Македонија
Агелер: Ако тешките одлуки не ги направите до декември, луѓе во Белата куќа ќе прашуваат колку сте посветени за ЕУ
Амбасадорката на САД, Анџела Агелер денес кажа дека е јасна поракатата што ја испрати американскиот сенатор Крис Марфи дека тешките одлуки за напредување во евро-атлантските интеграции треба да се направат до крајот на годинава.
„Ако тешките одлуки за напредување во евро-атлантските интеграции не се направат до крајот на годинава, ќе има луѓе во САД, во Белата куќа, кои ќе се прашуваат колкава е посветеноста на вашата земја во однос на европскиот пат“, рече Агелер и додаде дека нема потреба од толкување на неговата изјава – сенаторот бил јасен.
Агелер заедно со министерката за одбрана Славјанка Петровска беше во Кавадарци на отворениот ден организиран во рамките на вежбата „Брз одговор 23“.
Пред два дена, на заедничка прес конференција со премиерот Димитар Ковачевски, сенаторот Крис Марфи ги нарече технички уставните измени кои треба да се донесат за членство во Европската Унија. Тој од говорницата во Владата по средбата со премиерот Димитар Ковачевски кажа дека САД ќе продолжи да ја поддржува Македонија и во случај да не бидат усвоени уставните измени но нагласи дека таквата одлука ќе ги загрижи членките на НАТО.
Холандскиот амбасадор во земјава, Дирк Јан Коп, денес во интервју за Радио Слободна Европа изјави дека ако Уставот се смени, тогаш втората фаза од преговорите е автоматска и не може да има ново вето. Според него, ако не ги поддржи уставните измени ВМРО-ДПМНЕ ризикува да биде одложено членството во ЕУ за најмалку три до четири години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче ќе го номинира Александар Трајановски за потпретседател на СДСМ, вечерва ќе соопшти и други кадровски промени
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека вечерва ќе се одржи седница на Извршниот одбор на која ќе се разгледуваат повеќе кадровски и политички промени во партијата. Тој посочи дека процесот на внатрешни реформи се одвива постепено и по јасен план.
Филипче откри дека ќе предложи докторот Александар Трајановски да ја преземе функцијата потпретседател на СДСМ.
„Трајановски е човек кој долго време му е посветен на СДСМ, а неговата кампања покажа дека знае да мобилизира поддршка и да привлече внимание. Верувам дека со неговото вклучување ќе добиеме значајно кадровско засилување,“ рече Филипче.
Тој потврди дека на вечерашниот состанок ќе бидат презентирани и други промени, повикувајќи на трпение од членството и симпатизерите додека трае внатрепартискиот процес.
Трајановски беше кандидат на СДСМ за градоначалник на општина Аеродром. Тој е специјализиран ортопед и трауматолог. Дипломирал на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 2006 година. Во 2012 година ја завршил специјализацијата по ортопедија, а во 2019 година и субспецијализацијата по трауматологија. Тој е поранешен директор на Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ).
Трајановски е активен на политичката сцена како член на Извршниот одбор на СДСМ.
Македонија
Мицкоски: Ако може и да не сме Македонци ќе бидеме најдобри, некој ни прави булинг за да не сопре да напредуваме кон ЕУ
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата ќе ги заврши сите обврски поврзани со евроинтеграциите, но дека нема да дозволи булинг врз Македонија во процесот.
„Ние ќе направиме сè што е во нашата моќ да ја завршиме домашната работа, ајде да видиме тогаш што ќе се случи. Пред 8 години, кога менувавме имиња и презимиња, ни велеа дека сме фронт ранери и дека за 3-4 години ќе бидеме во ЕУ. Тие 3-4 години изминаа и и каде сме? Таму каде што бевме пред 25 години,“ изјави Мицкоски.
Тој додаде дека не прифаќа нови притисоци во процесот.
„Ако го смениме Уставот, уште ако може и да не сме Македонци, да сме нешто друго – ќе бидеме најдобри. Токму така како што некој ни прави булинг и сака да ја сопре Македонија да напредува кон ЕУ. Тоа нема да го дозволиме“ рече Мицкоски.
Во однос на црвените линии во спорот со Бугарија, Мицкоски изјави: Подготвени сме да седнеме и да разговараме, ама не е коректно некој да очекува дека оваа влада, додека сум јас премиер наеднаш ќе рече, е добро, ова што досега го зборувавме не важи, сега ќе седнеме и ќе направиме уставни измени. Вакви предавства и капитулации додека сум јас премиер нема да се случат, заклучи премиерот одговарајќи на новинарски прашања.
Македонија
Ако правосудството работи по закон, и мојата плата ќе им ја донирам, рече Мицкоски кој засега не поддржува зголемување на примањата на судиите и обвинителите
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека моралот не му дозволува да се согласи со зголемување на платите во правосудниот сектор, коментирајќи ги шесте предложени реформи во законите од областа на судството и обвинителството. Тој порача дека главната реформа во тие закони е токму зголемувањето на платите, што според него е неприфатливо поради состојбата со буџетот.
Мицкоски наведе дека следната година државата треба да врати над 2 милијарди евра долг, поради задолжувањата од минатото, и дека покрај тоа треба да обезбеди пари за плати, пензии и социјални трошоци.
„Ако некои мислат дека треба да им ги дуплираме платите на судиите и обвинителите – нека кажат. Еве, јас ќе ја донирам мојата плата. Ама да обвинуват и да судат според законите“, изјави премиерот, додавајќи дека нема да поддржи реформи чија суштина е само финансиско зголемување и додаде: „Знам дека ќе ме нападнат, но моралот не ми дозволува да се согласам со тоа“.
Премиерот во таа насока додаде и дека Македонија не може да троши повеќе средства на правосудството отколку најразвиените земји во Европа.
Мицкоски најави и дека Владата до крајот на годината ќе достави измени на Кривичниот законик во Собранието. Ги обвини претходните власти за измените на Кривичниот законик кои, како што рече, овозможиле политичка амнестија.
На новинарско прашање во врска со процесот за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, Мицкоски рече: „Што се однесува до Љупчо Коцевски, почекајте и ќе видите.“

