Македонија
Апелација му одреди домашен притвор на Мухамед Зеќири
Мухамед Зеќири излегува од затворот во Шуто Оризари. Ова е одлуката на скопска Апелација, која е донесена денеска. Нему му е одреден куќен притвор, а од Инфективната клиника во Скопје, каде што престојува речиси месец, ќе биде пренесен во затворот, па со полициска придружба на домашна адреса во Чаир. Апелациските судии го сменија мислењето откога Зеќири заврши на болничко лекување, а во преостанатиот дел адвокатите на Зеќири посочија исти околности поради кои бараа да се укине ефективниот притвор.
„За осомничениот е одреден куќен притвор. Одземен му е и пасошот“, велат од Апелација.
Засега не е познато кога ќе го пуштат Зеќири од болничко лекување. Тој сè уште се наоѓа на Инфективната клиника во Скопје. Точната дијагноза остана непозната за јавноста. Адвокатот Александар Трајковски, еден од тројцата бранители на Зеќири, посочи дека здравјето на осомничениот е сериозно нарушено. Трајковски посочуваше: „Некои од здравствените проблеми ги имаше, други се појавија во затворот. Комуникацијата со него стана тешка, беше под седативи“.
Обвинителката Катерина Коларевиќ од медиумите дознала дека осомничениот не е во затворот во Шуто Оризари. Судот не ја известил дека тој е на лекување. Па, така, ниту таа не знае која е точната причина што Зеќири еден месец пред да си оди дома се лекува на Инфективната.
Меѓу причините со кои се бараше укинување на ефективниот притвор е тоа што Зеќири тврди дека секогаш соработувал со органите на прогонот, има фамилија во Македонија, дека ако сакал да бега, имал една и пол година за тоа, дека не може да влијае на сведоци, кои и за Обвинителството се непознати. За тврдењето на Обвинителството дека Зеќири може да избега бидејќи родителите на неговата сопруга живеат во Германија, осомничениот имаше кажано: „Тие живеат со нас, во Македонија, не се во Германија“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Апасиев: Семејното насилство да се казнува повеќе од обичното, итно е потребна радикална реформа на заостанатите Центри за социјална работа
„Како што дрска кражба се казнува повеќе, а не помалце од обична; како што убиство со умисла се казнува повеќе, а не помалце од убиство на миг; така и семејно насилство треба да се казнува повеќе, а не помалце од обично насилство – оти една од основните функции на семејството е заштитната! А каква “заштита” имаш ако дома маж ти те тепа секој ден?“, пишува претседателот на Левица, Димитар Апасиев на социјалните мрежи.
Тој порача дека „под итно е потребна радикална реформа на заостанатите Центри за социјална работа, кои се напикани со неспособни и нестручни партиски штабци! Под итно!!!“
Македонија
Максо е платеник на ВМРО кој за свои лични и бизнис интереси со ЗНАМ сакаше да го уништи СДСМ одвнатре, велат од СДСМ
Максим Димитриевски – Максо го гледаме како кука по телевизија, како да не е дел од криминалната власт, велат од СДСМ.
„Максо е платеник на ВМРО кој за свои лични и бизнис интереси со ЗНАМ сакаше да го уништи СДСМ одвнатре, но не му успеа.
Очигледно сега, кога граѓаните знаат дека бил кукавичко јајце и дека ЗНАМ како партија повеќе нема никаква поддршка од граѓаните, бара да си ги наплати своите „заслуги“ за ВМРО-ОКГ.
Дури Максо зборува и за Груби, дека е дома, во куќен притвор, а неговиот шеф Мицкоски стои позади тој дил.
Што глуми Максим Димитриевски?
Или не му дале некој нов тендер па мора малку да плаче по телевизија за да го добие?
Како оној во Пошта, од 1,2 милиони евра што го доби фирма блиска до ЗНАМ во време кога вработените не можат навреме ниту плата да поделат“.
Максим, додаваат од опозициската партија, е познат по тоа што јавно призна дека не живее од плата.
„Затоа не мисли тој на работниците и тоа што тој и неговата влада одбиваат да им ја покачат минималната плата на 600 евра.
За тоа не се жали Димитриевски, не знае што е плата и како е да се преживее од први до први во месецот, како што се мачат над 200 илјади работници.
Сè е приватен бизис во тендер коалицијата ВМРО-ОКГ/ЗНАМ, никој од нив не живее од плата, само од тендери“.
Македонија
Општина Аеродром објави јавен повик за доделување признанија за особени достигнувања
Општина Аеродром објави јавен повик за доделување признанија за особени достигнувања во областа на науката, уметноста, спортот, образованието и заштитата на животната средина.
Признанијата се доделуваат за остварувања во претходната и тековната година, како и за подолг период на работа и творештво, вклучително и постхумни награди.
„Кандидатите можат да се пријават лично или да бидат предложени од правни и физички лица.
Рокот за поднесување пријави е седум работни дена од денот на објавувањето на повикот.
Пријавите се доставуваат по пошта на адреса: Општина Аеродром, бул. „Јане Сандански“ 109Б, 1000 Скопје, или лично во архивата на Општината, секој работен ден од 9:00 до 15:00 часот.
Подетални информации и потребните обрасци се достапни на: http://aerodrom.gov.mk/vest/9566“.

