Македонија
АЕК: Не трошиме буџетски пари за пенкалата со циркони

Со извичници, болдирани и потцртани букви, Агенцијата за електронски комуникации денеска одговори на прашањата што вчера ѝ ги постави „Макфакс“ во врска со набавката на репрезентативни материјали во вредност од приближно 24 ијади евра, без вклучен ДДВ.
Од АЕК во пораката со наслов „Одговор и демант!“ пишува дека таа не се финансира со средства од буџетот, туку од сопствени приходи: „Агенцијата за електронски комуникации се финансира од сопствени приходи во согласност со Законот за електронските комуникации, а не од буџетот на државата и дека за секоја набавка што се планира да се спроведе согласност дава Комисијата – орган надлежен за Агенцијата за електронски комуникации!“
Агенцијата објаснува дека набавката на репрезентативен материјал е за 2019 и 2020 година и била спроведувана во изминатите години со мали измени во техничката спецификација.
„Оваа набавка на репрезентативен материјал се однесува за 2019 и 2020 година и е набавка што била планирана и спроведувана и во изминатите години, со мали измени во техничката спецификација. Одделението за јавни набавки во Агенцијата за електронски комуникации е задолжено за спроведување на набавката, како и за сите други планирани набавки, и на најпрофесионален можен начин ја реализира целата постапка до крај“, пишува во одговорот.
АЕК смета дека медиумите презентирале погрешна цена на пенкалата во јавноста. „Во врска со информацијата за набавка на пенкала за кои во медиумите е презентирана погрешна и несоодветна цена, сметаме дека е тенденциозно и несериозно од ваша страна земајќи го предвид фактот што во минатото цената на ваков тип пенкало изнесувала 165 денари со печат на метал, а очекуваме дека и во оваа набавка ќе добиеме понуда со приближно иста цена“.
Од АЕК ги оценуваат информациите за јавната набавка како лажни и невистинити кои го нарушувале угледот на Агенцијата за електронски комуникации, која важела за сериозна институција. Од таму ги замолија медиумите да ги проверат цените во промотивните каталози.
Како што вчера објави „Макфакс“, АЕК во тендер на Бирото за јавни набавки бара роковници со пресувано лого, тефтери со спирала во црвена боја, книжни (бели и црвени) кеси со логото на АЕК, поло-маички, чадори со логото на Агенцијата, елегантни папки со текстилна облога, помошни батерии за полнење, нотеси со елегантна корица со офсет-шамоа хартија со магнет и метална плочка за гравирање. Во огласот се бара и пенкала со светкав столб од циркони.
Агенцијата во тендерот бара и часовници за работна маса, керамички чаши за чај и кафе, слушалки, приврзоци, звучници блутут, држачи за телефони, копчиња за кошула со логото на АЕК, елегантни ролер-пенкала со циркони. Ранците треба да имаат антишок-прегради во внатрешноста за преносен компјутер и таблет, отпорност за сечење и рефлектирачки траки, со приклучоци за мемориски уреди и слушалки. Треба да биде изработен од водоотпорен синтетички материјал или микрофибер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.
Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.
Македонија
(Видео) Според СДСМ, надворешната политика доживува дебакл

Андреј Жерновски од СДСМ, на денешната прес-конференција ја оцени надворешната политика на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ како дебакл без ниту еден успех.
Жерновски изјави дека, по една година владеење, Македонија се соочува со „сериозно влошена меѓународна позиција“, без напредок на европскиот пат, без нови инвестиции и со зголемена царина од страна на САД. Според него, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски не остварил ниту еден договор или резултат на дипломатски план.
СДСМ ја критикува и состојбата со дипломатската мрежа, која, како што рече Жерновски, е „разурната, партизирана и нефункционална“, а Македонија се наоѓа „на периферијата на демократскиот свет“.
Како посебно загрижувачка точка беше истакната и заканата, како што наведуваат од СДСМ, за можно бришење на македонскиот јазик од Извештајот на Европскиот парламент, што партијата го поврзува со актуелната надворешна политика на МНР.
Жерновски рече дека за време на владеењето на СДСМ бил обезбеден македонскиот јазик во официјални документи на ЕУ, вклучително и договорот со ФРОНТЕКС, без фусноти и дополнителни објаснувања.
„Тој успех денес е доведен во прашање поради вазалската политика на Муцунски и неговиот шеф Мицкоски“, рече Жерновски.
На крајот, порача дека СДСМ ќе продолжи да се бори за враќање на Македонија на патот на меѓународни успеси, европска иднина и заштитен идентитет и јазик.