Македонија
Адвокатот Миланов бара изземање на Јанева од „Титаник 3“ поради тензиите во СЈО

Адвокатот на обвинетиот Исмет Гури во предметот на СЈО, „Титаник 3“, Еленко Миланов, побара да бидат изземени Катица Јанева и обвинителите Гаврил Бубевски и Фатиме Фетаи зашто, како што рече, биле во директни конфронтации и спротиставености со шефицата на СЈО.
Миланов рече дека за тоа треба да даде мислење Советот на јавните обвинители, а да одлучи Собранието, поради одредбите од Законот за СЈО, во кој единствен потписник на решенијата е Јанева.
Судијката Марија Клетничка му рече да го појасни барањето за изземање и да ги наведе причините поради кои бара изземање. Миланов ги повтори истите ставови и се повика на Законот за кривичната постапка. По ова, судијката даде едночасовна пауза за да одлучи за барањето.
Во третиот „Титаник“ на СЈО обвинети се пратеникот на ДУИ, Ејуп Аљими, и Исмет Гури, заменик-директорот на УЈП Скопје. Како членови на општинската изборна комисија во Чаир на локалните избори во 2013 година уништиле изборен материјал.
Според обвинението, Аљими и Гури влијаеле директно врз изборниот резултат и ја фалсификувале изборната волја на граѓаните на Чаир за да остварат политичка моќ. Првото рочиште за предметот се одржа на 16 март 2018 година.
Досега се сменија две судијки за предметот: Гордана Спиревска и Оља Ристова. Судијката Ристова беше изземена од судењето поради изјава на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која придонела за неосновано медиумско влијание и притисок врз постапката. Јанева јавно рече дека не е задоволна од начинот на кој судијката Ристова ја води постапката.
Пресудата сега треба да ја донесе судијката Марија Клетничка, која го ослободи Драган Павловиќ – Латас од обвинението за бесправното градење на викендичките во Зелениково.
Обвинителот Гаврил Бубевски од СЈО, пак, поднесе кривична пријава за закани кон него против адвокатот на Ејуп Алими, Мефаиљ Арслани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче: Мицкоски е скапо платен спроведувач на интересите на држави кои не ѝ мислат добро на Македонија

За една година ВМРО-ДПМНЕ ја заглави државата на меѓународен план, станавме држава заложник на туѓи интереси, кажа претседателот на Социјалдемокртаскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на вечерашната трибина „Мугра на Слободата“, во Крушево.
Тој рече дека Владата на ВМРО ДПМНЕ од држава со јасна иднина напред, ја направи држава заложник на туѓи интереси.
„За една година ВМРО-ДПМНЕ ја заглави државата на меѓународен план. Од држава со јасна иднина напред, станавме држава заложник на туѓи интереси кои што ја раководат оваа власт преку финансиско заложништво. Мицкоски е скапо платен спроведувач на политики на држави кои не и мислат добро на Македонија, туку ја гледаат само како поле за своите геостратешки интереси“, рече Филипче.
Тој обвини дека Мицкоски со новите задолжувања направил вистинско предавство на интересите на државата.
„Долговите од 7 милијарди евра ќе бидат камен околу вратот за секој млад човек и за развојот на државата во следните 10 години. Ова е вистинско предавство на националните интереси, вистинско предавство на државата“, рече Филипче.
Во обраќањето пред присутните граѓани во Крушево, Филипче рече дека премиерот Мицкоски ја турка Македонија во амбисот на криминалот, корупцијата, самоволието, киднапирајќи ја европската иднина за државата.
Македонија
(Видео) Филипче: Димитриевски му слугувал на Мицкоски за да се спаси од политички прогон

На вечерашната граѓанска трибина „Мугра на слободата“ која се одржа во Крушево, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во своето обраќање рече дека кумановскиот градоначалник Миксим Димитриевски му слугувал на Мицкоски за да се спаси од политички прогон.
„Максим Димитриевски конечно се потврди за што е влезен во коалиција со Мицкоски и која беше неговата цел. Не била само поделбата на СДСМ. Негова цел била да се спаси од правен прогон. Скандалозно е и преседан е во судството на само еден ден од носење на пресуда обвинението против него да се повлекува. И ова е јасен знак дека тој е политички заштитен од Христијан Мицкоски и дека е сега негов вечен должник. Јасно е зошто тројанскиот коњ Димитриевски беше задолжен да го дели СДСМ. Сега повеќе никој не му верува“, рече Филипче.
Оценувајќи ги меѓупартиските релации, тој во своето обраќање партиите ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ ги нарече колаборациоалисти.
„ВМРО-ДПМНЕ и нивниот привезок ЗНАМ се колаборационисти. Со години лажат и шират хистерија дека тие ќе се „бореле со Бугарите“, а впрочем тие се тоа. Нема кој нема бугарски пасош од нив и не е проблем да имаш бугарски пасош, од било која причина – економска, социјална или лична – но лицемерно е да се правиш патриот дека ќе се бориш против „бугарски диктат“ а да имаш фирми во Бугарија, државјанства, и разни други интереси. За нив може ЕУ, за другите не може“, рече Филипче.
Македонија
Мицкоски: Ќе воведеме обврска институциите да одговорат на барањата на граѓаните, задолжително и во најбрз рок

Ќе воведеме обврска институциите да одговорат на барањата на граѓаните, задолжително и во најбрз рок, најави премиерот и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешната трибина во Струмица насловена „Една година ги градиме темелите на македонското земјоделство и храна“.
„Свесен сум дека мора да направиме и многу други работи. И работиме на тоа. Мора да се знае дека граѓаните ќе бидат на прво место. Затоа предвидуваме гаранција за услуга, во рок од 5 дена во сите општини и институции. Тоа нема да биде желба , туку закон. Секој граѓанин ќе добие одговор. Навреме, точно и без чекање. Ќе воведеме нова услуга каде администрацијата, за првпат, ќе биде таа што ќе го бара граѓанинот, а не спротивно. Ставаме крај на молкот, одложувањата и бирократската ароганција. Ќе обезбедиме гарантиран максимум на чекање во институциите. Ќе постојат јасни граници и секое прекршување ќе се казнува. Почит за времето на граѓанинот ќе биде основна вредност на новата јавна администрација. Ќе воведеме Јавна листа со времиња на чекање по сите здравствени установи. Транспарентноста ќе стане стандард, пациентите ќе знаат каде ќе добијат најбрза услуга“, кажа Мицкоски.
Тој истакна дека во образованието ќе се воведе предмет за изучување на вештачката интелигенција.
„Воведување предмет за изучување на вештачка интелигенција во образованието. Нема повеќе да учиме само за минатото, ќе ги подготвиме генерациите за иднината, за новата економија, за дигиталната ера што веќе тропа на вратата. Ова е визијата што ја градиме“, посочи Мицкоски.