Македонија
Сопствениците на медиуми незаинтересирани да зборуваат за работничките права

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници во јуни спроведе анкета меѓу вработените во медиумите за работните услови, платите и влијанието на корона-пандемијата врз нивната работа.
Клучните наоди од одговорите на вработените беа дека новинарите и медиумските работници имаат плата далеку под државниот просек, а дополнително се загрижени од неизвесноста за задржување на работното место и висината на приходите поради Ковид-19. Во двете анкети беа вклучени 150 новинари и медумски работници.
ССНМ направи и трета анкета меѓу сопствениците на медиумите. Беа испратени анкетни прашалници на 50 сопственици, но на прашањата одговорија само 5 .
„Да напоменеме дека анкетниот прашалник им беше доставен на газдите двапати, но тие не сметаа дека е неопходно да одговорат на прашања за работничките права и обврски во нивните медиуми. Ова е прва анкета во која беа прашани сопствениците на медиумите за статусот на вработените и влијанието на корона-вирусот врз нивните организации.
Фактот што само пет од педесет испитаници одговориле на анкетата доведува до неможност за донесување релевантен заклучок за тоа како сопствениците на медиумите се справуваат со влијанието на пандемијата врз нивните вработени и медиумот воопшто. Наспроти тоа се донесува заклучокот дека сопствениците на медиуми не се засегнати, ниту отворени за давање одговори на тема која ја отсликува состојбата во новинарството и работничките права на вработените во медиуми во земјава во време на пандемијата со Ковид-19“, велат од ССНМ.
Финансиски проблеми има, но нема отпуштања од работа
Од добиените одговори едниот од испитаниците – сопственик на телевизија и двајца сопственици на електронски медиуми велат дека имаат финансиски загуби за време на пандемијата со Ковид-19, која најмногу влијаела на пад на рекламите. Сепак, овие сопственици велат дека не ги намалиле платите на вработените во кризните месеци, а нема ниту до крајот на годината . Во нивните медиуми нема отпуштања поради корона-кризата.
Од друга страна, двајца сопственици на електронски медиуми не претрпеле финансиски загуби за време на пандемијата со Ковид-19, последователно на тоа не ги намалиле ни платите, ниту, пак, имале отпуштања на вработени.
Сопствениците загрижени за безбедноста на вработените за време на пандемијата со Ковид-19
Сопствениците на петте медиуми велат дека навремено набавиле заштитна опрема за вработените, што е спротивно на тврдењата на голем дел од вработените 22 % кои одговориле дека во медиумите каишто работат не биле набавени заштитни средства .
На прашањето „Што имате направено за да ја зголемите безбедноста на работното место?“, тројца сопственици на електронски медиуми одговориле „Работа од дома“, еден сопственик на електронски медиум одговорил „Работа во смени“, а сопственикот на телевизија одговорил „Работа во повеќе групи“.
Петте испитаници кои одговориле на анкетата се на возраст од 41 до 58 години, четворица од нив се мажи и една жена . Еден од нив е сопственик на телевизија, останатите се сопственици на електронски медиуми, сите се со завршено високо образование
Синдикално организирање во медиумите е проблем за некои од сопствениците на медиуми
На прашањето дали во нивната редакција постои синдикална организација, потврден одговор дале само двајца сопственици на интернет-портали. Додека синдикално организирање нема во телевизијата и во два електронски портали, а на дополнителното прашање зошто нема, сопственикот на телевизија одговорил „не знам“, еден сопственик на електронскиот портал одговорил „премногу мала редакција“, еден испитаник не дал одговор .
На прашањето „Дали би им правеле проблеми на вработените доколку синдикално се организираат“, еден од сопствениците на електронски медиуми одговорил со „ДА“. Останатите четворица испитаници се изјасниле дека не би им правеле проблем на вработените доколку синдикално се организираат .
Клучни заклучоци од анкетите
Според анкетите кои беа направени меѓу 150 новинарите и медиумски работници, најголемиот дел од нив зема плата од 15.000 до 20.000 денари. Дури 101 или 67% од испитаниците одговориле дека не се задоволни со платата или хонорарот, а 49 или 33% одговориле дека се задоволни .
Медиумскиот бизнис дополнително е на удар од корона-кризата, а тоа се одрази и на губењето на работно место и намалување на платите. Четворица останале без работа, а седумнаесет проценти од медиумските работници одговориле дека им била намалена платата.
