Македонија
Адеми: ВМРО-ДПМНЕ повеќе од 10 години дијаспората ја третираше како политичка машинерија
ВМРО-ДПМНЕ денескa доживеа чист дебакл на организираната средба со дијаспората, на Фејсбук напиша министерот без ресор, Едмонд Адеми.
Според Адеми, ВМРО-ДПМНЕ имала повеќе 10 години на располагање да покаже конкретни политики со цел интензивирање на соработката помеѓу државата и дијаспората, но, како што вели, наместо тоа, дијаспората од страна на ВМРО-ДПМНЕ била третирана исклучиво како пропагандна и политичка машинерија.
„За жал на ДПМНЕ, а за среќа на државата, нашата дијаспора веќе го препознава тоа. Со празни зборови и ветувања повеќе не се добива довербата на дијаспората. Дијаспората во изминатите две и пол години препозна драстична позитивна промена во процесот на соработка помеѓу државата и дијаспората.
Нашата дијаспора ја препозна силната волја на СДСМ за интензивирање на соработката помеѓу државата и дијаспората. Нашата дијаспора го препозна систематскиот пристап кон дијаспората, преку понуда на конкретни мерки од значење за дијаспората.
Токму затоа, оваа партија во стечај нема повеќе што да бара во дијаспората“ напиша Адеми на Фејсбук.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска присуствуваше и се обрати на конференцијата „Македонската дијаспора-партнер во обновата на Македонија“ што се одржа во хотелот „Стоун Бриџ“. На конференцијата Мицкоски ја истакна важноста на македонската дијаспора како промотор на Реублика Македонија во светот, клучна алка за нашата држава која што е од исклучително значење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.
Македонија
Андоновски учесник на најголемиот светски конгрес за мобилни оператори – MWC26 во Барселона: во фокусот проектот „Роаминг како дома“
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски денеска е во работна посета на Барселона, Шпанија каде учествува на MWC26 (Mobile World Congress) – најголемиот светски настан кој ги обединува креаторите на политики за дигитализација, претставници на телеком операторите и најголемите производители на мобилни уреди и дигитални решенија во светот.
Во рамки на својата посета, министерот се задржа на лобирање за принципот „роаминг како дома“, со цел понатамошно унапредување на условите за граѓаните и бизнисите преку намалување на трошоците за роаминг и приближување кон европските стандарди.
Министерот Андоновски беше дел од GSMA Ministerial Programme, каде се дискутираше за клучни политики и приоритети поврзани со поврзливоста, дигиталната инфраструктура, безбедноста и идните мрежни технологии.
„Ова е најголемиот светски настан кој ги обединува креаторите на политики за дигитализација, претставници на телеком операторите и најголемите производители на мобилни уреди во светот. Заедно со претставници на Влади и претставници на приватниот сектор, разговараме за прашањата кои најмногу ги засегаат нашите граѓани и корисниците, а тоа за нас секако е проектот „Роаминг како дома“ – што значи цени како дома за користење на мобилни услуги, СМС пораки и интернет било каде во Европската Унија. Можам да кажам дека од владите и од нашите меѓународни партнери добиваме голема поддршка за овој проект, но и разбирање од големите телеком оператори“, истакна Андоновски.
Министерот додаде: „Во текот на денот имав можност да се сретнам со мобилни оператори кои се присутни во Македонија, но и со бројни светски производители на опрема, даватели на облак (cloud) услуги, каде што разговаравме за најважните прашања кои во моментов го засегаат секторот на дигитализација: изградба на дата центри, вештачка интелигенција, сајбер безбедност и целосна дигитална трансформација на општеството.“
Македонија
Сиљановска-Давкова со претставници на Фондацијата Роми за Европа и Ромскиот образовен фонд: образованието е клучен фактор на социјалната мобилност
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со Лолита Хасани Грасман, советник за институционална соработка и комуникација во Фондацијата Роми за Европа со седиште во Брисел и Реџепали Чупи, директор на Ромскиот образовен фонд за нашата држава и Србија, со седиште во Букурешт.
На средбата, соговорниците ја информираа претседателката за тековните активности насочени кон развој на вештини, образовни програми, зголемување на можностите за вработување и одржливо економско учество на Ромите.
Гостите изразија желба и надеж за соработка со Владата заради унапредување на економската инклузија на ромската заедница како и нејзино економско зајакнување. Исто така, беше најавено дека Ромскиот образовен фонд планира да отвори ХАБ центар во Шуто Оризари којшто ќе работи со деца, родители и наставници на дигитализација, нови методологии на учење и развој на вештини за идно вработување и лидерство.
Претседателката нагласи дека образованието е клучен фактор на социјалната мобилност, оти помага во градењето самодоверба и лидерство. Според неа, младите образовани Роми стануваат инспиративни модели во заедницата и носители и двигатели на позитивни промени. За неа, инклузијата во предучилишното и основно образование директно влијае врз понатамошниот успех на ромските ученици, бидејќи без квалитетно образование, можностите за пристојно и достоинствено вработување се ограничени.
Таа смета дека пристапот до образованието на децата Роми е приоритет, оти само преку рана и континуирана образовна вклученост, можеме да обезбедиме социјална интеграција, заштита од ризици и еднакви можности за иднината. Според претседателката, економската и образовната интеграција на Ромите е важна за општествениот развој, оценувајќи дека партнерството со меѓународните организации може да придонесе за зајакнување на нивните можности и шанси за долгорочна интеграција. Заедничките иницијативи се клучни за унапредување на положбата на ромската заедница и напредок, смета таа.

