Македонија
Арсенал илегално оружје и муниција пронајдени кај скопјанец, поведена истрага
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривични дела – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи од член 396 од Кривичниот законик.
При претрес во домот во кој престојувал осомничениот 29-годишник на улицата “Благоја Паровиќ” во Скопје, било пронајдено поголемо количество огнено оружје, муниција и експлозивни материи кои на граѓаните им се забранети и тоа: автоматска пушка со калибар 7,62×39 мм, четири рамки со 120 куршуми и уште дополнителни 779 куршуми боева муниција од истиот калибар наменета за испалување од автоматски, полуавтоматски пушки, митралези, пушкомитралези и репетирачки пушки. Биле пронајдени и 3 рамки со вкупно 51 куршум со калибар 9 мм Para и уште 136 куршуми од тој калибар наменети за испалување од автоматски огнени оружја и полуавтоматски пиштоли. Потоа биле откриени и 31 куршум боева муниција со калибар 7,65 мм, која исто така се користи за автоматски и полуавтоматски оружја, како и рачна граната од моделот РГД 5, која е од офанзивен тип со ефективно убиствено дејство од 15-20 метри и ранувачко дејство до 30 метри.
Покрај ова оружје, муниција и експлозивни направи кои се целосно забранети за граѓаните, тој во домот без дозвола држел и огнено оружје кое било преправено – пиштол ZORAKI М 906-B со кој било овозможено истрелување на проектили од куршуми од боева муниција со кал.7,65 мм, пневматски пиштол марка SIG SAUER M17 наменет за истрелување на топчести проектили со калибар 4,5 мм, полуавтоматски пиштол RANGER RA9, како и 51 куршум со калибар 9 мм P.A.K. наменета за предизвикување звучен-сигнален ефект при испалување од оружје за светлосно-звучна сигнализација. Целото пронајдено илегално оружје и муниција се одземени од осомничениот.
Поради опасност од бегство и можност да го повтори делото, јавниот обвинител до Судот достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска дел од Илинден и Центар
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08:00 до 13:00 часот, корисниците од улицата 8, улицата 18, општина Илинден;
· во периодот од 08:30 до 12:30 часот, корисниците од Хотел Буши, дел од улицата Самоилова, дел од улицата Јоаким Крчовски, дел од улицата Прохор Пчински, дел од улицата Алберт Станиќ, општина Центар.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на улицата 8 -ма Ударна Бригада 39, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица, вклучително и објектот на Амбасадата на Р.Италија, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Наутро ведро и студено, во текот на денот сончево
Наутро ведро и студено, а во текот на денот сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 14 до 20 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност и со слаб северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на стабилно и суво време со постудени утра и со услови за утринска магла по одделни котлини. Во текот на денот ќе преовладува сончево време со мала до умерена облачност. Дневните температури ќе бидат без значителна промена.

