Македонија
Алијансата за Албанците: Условите на опозицијата се конфузни, прво усвојување на уставните измени, а потоа отворање на преговорите
Размената меѓу двете најголеми македонски партии со понуди и контрапонуди за гласање на уставните промени директно влијаат и на интересот на Албанците. Алијансата за Албанците внимателно ја анализира новонастанатата состојба и до крајот на неделата ќе одржиме состанок на раководството на партијата, од каде што ќе излеземе со усогласен став во партиските органи, истакнуваат од оваа партија.
Истакнуваат дека имаат три пораки.
„Прво, иако нивните услови се конфузни и надвор од реалноста, ја поздравуваме новата волја на ВМРО-ДПМНЕ да гласа за уставните измени. Како што сите знаеме, нашата преговарачка рамка одобрена од 27-те земји членки на ЕУ експлицитно го условува отворањето на преговорите со усвојување на уставните измени. Значи, првин усвојување на уставните измени, а потоа отворање на преговорите. Затоа, оценувам дека условот на македонската опозиција за суспензивни уставни измени е едноставно неостварлив бидејќи е во спротивност со преговарачката рамка на ЕУ. Уставните измени треба стапат во сила најдоцна до моментот на одржување на втората меѓувладина конференција.
Второ, во однос на условот на ВМРО-ДПМНЕ за излез на албанските партии од владата, сакам да нагласам дека нас нè интересираат завршувањето на европскиот процес и перспективата на граѓаните, а не изборните калкулации. Алијансата за Албанците реши да влезе во владата заради процесот, но ќе се адаптира во зависност од новите околности, дали во владата или надвор од неа. За нас, важно е само завршувањето на процесот и ќе дадеме свој придонес, без услови и без уцени.
И, трето, ние како Алијанса за Албанците, ќе продолжиме да го туркаме напред нашето барање за отстранување на тие 20 проценти, кои го негираат албанскиот идентитет и воведување на албанскиот јазик во Уставот на земјата.
Ценам и верувам дека сега е моментот да се направи оваа промена“, велат од Алијансата за Албанците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.

