Македонија
Адвокатот на Камчев: Ова е срамота, ние ќе го штитиме до крај

Тони Менкиновски, адвокат на Јордан Камчев, по завршување на расправата во судот и одредување на 30-дневниот притвор на неговиот клиент, посочи дека нема докази дека тој ќе избегал.
Менкиновски го претстави Камчев како деловен човек кој во време на пандемија се грижи за здравјето на луѓето и инвестира, а државата му одредува притвор. Адвокатот образложи дека обвинителката Лиле Стефанова која побара притвор, не може да биде обвинител бидејќи против нејзе има кривична пријава за злоупотреба на службена положба и овластување поради тоа што, како што кажа, земала поголема плата и според решение е обвинител во Радовиш, без мандат.
„Има информации дека се подготвува за бегство, тоа треба да го докаже Обвинителството. Нема евидентен доказ дека господин Камчев ќе ја напушти Македонија. Напротив инвестира во ова време на пандемија, во отворање на нови одделенија, вработување на нови доктори, има деловни потфати во Македонија за јавно здравје и здравјето на луѓето, а имате одлука на нашиот суд за 30-дневен притвор. Не ни беа презентирани документите од АНБ, судијата не ни го даде решението туку даде записничарката. Најверојатно му беше срам да не погледне во очи. Ние ќе го штитиме до крај господинот Камчев. Самиот судија е контрадикторен во решението, нема да го учам јас на занает. Тој требаше да ги укине другите мерки и да определи притвор, а тој напиша само дека го уважува предлогот. Решението е донесено врз база на ‘ќе’, ‘ќе избега’, а треба да имате докази“, рече адвокатот Тони Менкиновски.
Тој објасни дека на Камчев, лицата кои го приведувале му кажале дека тој е лишен од слобода поради „изборни измами“, а кога стигнале во судот, им кажале сосема друго.
„Ова е садизам. Судските одлуки се почитуваат, но не значи дека не треба да се толкуваат. Јордан Камчев беше утринава лишен од слобода поради кривично дело изборна измама. А сега, сосема поинакво образложение, од страна на ОЈО-ГОК, на обвинител од Радовиш, кој побара Јордан Камчев поради некаква индиција на БНБ, да му се определи мерка притвор. Сите мерки, во овој предмет кој трае надвор од законскиот рок за истрага, повеќе од 30 месеци без обвинение, сите мерки се исполнети. Се работи за права и слободи и нивно флагрантно кршење од страна на политички актери на дневно-политички цели. Ова е срамота, двата пасоша се во овој суд, мерки за обезбедување од страна на капиталот на господинот Камчев, кој вработува 3.000 луѓе се изречени, истрагата не е завршена, тој сеуште е осомничен – а само по некоја дојава тој доби 30-дневен притвор. Многу ми е жал, но јас се надевам дека за многу брзо дека оваа мерка ќе биде санкционирана од страна на Европскиот суд за човекови права. Не се образложува во образложението која е причината, ниту се даваат објаснувања зошто Камчев треба да оди во притвор“, додаде Менкиновски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.