Македонија
Алијансата за Албанците: Како ДУИ го користеше и како го купи објектот кај „Телеком“!?
Аднан Незири од Алијансата за Албанците на прес-конференција рече дека Демократската унија за интеграција купила зграда во градот, и тоа, според него, отвора сомнежи и потреба Обвинителството да поведе истрага.
„Се наоѓаме пред зградата што неодамна ја купи Демократската унија за интеграција, со што стана една од најпрофитабилните партии или единствена во време кога граѓаните и многу компании се соочуваат со тешка економска криза. Набавката на зградата на три ката и со површина од 1.400 квадратни метри отвора многу сериозни сомнежи, кои претставуваат предмети за работа на истрагата и Обвинителството.
Медиумските истражувања дознаваат дека овој објект бил во сопственост на приватна фирма, која потоа го продала на втора фирма за на крајот да го купи ДУИ“, истакна Незири.
Од компанијата, како што информира, велеле дека зградата не била изнајмена, а сите тетовци, како што рече, се сведоци дека со години таму останува натписот на Унијата на младите на ДУИ.
„Прашуваме врз која основа ДУИ го користела овој објект во изминатиот период. Фирмата што првично беше сопственик на овој објект е позната како една од најпрофитабилните компании која добила многу тендери од институции раководени од функционери на ДУИ. Од оваа партија рекоа дека за купување на објектот добиле кредит од 900.000 евра, кој ќе го вратат за 7 години. Тоа значи дека ДУИ ќе треба да враќа 128 илјади евра годишно не сметајќи ја тука каматата. Од каде ќе ги добие ДУИ овие пари, од каде се сигурни дека ќе ги обезбеди“, прашува Незири.
„Исто така, сакаме да ја информираме јавноста дека случајно, остатокот или поголемиот дел од овој гигантски објект е во сопственост на ‘Македонска пошта’ и компанијата ‘Телеком’, која во Македонија влезе како инвестиција на компанијата ‘Маѓар телеком’. Каква случајност!?“, потенцира Незири.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и релативно топло, максималната температура до 20 степени
Сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 14 до 20 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 19 степени.
Времето во наредните денови
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност. Во утринските часови по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла. Во четврток се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, особено во попладневните часови и во текот на ноќта.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.

