Македонија
АЕК си дозволува луксуз – на тендер бараат пенкала со циркони, елегантни тефтери, копчиња со лого
Агенцијата за електронски комуникации објави тендер на Бирото за јавни набавки со кои за сума од приближно 1,5 милион денари или 24 илјади евра, без вклучен ДДВ, ќе купува репрезентативен материјал.
Роковници со пресувано лого, тефтери со спирала во црвена боја, книжни (бели и црвени) кеси со логото на АЕК, поло-маички, чадори со логото на Агенцијата, елегантни папки со текстилна облога, помошни батерии за полнење, нотеси со елегантна корица со офсет-шамоа хартија со магнет и метална плочка за гравирање. Ова е само дел од наведеното во техничката спецификација за тендерот објавен на 7 март.
Агенцијата во тендерот бара и часовници за работна маса, керамички чаши за чај и кафе, слушалки, приврзоци, звучници блутут, држачи за телефони, копчиња за кошула со логото на АЕК, елегантни ролер-пенкала со циркони. Ранците треба да имаат антишок-прегради во внатрешноста за преносен компјутер и таблет, отпорност за сечење и рефлектирачки траки, со приклучоци за мемориски уреди и слушалки. Треба да биде изработен од водоотпорен синтетички материјал или микрофибер.

Во техничката документација е наведено дека еден тип од ролер-пенкалото треба да е со траг на пишување од 0,5 мм, со тач-механизам, половина од пенкалото да биде со светкав столб од циркони, а половина да е транспарентно со испечатено лого на АЕК во две бои во гифт-футрола изработена од црн сомот.
Речиси во целата техничка документација пишува дека изгледот на материјалите треба да биде елегантен. Количините се различни: oд 50 до 1.000. Една од првите одлуки на новата Влада беа намалените трошоци за репрезентација на ексминистрите. Владата апелира и за кратења на непродуктивните трошоци на институциите.
Лицето задолжено за јавната набавка во АЕК за „Макфакс“ рече дека, освен за процедурата, не може да одговори како се утврдени потребата за набавката и количините наведени во техничката спецификација. Нè пренасочи кај друго лице. Испративме прашања до директорот на АЕК и очекуваме одговор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Изгореа викендица и куќа, се запали оџак: три интервенции на струмичките пожарникари
Струмичките пожарникари денеска уште во раните утрински часови имаа три интервенции.
Во 06.55 часот, во излетничката населба Суви Лаки, запалена викендица, интервенирано со едно противпожарно возило и 4 пожарникари-спасители и ТППЕ Берово со едно противпожарно возило и 4 пожарникари-спасители.
Во 08.12 часот, на улица Бетовенова, запалена куќа, интервенирано со три противпожарни возила и 8 пожарникари-спасители.

Во 09.48 часот, во село Муртино, запален оџак, интервенирано со едно противпожарно возило и 4 пожарникари-спасители.

„Во случај на пожар или друга природна непогода повикај 112 или 193“, апелираат струмичките пожарникари.
Македонија
Хоџа-Јаупај: Јакнење на координираната заштита на прекуграничните подрачја
Во рамки на Министерскиот форум за Коридор 8 во Тирана, министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, се сретна со министерот за животна средина на Албанија, Софјан Јаупај.
Министерот Хоџа на средбата ја истакнал важноста од заедничка координација во заштитата на прекуграничните подрачја и во спроведувањето на европските стандарди за зачувување на биодиверзитетот и справување со климатските предизвици.
Тој нагласил дека регионалната соработка е клучна за обезбедување одржлив развој и за забрзување на европската интеграција на земјите од регионот.
„На средбата се разговараше за зајакнување на соработката меѓу двете земји во областа на заштитата на животната средина, управувањето со природните ресурси, третманот на отпадот, како и за унапредување на заедничките проекти во рамки на европската зелена агенда. Министерот Јаупај изрази подготвеност за продлабочување на институционалното партнерство и за реализација на конкретни иницијативи што ќе придонесат за подобрување на квалитетот на животната средина и животот на граѓаните во двете земји“, соопшти Министерството.
Двајцата министри се согласиле соработката да се интензивира преку размена на искуства, заеднички проекти и координација во регионални и меѓународни форуми, со цел заштита на животната средина и промоција на одржлив развој во регионот.
Македонија
„Парите за боледувања доцнат – дали Клековски манипулира дека се редовни или фондот е празен“, прашува Левица
„Изминатиот период сѐ повеќе граѓани нѐ информираат дека одреден период Фондот за здравствено осигурување не врши навремена исплата на средства кои им следуваат по основ на привремена спреченост за работа поради болест, а кои средства за многумина претставуваат единствен извор на приход во периодот додека се на боледување и им се нужно неопходни“, велат од партијата Левица.
„Пред само два месеци, од страна на Фондот информираа дека исплати од нивна страна се вршат редовно, а денес се поставува прашањето дали директорот Сашо Клековски ја манипулира јавноста за постигнатото на сметка на граѓаните кои се наоѓаат во незавидна позиција, или пак касата на Фондот не располага со доволно средства за навремено сервисирање на обврските?
Правото на надоместок за спреченост од работа поради болест е законско право и не е привилегија, туку основна социјална и работничка гаранција која треба да обезбеди сигурност на работникот во период кога е здравствено ранлив и привремено неспособен за работа, а во време кога инфлацијата расте, а Владата ги занемарува барањата за зголемување на платите, ваквото доцнење претставува дополнителен удар врз работниците и зголемен ризик по нивното здравје.
Затоа, бараме одговори од Фондот, кога ќе ги исплати работниците кои се на боледување, и дали поради неодговорно работење немаат доволно средства за редовно сервисирање на обврските кон граѓаните“, прашуваат од партијата Левица.

