Македонија
Арсовска: Министерката за култура успеа самата себеси да се побие и не одговори на ниедно прашање

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска успеа самата да се побие и не одговори на ниту едно прашање коешто беше поставено, изјави градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
„Одговори нема на ниту едно од поставените прашања, само широка плејада на напади со манипулатвни изјави. Министерката најави дека ќе ме тужи за прашање коешто го поставив вчера, а на ниту едно не одговори. Вчера прашав зошто ако министерката осознала за пожарот пред 9 часот истото не го пријавила. Таа лично во изјава истакна дека осознала за пожарот нешто пред 9 часот. Првото јавување во бридатата од случаен минувач дека има пожар е во 9.50 минути, по што противпожарната бригада веќе во 9.55 минути е на лице место. Самата ја побива своја изјава“, рече Арсовска.
Градоначалничката уште еднаш ги повтори прашањата кои беа упатени на вчерашната прес-конференција, и повика Министерството да каже каде, кога и од кого е осигуран проектот за Универзалната сала, на која вредност и за кој случај на настанување на штета.
„Добивме напади, закани, закани за тужби. Заканите нема да пројдат“, рече Арсовска.
Градоначалничката додаде дека две години укажувале дека по тој проект за реконструкција на Универзаланата сала, кој некој друг го примил во Градот Скопје во 2021 година, во месец март, по којшто распишал јавна набавка и отпочнал со реализација е увидено уште во првиот месец дека е невозможно да се работи.
„Позитивното мислење за сеизмичката заштита е укинато од страна на ИЗИС на 02.11. и покрај тоа што министерката сакаше да каже дека тогаш јас сум била градоначалник, за жал не и е добро пренесено на кој ден имам стапено на оваа функција и кога сум осознала за тој договор“, рече Арсовска.
Заклучи дека е суштински да се знае по кој проект работело министерството и изведувачот на терен, кој бил управителот на градба и кој бил надзорот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.