Македонија
Заменик-директорот на „Македонијапат“, Сашо Дранго, се пофали дека застрелал мечка, „Анима мунди“ бара негово разрешување и најави кривична

„Заменик-директорот на ‘Македонијапат’ и претседател на Унијата на ветераните во Демир Хисар, Сашо Дранго, гордо се фотографира со мечка, што ја застрелал во декември 2024 година“, објави „Анима мунди“.
Мечката е класифицирана како дивеч под заштита, што значи дека нејзиното ловење, прогонување или вознемирување е строго забрането.
Фотографиите до кои дојде „Анима мунди“ покажуваат дека Дранго, откога ја убил мечката, ладнокрвно позира со неа како да е трофеј, што само го отсликува неговото умоболно хоби за што говорат и неговите фотографии од убиени разни диви животни на социјалните мрежи.
Станува збор за човек, втор во хиерархијата во јавното претпријатие, кој треба да биде пример за почитување на законите, а не сторител на кривични дела.
Оттаму, се отвора прашањето дали Дангов е недопирлив за правдата само затоа што е политичар и колку пати го има извршено овој монструозен чин?
Според член 11 од Законот за дивечот и ловството, мечката е класифицирана како дивеч под заштита, што значи дека нејзиното ловење, прогонување или вознемирување е строго забрането.
Дополнително, член 14 од овој закон предвидува дека ловењето мечки е трајно забрането, без исклучоци. Според член 228 од Кривичниот законик, ловењето дивеч под заштита, како мечката, е казниво со затворска казна од една до пет години.
Потенцираме дека цивилизиран човек е само оној што има почит кон сите живи битија, а не оној што ги деградира нивните живеалишта, им упаѓа во животната и природна територија и вооружен до заби убива“, соопштуваат од „Анима мунди“ и додаваат дека ќе поднесат кривична пријава против Дранго.
„Очекуваме негово разрешување од функцијата бидејќи вршителите на јавни функции треба да бидат синоним за одговорност, отчетност и почитување на законите наместо со пушки в рака да убиваат заштитени видови животни и притоа да не одговараат. Бараме законот да важи за сите и за овој злочин против природата, во кој животот го загуби едно скапоцено животно, да следува највисоката казна предвидена со законот“, се вели во соопштението на „Анима мунди“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Граѓаните плаќаат за чиста средина, а не за депонии и ѓубришта: Митески најави кривична против ЈП „Комунална хигиена“доколку не реагира за отпадот

Комуналните служби на Општина Аеродром само денеска собраа над 10 тони отпад (50м3) кои завршија во „Дрисла“, соопшти в.д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески.
„Ова не е еднократна акција – ова е наша секојдневна работа. Нашите општински служби се на терен, додека Градското комунално претпријатие кое треба да ја изврши оваа работа, е неажурно и немо. Доста е“.
Граѓаните, додава тој, плаќаат за чиста и уредна средина, а не за депонии и ѓубришта. Напоменува дека никој нема право да го загрозува здравјето и иднината на децата.
„Од утре продолжуваме уште поинтензивно.
Ако нема веднаш реакција од ЈП „Комунална хигиена“, како градоначалник ќе поднесам кривична пријава за загрозување на животната средина согласно член 218 од Кривичниот законик, и секојдневно ќе барам постапување од Обвинителството и МВР“, објави Митески.
Ова, како што истакна, не е политика, туку прашање на достоинство, здравје и иднина.
Македонија
Мицкоски: Народот е обединет и сплотен, не очекува убедлива победа за подобро и поубаво Сопиште

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски денеска присуствуваше на промоцијата на кандидатурата на Јане Мицевски за градоначалник на Општина Сопиште, како и на кандидатите за советници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
„Народот е обединет и сплотен, не очекува убедлива победа за подобро и поубаво Сопиште.
Ветуваме реализација на многу проекти кои ќе ја подобрат инфраструктурата, ќе создадат нови можности за младите и ќе придонесат за економски развој и модернизација на општината. Заедно, со посветеност и транспарентност, ќе изградиме Сопиште какво што сите го посакуваме.
Јане Мицевски е вистинскиот избор за Сопиште“, објави Мицкоски.
Македонија
Николоски во Атина: во фокусот економската соработка меѓу двете земји и подобро регионално поврзување

Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски од денеска е во дводневна работна посета на Атина, каде ќе оствари работни средби со високи претставници на Владата на Грција.
Во рамки на посетата, планирана е средба со вицепремиерот Костис Катзидакис, министерот за инфраструктура и транспорт Христос Димас, како и со алтернативниот министер за инфраструктура и член на Парламентот, Константинос Киранакис.
Исто така предвидена е средба и со менаџментот на пристаништето Пиреа.
На средбите предвидено е да се разговара за економската соработка меѓу двете земји, како и за подобро регионално поврзување.
Ќе се разговара и за изградбата на брзата пруга на коридорот 10, што многу ќе приоднесе за развој на трговијата и размената меѓу двете држави, а ќе преставува и главен крвоток за поврзување на грчките пристаништа со Централна Европа.
Во рамки на средбите планирано е да се отворат теми за унапредување на сообраќајот на Коридор 10 и 10 -д, зголемување на ефикасноста во патниот и железничкиот транспорт, за промовирање на ависообраќајот, како и унапредување на регионалната соработка.