Македонија
Алиу – Ле Риголер: потенцирани дигиталната трансформација, зголемената транспарентност и подобрената достапност на здравствените услуги

Министерот за здравство Азир Алиу денес се сретна со амбасадорот на Република Франција, Кристоф Ле Риголер.
На средбата се разговараше за унапредување на билатералната соработка во областа на здравството, со акцент на можностите за размена на искуства и добри практики во процесите на дигитализација на здравствениот систем, зајакнување на кадровските капацитети и спроведување заеднички иницијативи за јавно здравје.
Алиу ја истакна заложбата на Министерството за градење модерен, праведен и ефикасен здравствен систем, при што ги потенцира реформските насоки насочени кон дигитална трансформација, зголемена транспарентност и подобрена достапност на здравствените услуги.
Двајцата соговорници ја нагласија важноста на француско-македонските односи и изразија подготвеност за интензивирање на соработката, вклучително и преку конкретни проекти во интерес на пациентите и здравствените работници во земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Почна изградбата на гасоводниот интерконектор со Грција, Македонија станува значајна енергетска крстосница во регионот

За разлика од минатите 7 години на нестручно и недомаќинско владеење на СДС и ДУИ со енергетскиот сектор кој доведе до девастација на електро енергетските капацитети и неколку кратно зголемување на сметките за електрична и топлинска енергија на граѓаните сега се поставени темелите за енергетска стабилност и независност, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Почна изградбата на гасоводниот интерконектор со Грција. Се градат 66,6 километри гасовод на македонска страна. Почетниот капацитет на гас е 1,5 милијарди кубни метри со потенцијал да се зголеми на 3 милијарди кубни метри. Вредноста на проектот е 60 милиони евра.
Проектот го реализира домашната компанија, времето на изградба на проектот е планирано да заврши за 22 месеца, а интерконекторот да биде готов во 2027 година“.
Според партијата на власт, изградбата на гасоводот е капитална инвестиција за државата но преку реализацијата на гасоводот се поврзуваме и со останатите земји во регионот и Македонија станува значајна енергетска крстосница, а конкретни придобивки освен регионот ќе имаат и македонските граѓани и компании.
Со овој интерконектор, како што појаснуваат, ќе имаме стабилно снабдување, но и пониски цени за граѓаните.
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, додаваат, има јасен план и стратегија за енергетскиот сектор во служба на Македонија и граѓаните.
Македонија
„Вчера кога две лица ги загубија животите во пожарите, Мицкоски реши да си држи партиски трибини“, велат од СДСМ

„Мицкоски секојдневно потврдува дека не го интересира здравјето и безбедноста на граѓаните, го интересира само партијата и бесполезните партиски трибини“, велат од СДСМ.
„На вчерашниот црн ден во кој две лица ги загубија животите во пожарите, а институциите целосно потфрлија во управување со кризата, Мицкоски реши да си држи партиски трибини наместо да ја мобилизира целата влада за справување со кризата.
Минатата година, во која изгореа 10% од државата, Мицкоски одеше и сечеше ленти на проекти на СДСМ, а сега ја тера партиската агенда додека неговите институции целосно потфрлаат и граѓаните се оставени сами на себе.
Неговата единствена цел е да прикаже дека сè е во ред со државата, а граѓаните гледаат дека состојбата е целосно излезена од контрола.
ВМРО-ДПМНЕ било и секогаш ќе биде заинтересирано само за власта, за партијата, а никогаш за граѓаните и нивните потреби. Секогаш сопствените интереси пред државните и секогаш личниот рејтинг пред одговорното управување со институциите“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Македонија
Поради реконструкција, времен сообраќаен режим на улицата „Панде Кајзерот“

Од утре започнува реализацијата на проектот за реконструкција на канализациона мрежа и реконструкција на коловоз на “улицата „Панде Кајзерот, во должина од 390 метри.
За време на градежните активности сообраќајот на оваа улица ќе се одвива согласно одобрен основен сообраќаен проект за времена измена на режим на сообраќај.