Македонија
Адвокатите на Груевски го бараат записникот на СЈО за предавање на бомбите од СДСМ
По завршувањето на судската ферија, Никола Груевски, Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, Мартин Протоѓер и другите обвинети во случајот „Титаник“ се вратија на обвинителните клупи во кривичниот суд.
На денешното рочиште 21 обвинет треба во судницата да слушаат над 1.000 бомби од специјалното јавно обвинителство како дел од доказната постапка. На почетокот на главната расправа еден од шесте адвокати на Груевски, Еленко Миланов, рече дека бомбите не се доказ што е предаден до судот во оригинал, туку биле преснимувани. Тој го побара и записникот за предавање на бомбите од СДСМ на СЈО за периодот од 2008 до 2015 година.
Адвокатката на Груевски, Сања Алексиќ, го побара и документот со кој СЈО ги побарало бомбите од СДСМ. Таа рече дека имало во јавноста разни изјави за постоење записник за примопредавање на бомбите. Алексиќ рече и дека некои од бомбите биле објавени пред да бидат изведени како доказ во судот. Боро Тасевски, адвокатот на Груевски, рече дека правото на адвокатите да формираат ефективна одбрана не може целосно да го искористат, без да им бидат достапни сите посочени докази.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре без вода дел од корисниците во Центар
Утре без вода ќе останат дел од корисниците во Општина Центар, информира РЦУК – Скопје.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 09.01.2026 година ( петок ) поради уличен дефект на ул. Васил Ѓорѓов б.б – пред ОУ Киро Глигоров, во периодот од 09.00 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат корисниците од улиците Васил Ѓорѓов, Адам Мицкиевиќ, дел од корисниците од улиците Киро Глигоров и Козара, како и објектот на заводот за физикална медицина и рехабилитација. (општина Центар0“, се наведува во информацијата.
Македонија
Мицкоски му одговори на Филипче: Имаме незрела, безидејна и неодговорна опозиција
Имаме неодговорна, неконструктивна, незрела и безидејна опозиција која се служи со вакви квалификации како што денеска ги слушнавме од господинот Филипче, вели премиерот Христијан Мицкоски, по прес – конференцијата на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој кажа дека нема да има лидерска со криминалци. Според Мицкоски, пораките од опозицијата се збунувачки, затоа што прво тие барале лидерска средба, а сега ја одбиваат.
„Мислев дека со овој повик ќе покажеме зрелост и широчина и на тој начин ќе можеме како политички чинители да се обединиме. Тема на лидерската средба не беше само законот за техничката влада. Ако така незрело и неодговорно се однесуваме како опозицијата, тогаш нам лидерската средба не ни е ниту потребна и можеме со 61 глас да го смениме законот за влада и да ја избришеме техничката влада Но, ние сакавме целиот процес да биде инклузивен“, рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање.
Тој додаде дека на средбата сакале да се зборува и за реформската агенда, за законите од областа на правосудството, јавното обвинителство и други области преку еден инклузивен процес.
„Но, ете, за жал, имаме неодговорна, неконструктивна, незрела и безидејна опозиција која се служи со вакви квалификации како што денеска ги слушнавме на прес – конференцијата на господинот Филипче. Однесувањето на Филипче, очигледно, на ваков тип обраќање на јавноста е составен дел од неговиот менаџерски договор што го има потпишано со СДСМ, договор да се служи со навреди“, рече Мицкоски.
Премиерот кажа дека, сепак, ќе испратат формални покани за средбата која била планирана за 14 јануари.
„Но, тоа е негов избор. Ние, сепак, формално денес или утре ќе ги испратиме поканите за средба. Планирано беше на 14 јануари во Клубот на пратениците да се одржи таа лидерска средба. Пораките се збунувачки, тие бараа лидерска средба, а сега ја одбиваат. Збунувачки и неодговорно е ваквото однесување на опозицијата“, рече Мицкоски.
Македонија
За една недела 1.725 заболени од грип, пикот се очекува на крајот на јануари и почетокот на февруари
Во периодот од 29 декември 2025 година до 4 јануари 2026 година пријавени се 1.725 случаи на грип, што е за 2,2 пати повеќе во споредба со неделата претходно, кога бројката на пријавени случаи изнесувала 771 заболен, информира директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска.
Споредено со истата недела од мината сезона, бројот на заболени од грип е зголемен за 5,2 пати.
Според возраста, најголем дел од заболените лица или 749 се од возрасната група помеѓу 15 и 64 години, потоа 618 се деца на возраст од пет до 14 години, 229 од заболените се деца на возраст од нула до четири години и 129 лица се на возраст над 65 години.
„Согласно овие податоци во Македонија имаме висок интензитет на вирусот на грип со очекување за натамошно зголемување во наредниот период“, рече Андоновска и додаде дека сепак, ваквата ситуација не е нешто ново, имајќи предвид дека се наоѓаме среде период на празници со многу прослави и собири на луѓе, што го зголемува ризикот од трансмисија на вирусот.
Андоновска кажа дека пикот се очекува да биде во втората половина од овој и првата половина од февруари.
„Со враќањето на децата во училиште очекуваме дека и бројот на лица коишто ќе бидат заболени од грип или заболувања слични на грип може да биде зголемен“, рече Андоновска.
Институтот за јавно здравје препорачува оние коишто не се заболени да избегнуваат колку што е можно некакви собири или да престојуваат во простории или трговски центри каде што има голем број на луѓе, да избегнуваат контакт со веќе заболени лица или оние што ќе пројават некакви симптоми на кивање и кашлање. Често да се мијат раце со обичен сапун и вода, да се проветруваат просториите, да се почитуваат здрави животни навики – редовна хидратација со течности односно вода, лесна храна, витамини, минерали.

