Македонија
Адвокати, новинари, економисти и обвинители во трка за антикорупционери

Над 7о пријавени кандидати има на огласот за нови седум членови на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), што значи дека за едно место ќе се тркаат повеќе од 10 луѓе. На огласот, како што дознаваме, пријавени се адвокати, обвинители, ревизори, новинари, економисти, политиколози.
Меѓу нив се и Ангеле Илиевски, адвокат на Зоран Верушевски, кој моментално е член на Советот на јавни обвинители, Горан Митевски – ексдиректорот на УБК, обвинителот од случајот „Пуч“ Златко Биковски, Максим Ацевски, ревизор од Државниот завод за ревизија, поранешниот обвинител Александар Наков. Меѓу пријавените има и двајца новинари, Горан Трпеноски и Џељаљ Незири. На огласот се пријавила и Софка Пејовска-Дојчиновска, поранешен генерален секретар во Антикорупциската комисија, понатаму Маја Малахова, поранешна судијка и претседателка на Државната комисија за жалби по јавни набавки, Злате Димовски од Факултетот за безбедност, Чедомир Дамјановски од Лустрациската комисија, Тања Алтанџиева, поранешна членка на ДИК и многу други.
Новиот Закон за спречување на корупцијата има построги критериуми за избор на седумтемина членови на ДКСК, односно тие не смеат да бидат членови на политички партии ниту, пак, донатори на партија, треба да имаат најмалку шестгодишно искуство во откривање случаи на криминал и корупција, а на конкурсот не смеат да се пријавуваат лица што претходно биле членови на антикорупциската комисија.
Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието формираше седмучлена комисија за селекција на кандидатите која ја сочинуваат Мухамед Зекири од СДСМ, Артан Груби од ДУИ, Зоран Илијоски од ВМРО-ДПМНЕ и Владанка Авировиќ од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ од редовите на пратениците, а како претставници на невладиниот сектор во Советот за соработка на НВО со Владата назначени се Сабина Факиќ и Бесим Небиу. По предлог на Народниот правобранител, член на комисијата ќе биде адвокатот Драги Целевски, поранешен заменик-народен правобранител.
Кога ќе се направи селекција на кандидатите што ги исполнуваат условите, во рок од 5 дена ќе се врши интервјуирање на кандидатите, кое ќе се емитува на собранискиот канал.
Новиот закон им дава и поголеми овластувања на новите антикорупционери. Во него се предвидува тие да имаат директен пристап до банкарските сметки на функционерите, до сметките на политичките партии, како и увид во над 60 дата-бази. За предметите што ќе бидат отворени, новиот закон предвидува рокови за нивно завршување за да не дојде до одолжување на постапките.
Државната комисија за спречување на корупцијата не функционира цела цела година бидејќи 5 члена си дадоа оставки по отворањето на скандалот за исплата на фиктивни патни налози и незаконско трошење на буџетските пари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Доаѓа невреме – силен ветер, пороен дожд и град ќе ја погодат Македонија

Управата за хидрометеоролошки работи информира дека под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса, во понеделник и вторник на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи.
„Процесите ќе бидат поинтензивни особено во текот утрешниот ден кога локално ќе бидат во форма на невреме со пообилен пороен дожд за кратко време (над 15л/м2), силен ветер (над 60км/ч) и изолирана појава на град“, велат од УХМР.
Според најавите, од среда ќе преовладува претежно стабилно и потопло време со пораст на дневната температура.
Во Скопје, утре и во вторник времето ќе биде променливо облачно и нестабилно со пороен дожд и грмежи. Во делови од котлината ќе има појава на невреме со пообилен пороен дожд, силен ветер и изолирана појава на град.
Од УХМР препорачуваат во случај на појава на електрични празнења се препорачува поголема внимателност, да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја.
Македонија
ЦУК: Четири активни пожари во Македонија, 2 под контрола

Центарот за управување со кризи информира дека на територијата на Македонија се евидентирани вкупно 15 пожари на отворен простор, од кои: 4 се активни, 2 се под контрола, а9 се изгаснати.
Активни пожари: 4
1. Општина Чашка – над Богомила (мешана шума)
2. Општина Куманово – с. Слупчане (нискостеблеста шума)
3. Општина Студеничани – с. Дречавица (шумски пожар во планински терен)
4. Општина Македонски Брод – с. Грешница (деградирана нискостеблеста шума)
Под контрола: 2
1. Општина Долнени – с. Стровија, позади место викано Гајдарец-Клепало (нискостеблеста шума)
2. Општина Желино – с. Церово (мешана шума)
Изгаснати се пожарите во Берово, Брвеница, Струмица, Гевгелија, Куманово, Крушево, Долнени, Струга и Студеничани.
Македонија
(Видео) Избувнаа повеќе нови пожари – „Во Македонија има многу граѓани кои не ѝ мислат добро“, вели Михаилов

Попладнево низ повеќе делови од Македонија се појавија нови пожари, откако претпладне беше стабилизирана состојбата на теренот.
Надлежните институции реагираат со интервенции на копно и од воздух.
Информации објави заменик-директорот на ЈП „Национални шуми“, Кире Михаилов.
„Дефинитивно во Македонија има многу граѓани кои не и мислат добро, друго објаснување за ова кое се случува јас немам!
Пожаров кој го гледате е над село Ваксинце, општина Липково и избил пред 30 тина минути, а истиот ветерот многу бргу го шири накај Стража!
Таму се две екипи на ЈП “Македонски Шуми” Куманово и ТППЕ Куманово!
Откако ја стабилизиравме целосно состојбата и со добра координација на Главниот Штаб на Македонија до пладне го решивме и последниот активен пожар кај Долнени, во текот на попладневните часови веќе имаме пријава за неколку нови пожари!
После пладне е пријавен нов пожар во близина на село Богомила, општина Велес каде веднаш од страна на Главниот Штаб беа упатени сили на ЈП “Македонски Шуми” , екипи на МВР и месно население, а таму на помош беше пратен и делуваше од воздух еден хеликоптер.
Во 14 часот, во исто време се појавија два пожари, едниот во близина на село Милетино во општина Брвеница кој по брзата интервенција од копно беше локализиран и пожарот во општина Желино, во близина на село Церово на кој во моментов во координација со Главниот Штаб делуваат копнени сили составени од ТППЕ и ЈП “Македонски Шуми” и двата ЕР Трактори на ДЗС!
Исто така, нашите копнени сили кои сеуште се наоѓаат високо на пожарот во Долнени над селото Стровија попладнево ни пријавија појава на дури четири нови чадења или нови пожари кој во моментов службите ги проверуваат и пристапуваат на гасење на истите!“, напиша Михаилов на ФБ.