Македонија
АВМУ: Манчевски да си го прочита Изборниот законик
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги соопшти дека е непријатно изненадена од вчерашниот фејсбук-статус на министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, дека Агенцијата е политизирана затоа што поднела прекршочни постапки против Телма и Алсат – М за прекршување на изборниот молк.
„Министерот или не го познава Изборниот законик или вообичаено кога е Агенцијата во прашање со сите сили се обидува да ја дискредитира нејзината работа за да ја оствари зацртаната партиска агенда. Во спротивно, би знаел дека Агенцијата не е цензор туку согласно законските надлежности кои ѝ се дадени го следи изборното медиумско претставување и доколку констатира прекршувања, покренува прекршочни постапки“, велат од Агенцијата и појаснуваат дека за време на изборниот молк медиумите, меѓу другото, не смеат да емитуваат изјави од носители на функции во органите на власта и тоа е особено наведено во Изборниот законик. Додаваат дека изјава дадена во својство на министер е изјава на носител на функција во органите на власта.
„Воопшто не е спорно дека можат да се даваат информации во врска со состојбата со коронавирусот и активностите на здравствените власти и во време на изборен молк, но не од самиот министер. Симптоматично е и што министерот Манчевски не смета дека Агенцијата е цензор и за Првиот програмски сервис на Македонското радио, против кого исто така беше поднесена прекршочна постапка за прекршување на изборниот молк. Можеби затоа што прекршокот беше сторен со емитување изјави на министерот за внатрешни работи Наќе Чулев?
Како и досега, Агенцијата не направи разлика меѓу партиите и прекршочни постапки беа поднесени поради изјавите и на Венко Филипче и на Наќе Чулев. Во овој контест, го повикуваме Манчевски да го прочита Изборниот законик пред јавно да изнесува или да споделува мислења. Истовремено, може да ги прочита досегашните извештаи на ОБСЕ/ОДИХР, во кои редовно позитивно е оценета работата на Агенцијата или Изјавата за прелиминарни наоди и заклучоци на Специјалната мисија за проценка на изборите на ОБСЕ, во која, исто така, се нотирани повреди на изборниот молк на традиционалните медиуми“, посочува АВМУ.
Министерството за информатичко општество вчера, како надлежно министерство за медиумите, преку соопштение соопшти дека не се согласува со прекршочните постапки против двете телевизии, зошто, како што беше наведено, телевизиите на никаков начин не го прекршиле Изборниот законик, со оглед на тоа што министерот Филипче изјавата ја дал во својство на министер и во врска со здравствената криза предизвикана од вирусот Ковид-19.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.

