоа ќе биде играна и во Јабука 16 мај, и Вршац 17 мај.
22 мај, Градска библиотека Белград – Свечена академија по повод празникот на светите браќа Св. Кирил и Методиј, со гостување на Симона Груевска Маџоска од Институтот за македонски јазик од Скопје.
28 мај, куќа на Ѓуро Јакшиќ – Поетска вечер и портрет на поетесата Емилија Тодорова од Австралија.
2 и 3 јуни, кино сала на Етнографскиот музеј – Филмска ревија на македонскиот режисер Љубиша Георгиевски, со избрани дела од неговиот опус, во соработка со македонската кинотека.
Култура
Промоција на нов хумористичен роман од Кацаров во „Матица македонска“

Во рамките на манифестацијата „Книга во секој дом“, утре, во книжарницата на „Матица македонска“ на Булеварот на книгите Св. Климент Охридски, со почеток во 12 часот, ќе се одржи промоција на новиот хумористичен роман на Трајче Кацаров, „Романот за Чарли Офтика – Туркачот“.
Роман во кој комичните ситуации, градени преку ликовите предадени на емпатијата, љубовта, љубомората, зависта, се нижат како на филмска лента, веродостојно и нужно, притоа правејќи ја содржината лесно читлива, односно, лесно видлива.
Новото дело на Кацаров, всушност е роман за киното. За киното како празник што го следи современиот човек. Киното како инкубатор на емотивни стерсови и реакции најчесто изрзени низ извици: „Аууу! Уааа! Ејјјј! Бреее! Тууу! Пу јазк!“ Но, и антологија на случките во киното и надвор од него приредена од протагонистите во „Романот за Чарли Офтика – Туркачот’ на туѓи терети и сопствени заблуди и адвокатот, докторот по правни науки Алексеј Миро. Роман што ви овозможува читајќи да гледате, а гледаното да го видите.
„Поради големата застапеност на хумор во него, романот е забранет за оние што не знаат да се смеат, но и за оние што се смеаат до зајдување. Ако го набавите денес, смеењето ќе ви почне од вчера!“ – стои во најавата на промоцијата, на која читателите ќе можат и да поразговараат со Кацаров.