„Ова истражување покажа дека медиумските работници се на првата линија до опасноста од корона-пандемијата, но и на директен финансиски удар. Потребата од помош е повеќе од очигледна, ако се земат предвид одговорите на испитанците. Седумдесет и три проценти одговориле дека им е потребна финансиска помош. Меѓу медиумските работници владее страв и паника, па така 48 одговориле дека им е потребна психолошка поддршка. Тука особено е значајно да се напомене дека 62% од анкетираните потврдуваат дека овој начин на живот и работа влијаат врз нивното ментално здравје“, заклучува ССНМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ахмети: Заедно во НАТО, заедно и во ЕУ

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети заедно со соработниците вечерва се сретна со жени од Тетово во организација на Унијататa на жени на ДУИ од тој град.
Покрај Ахмети, обраќање имаа и потпретседателката на ДУИ, Арбана Пашоли, генералниот секретар Фатон Ахмети, пратеничките Рина Ајдари и Фиснике Бектеши-Шаќири, како и претседателката на Унијата на жени во Тетово, Мерита Мустафаи.
„Јас сум на мислење дека мажите и жените заедно се избориле за да има мир, затоа застапеноста на жените треба да биде што поголема и да не се базира само на тие пропорционални поделби што се напишани. Многу теории се напишани и кажани, како нпр. на Чубриловиќ, кои велеа дека треба да се убиваат мајки Албанки, а не само синови и сопрузи, затоа што овие мајки родиле херои кои биле причина за неуспехот на нашите освојувачи. Поминавме низ различни режими, од она што албанската жена останува во темница, многу зборови од типот: Не ги воспитувајте оти излегува од иманот(вербата), убивајте жени и многу слични работи, па нашата нација доживеа безмилосни режими на нејзините раменици. Значи, мажите и жените рамо до рамо, имаме обврска да работиме и да се бориме за жените со еднакви права како што ви одговара. Не водиме кампања, но немањето средби е забележано уште од времето на пандемијата, па се враќаме на традиционалните средби“ рече Ахмети.
Тој напомена дека „се наоѓаме во ситуација кога се бара решение, како што имавме проблем со името, сега имаме и со уставните измени, така и општеството на нашите сограѓани стана многу политизирано. Македонските публицисти пишуваат писма како да не сум за поддршка на моите сограѓани“.
„Грешат, затоа што јас ги поддржував и ги поддржувам, затоа што во НАТО не сме поделени туку заедно, во ЕУ ќе бидеме заедно, затоа мора заедно да ги решаваме проблемите. Имам разговарано и за историските проблеми со нашите политички партии, кажав да размислите и да направите научна проценка на состојбите, бидејќи ништо не се изгуби ниту од Охридскиот договор, ниту од Договорот од Преспа, напротив, добивме членство во НАТО, значи со договорот со Бугарија ништо не губиме, напротив го легитимираме идентитетот на нашите сограѓани. Со членството во ЕУ победуваме, бидејќи создаваме услови да ја запреме миграцијата и да ги вратиме нашите луѓе кои заминаа. Досега одржавме многу средби во рамките на оваа агенда, дадовме и добивме мислења од многу луѓе, но можам да кажам дека направивме многу голема работа, бидејќи денес имате Албанци на водечки позиции, на позиции со целосна одговорност“ рече лидерот на ДУИ.
Потпретседателка на партијата, Пашоли напомена дека „професионалното усовршување бара максимална посветеност, ние сме жени, сестри и пријатели, но сме и глава на семејства и професионалци во нашите професии. Ние сме во состојба да им дадеме пример на помладите генерации. Првите модели од кои се школува една девојка се најблиските жени во семејството, соработничките и пријателите, затоа верувам дека секој наш успех не е случаен, бидејќи тоа е влијанието на секоја жена во нашите животи“.
Македонија
Димитриевски со српскиот министер за одбрана Вучевиќ на одбележување на Свети Сава во училиште во Кумановско

Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски во рамки на одбележувањето на Денот на Свети Сава, националниот празник на Србите кои живеат во Македонија, денеска во ООУ „Карпош“ – с. Умин Дол, беше домаќин на високи државни претставници од Република Србија, потпретседателот на Влада и министер за одбрана на Република Србија, Милош Вучевиќ со неговата делегација и амбасадор на Република Србија, Н.Е. Невена Јовановиќ.
