Македонија
Азир Алиу му сврте грб на Таравари, ексминистерот останува со Вреди

Поранешниот министер за информатичко општество, Азир Алиу, соопшти дека останува дел од коалицијата Вреди, нагласувајќи дека борбата против корупцијата и потребата од промени во општеството не смеат да престанат на првата препрека.
„Останувам во Вреди. Излегување од Владата без јасен план може да доведе до рехабилитација на старите структури од ДУИ“, изјавил Алиу, пренесе ТВ Телма.
Во исто време, вицепремиерот Арбен Фетаи објави фотографии од средба со премиерот на Косово, Албин Курти, во Приштина. Таму, заедно со други членови на Алијансата за Албанците, разговарале за регионални прашања и „заедничката визија за напредок“.
Паралелно со овие случувања, лидерот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, пред два дена поднесе оставка од функцијата министер за здравство. Тој најави дека неговата партија ја напушта Владата и коалицијата Вреди, со образложение дека не сакаат да бидат „декор“ во извршната власт.
„Ќе се мобилизираме за претстојните локални избори во октомври“, изјави Таравари.
Во однос на политичката стабилност, првиот вицепремиер Изет Меџити порача дека Владата останува цврста, и најави почеток на разговори со пратеници од опозицискиот блок „Европски фронт“ со цел да се обезбеди парламентарно мнозинство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без вода дел од скопски Карпош

ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска ( четврток) поради изведување на водоводен приклучок од ф – 100 мм на ул. Осло бр. 15б, во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата, без вода ќе останат корисниците од ул. Осло. ( општина Карпош )
Македонија
Катерина Мирчовска именувана за нова директорка на болницата во Кочани

Катерина Мирчовска е именувана за нова директорка на болницата во Кочани, објави директорот на ФЗОМ, Сашо Клековски.
„Силно лидерство за болницата во Кочани!
Вчера за директорка на Општата болница Кочани е именувана Катерина Мирчовска, хирург. Веста помина штуро, со појаснување дека тоа е на барање на повредените од трагедијата за Кочани.
Катерина ја запознав низ работата за повредените од трагедијата во Кочани. Импресионира на прв впечаток. Полна со енергија, посветена, професионална, со големо срце, ги знае во детали сите најразлични потреби на повредените. Катерина се откажа од својот трансфер во ГОБ 8 септември Скопје за да се посвети на повредените“, објави Клековски на „Фејсбук“.
Тој додава дека Катерина е најдобар можен избор за водење на болницата во периодот на опоравување на повредените и ветува силно лидерство за болницата во овој критичен период.
Македонија
Меџити во Украина: Силно ја осудуваме руската агресија и бараме итно запирање на војната

Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија, Изет Меџити, денес учествуваше на Самитот „Украина – Југоисточна Европа“ што се одржа во Одеса, Украина.
Самитот, кој беше отворен од претседателот на Украина, Володимир Зеленски, претставува продолжение на претходните средби одржани во Атина, Тирана и Дубровник, со учество на високи претставници од земјите на Југоисточна Европа. Главната цел на самитот е поддршка за Украина и зајакнување на регионалната соработка и безбедноста.
Во своето обраќање, вицепремиерот Меџити изрази благодарност за гостопримството на украинските власти и ја реафирмираше непоколебливата поддршка од страна на Северна Македонија за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.
„Обединети сме пред предизвиците кои го загрозуваат мирот, безбедноста и меѓународниот поредок. Силно ја осудуваме руската агресија и бараме итно запирање на војната“, – истакна тој.
Вицепремиерот Меџити ја нагласи и посветеноста на земјата за продлабочена регионална соработка и изградба на безбедна, мирољубива и демократска Европа.