Македонија
(Видео) Амди Бајрам за ВМРО-ДПМНЕ: Магарето застанало на улица, па мораш малку да го боцкаш за да шета

Претседателот на Сојузот на Ромите, Амди Бајрам, ги повика ромските гласачи да излезат и да гласаат „за“ референдумот. „Да излеземе на тој ден што порано и што помасовно за референдумот да биде успешен“, порача Бајрам.
Според него, иако има партии што нема да го поддржат референдумот, народот и членовите на тие партии скришум ќе гласаат. Референдумот треба да успее, треба да се гласа, порача тој.
„Ромите во Македонија и за време на првиот референдум за самостојност на државата гласаа во најголем дел. Ромите во Македонија ги имаат сите права, тие се во преамбулата и во Уставот и ѝ се лојални на државата. Кога треба да се донесе некој закон, ние сме тука. Лојални политичари сме, секогаш застануваме на страната на државата. Секогаш даваме сè што можеме“, рече Бајрам.
Тој информира дека претседателството на Сојузот на Ромите заседавало и одлучило да го поддржи референдумот. „Ќе гласаме ‘за’. Тоа ‘за’ е за граѓаните, за македонските граѓани. Во тоа гледам ангажираност, едногласна одлука за работа. Сите Роми работиме заедно бидејќи се работи за сите нас, за НАТО и за стабилна држава, за да влеземе во ЕУ. Да излеземе што порано и помасовно тој ден за референдумот да биде успешен“, рече Амди Бајрам.
Запрашан за ставовите на опозицијата за претстојниот референдум за името, кој треба да се одржи на 30 септември, Амди Бајрам вели: „Јас не би ја коментирал ВМРО-ДПМНЕ, ама мислам дека при крајот ќе надвладее разумот кај челниците на оваа партија. Се работи за Република Македонија. Ние немаме друга држава. Цело време се работи на интеграцијата во НАТО и ЕУ. Знаете, магарето застанало на улица и не сака да шета, па мора малку да го боцкаш. Не е во ред да го бојкотираат референдумот, нека дадат повик да се гласа ‘за’ или ‘против’“, истакна тој.
Бајрам рече дека Сојузот на Ромите е веќе на терен. Тој очекува 47 илјади гласа „за“. Амди Бајрам апелира до политичите партии, невладините организации, сите да размислат за внуците и поколенијата, и да гласаат „за“ за Република Македонија да влезе во ЕУ и НАТО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Бектеши објави кои маркети се затворени оти не ги намалиле цените

Министерот за економија Крешник Бектеши рече дека во скопскиот регион се затворени маркети на „Веро“ и „Вива фреш“ поради непочитување на владините мерки за намалување на цените на прехранбените производи.
„Не верувам дека не се објавени ланците на супермаркети кои го прекршиле законот. Им дадовме одреден рок да се усогласат мерките. Во скопскиот регион се „Веро“ и „Вива Фреш“. Осум до десет ланци супермаркети имаат маркети во секој град. И вие медиумите треба да ги објавите маркетите кои го прекршиле ова, но сигурно ургираат кај вас затоа што се рекламираат. Јас немам проблем да ги кажам. Граѓаните да бидат спокојни, овие мерки ќе бидат спроведени во целост“ рече Бектеши. по посетата на компанијата „Алма-М“.
Во саботата, според директорот на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски, биле извршени над 50 контроли при што затворени се пет големи ланци на маркети по основ на Законот за потрошувачи, односно по основ на нечесни трговски пратки, а седум маркети се казнети поради непочитување на владината одлука.
Македонија
Вицепремиерката Грковска во работна посета на Словенија

Заменичката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, од денеска до 27 септември 2023 година ќе биде во работна посета на Република Словенија.
Во рамки на оваа посета таа ќе оствари средби со словенечката министерка за дигитална трансформација, Емилија Стојменова Дух, со министерката за правда на Република Словенија, Доминика Шварц Пипан, како и со потпретседателката на Судскиот совет д-р Уршка Кежмах.
Исто така, вицепремиерката Грковска вечерва ќе присуствува на приемот организиран од Амбасадата на Република Северна Македонија во Словенија по повод 30 годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете земји и отворањето на амбасадата во Љубљана, која беше првото дипломатско претставништво отворено по прогласувањето на независноста на нашата држава.
Македонија
Петровска до командантот на Националната гарда на Вермонт: Македонија е ваш сојузник на кој можете да се потпрете

Министерката за одбрана Славјанка Петровска во Министерството го пречека командантот на Националната гарда на Вермонт, генерал-мајор Грегори Најт со кого разговараше за три-децениското партнерство помеѓу Армијата и Националната гарда и начините за нејзино уште поголемо интензивирање во иднина.
На прес-конференцијата со генералот Најт, министерката истакна дека Северна Македонија е сојузник на кој Вермонт може да се потпре и дека преку партнерството и двете вооружени сили станаа еден тим способен да одговори на сите предизвици.
„Нема посилен и појасен приказ за нашето заедништво од тоа што го покажаа нашите припадници во наменските сили Феникс во Авганистан во 2010 година, кога функционираа како едно, една Армија. Нема поголем доказ за нашата блискост од континуираните вежби и обуки од кои придобивка имаат и Армијата и Националната гарда на Вермонт. Нема поголем израз на волја за да продолжиме на овој пат кон уште поголема интероперабилност, од нашите постојани контакти и средби на највисоко ниво од кои произлегуваат одлични идеи кои ги реализираме во целост“ рече Петровска.
Министерката Петровска се осврна и на големиот број заеднички вежби чиј интензитет ќе се зголеми во иднина.
„Зад нас се неколку големи вежби кои беа навистина успешни, а веќе сме во фаза на планирање на следните заеднички вежби, кои ќе бидат уште поголеми и позначајни за нашиот заеднички развој. Северна Македонија е подготвена со задоволство позитивно да одговори на интересот за заеднички активности со партнерските земји на Вермонт, Австрија и Сенегал, со што нашето пријателство ќе се прошири и продлабочи“, подвлече министерката.