Учениците заедно со своите наставници приредија пригодна културно – уметничка програма во духот на православниот просветител и закрилник на српскиот народ, Св.Сава, пред гостите од соседна Србија.
На задоволство на учениците и нивните наставници гостите присуствуваа на наставен час, каде низ дружење и разговор се запознаа со начинот на изведување на наставата на српски јазик и условите во училиштето кое што беше целосно реконструирано.
Македонија
(Видео) Премиерот на Апасиев му читаше дефиниција за параноја, лидерот на Левица возврати со цитат од филозоф

Премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на прашање од пратеникот Димитар Апасиев му цитираше дефиниција од „Википедија“ за тоа што е паранонија.
Апасиев пак му возврати со цитат од антички филозоф и му се заблагодари за дијагнозата која му ја дал. Ова дојде откако Апасиев упати прашање до премиерот:
„Дали Македонија односно безбедносните служби го користат шпионскиот софтвер ‘пегасус’ кој од неодамна има извештај во ЕУ дека го користеле 14 земји членки и кој што се користи за компромитирање на политички неистомисленици – се влегува во нивните мобилни телефони, лаптопи, се вадат материјали, потоа се следат новинари, судии, обвинители, се компормитираат за да преземат или непреземат одредени дејствија?“.
На ова, одговор даде премиерот Ковачевски кој рече:
„Лично нешто што сакам да ви кажам, во ваш стил, а тоа е дека: Паранојa е инстинкт или мисловен процес кој е под силно влијание на вознемиреност или страв, честопати до степен на заблуда и ирационалност. Параноичното размислување вообичаено подразбира страв од прогон или убеденост дека има некаква завера против самиот себеси“, кажа Ковачевски по што додаде: „Изнесувањето лажни обвинувања и општата недоверба кон луѓето исто така честопати се дел од паранојата. На пример, параноична личност може да се убеди себеси дека некоја случка била намерна кога според повеќето луѓе станува збор за несреќа или случајност. Ви благодарам“.
Возврати пратеникот и лидер на Левица, Димитар Апасиев.
„Премиере Ви благодарам на дијагнозата. Епиктет (антички филозоф) во еден свој прирачник вели: „Кога за Вас кажуваат лоши работи, немојте да се обидувате да се браните туку речете им на вашите непријатели дека само толку ли знаете, па уште кога ќе дознаете уште повеќе кај ќе ви биде крајот“. Јас ги разбирам вашите напишани панаѓирици во одбрана на безбедносните служби кои ги злоупотребувате за пресметка со вашите политички непријатели – но не се надевав дека на прашање кое не го знаете вие ќе излезете со напишан говор во кој ќе ми дадете дијагноза. Веројатно вие сте го виделе спикерскиот лист на говорница, па сте рекле: „Аа па ќе си спремам една дијагноза“. Јас предавам историја на право, па знаете Атињаните кога отишле кај Спартанците и такви благоглаголиви со напишани говори како Вас, Спартанците биле практични луѓе и рекле: „Абе ние крајот не го разбравме оти почетокот го заборавивме“. Па така и вие. Јас за едно Ве прашувам, вие за десетто ми одговарате. Прашањето беше за „Пегасус“, дали користите шпиунски софтвер, Вие ми мешате молотови коктели, дијагнози, баби и жаби“.
Апасиев не беше задоволен од одговорот, па допраша: „Како тогаш нѐ прислушувате, со кои софтвери, преку кои структури, преку комбиња ли, како?“.
„АНБ не користи ‘Пегасус спај веар’ софтвер. За целата работа на АНБ како пратеник, можете да се информирате преку комисијата за надзор на безбедносните служби која ја води пратеник од опозицијата и ги има на располагање сите директори на безбедносните служби. И да повторам уште еднаш: „Паранојa е инстинкт или мисловен процес кој е под силно влијание на вознемиреност или страв, честопати до степен на заблуда и ирационалност. Параноичното размислување вообичаено подразбира страв од прогон или убеденост дека има некаква завера против самиот себеси. Изнесувањето лажни обвинувања и општата недоверба кон луѓето исто така честопати се дел од паранојата. На пример, параноична личност може да се убеди себеси дека некоја случка била намерна кога според повеќето луѓе станува збор за несреќа или случајност“, повторно одговори Ковачевски.