Македонија
АВМУ: Осуда за нападот на новинарската екипа на ТВ „Алсат-М“

Агенцијата за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги го осудува вчерашниот вербален и физички напад врз снимателот и новинарките на ТВ „Алсат-М“, како и упатените закани кон нив за време на снимањето инсерти во Скопската чаршија.
„Сите видови напади врз медиумските работници се апсолутно неприфатливи и во ниту еден момент нивната безбедност не смее да биде доведена во прашање. Заканите за живот претставуваат сериозно дело и оние што го прекршуваат законот треба да бидат соодветно санкционирани со цел да се превенираат вакви и слични дела во иднина“, велат од АВМУ.
Како и во повеќе наврати досега, Агенцијата посочува дека е неопходно да се овозможат услови за безбедно и професионално извршување на работните задачи на претставниците на медиумите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Пресудата за модуларната болница е срамна и политички мотивирана

ВМРО-ДПМНЕ остро реагираше на судската пресуда за трагедијата во модуларната болница во Тетово, во која во септември 2021 година животите ги загубија 14 лица. Од партијата ја оценија пресудата како срамна и донесена под политички притисок од страна на СДСМ и ДУИ.
Во партиското соопштение се посочува дека казната затвор од една година и шест месеци за поранешните директори на тетовската болница, како и паричната казна од околу 16 илјади евра за Клиничката болница Тетово, не ја одразуваат тежината на трагедијата.
„Оваа пресуда не е во служба на правдата, туку единствено во служба на Венко Филипче и Али Ахмети“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата сметаат дека правосудниот систем е под целосно влијание на владејачките партии, и побараа институциите да поведат постапка за разрешување на сите инволвирани во носењето на одлуката.
„Ги повикуваме надлежните да поведат постапка за разрешување на судиите кои донеле срамна пресуда, како и Управата за јавни приходи да го испита потеклото на имотот на судијата кој ја донесе оваа одлука“, стои во реакцијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ исто така упатија остри зборови кон поранешниот министер за здравство Венко Филипче, за кого тврдат дека „свесно и по налог на Заев, Анѓушев и Ахмети го презел тендерот за изградба на модуларните болници од локалната самоуправа“.
Партијата истакна дека ќе поддржи секоја форма на револт и незадоволство од оваа пресуда и додаде дека „право, правна држава и одговорност мора да има“.
Македонија
Вреди: Ахмети не може да се спаси ни со нови зделки

Коалицијата Вреди жестоко го нападна ДУИ и нејзиниот лидер Али Ахмети, обвинувајќи ги за политички манипулации, корупција и обид за спас преку нови задкулисни зделки. Според Вреди, „времето на Ахмети е завршено, а Албанците веќе не се подготвени да се залажуваат со празни ветувања и темни сценарија“.
Во нивното денешно соопштение, Вреди посочува дека ДУИ се обидува да се одржи на власт по секоја цена, дури и користејќи ги како алатка поединци кои, според нив, го напуштиле патот на промените.
„Ова е уште еден обид на ДУИ да создаде димна завеса и да го одвлече вниманието од сопствениот политички пад. Арбен Таравари денес е дел од таа мизерна шема. Тој не е креатор, туку само алатка на една очајна политика“, велат од Коалицијата Вреди.
Од таму велат дека ДУИ две децении ги држи Албанците како заложници преку „црни листи, уцени и манипулации“, додека политичката моќ на Ахмети била изградена врз страв и закани.
„Албанците веќе препознаваат кој им ја украде надежта и кој патриотизмот го претвори во алиби за корупција. Вреди е тука за да гарантира дека времето на неказнивост ќе заврши. Промената е во тек и нема враќање назад“, велат од коалицијата.
Коалицијата ги повика сите разочарани членови и симпатизери на Алијансата за Албанците да им се придружат во „борбата за достоинство, правда и чесно претставување“.
Македонија
Денес облаци и дожд, утре стабилизација и температури до 26 степени

Во текот на денешниот ден времето во Македонија ќе биде променливо облачно, со повремен локален дожд во западните делови од земјата. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец, а долж Повардарието ветерот ќе биде поизразен.
Во Скопје, времето исто така ќе биде променливо облачно, а попладне во делови од котлината постои можност за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Според најавите од УХМР, утрешниот ден ќе донесе стабилизирање на времето, со сончеви периоди и релативно топло време, проследено со мала до умерена облачност. Сепак, попладне ќе има услови за појава на локален слаб дожд, особено во планинските подрачја.
Ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец, кој ќе биде поизразен во западниот регион. Температурите ќе бидат пријатни, со максимални вредности од 18 до 26 Целзиусови степени.